Мене ми е хоби да им помагам на децата што немаат услови за живот – ХУМАНИОТ Али НЕ ги прекинува своите мисии
Откако деновиве неколку интернет медиуми објавија дека скопјанецот Али Февзи решил да се повлече од својата хумана мисија, се огласи и тој на социјалните мрежи.
Имено, Али кој деновиве беше избран и за Маж на годината за 2020 и кој со својата хуманитарна мисија шири љубов и сака барем малку да им помогне на оние кои имаат несреќен живот, неодамна на неговата Фејсбук страница „Хуманитарна организација – Биди Али“ појасни дека повеќе не може да опстане сам да им помага и да ги усреќи сите оние што имаат тажни судбини. И тој е разочаран што не може да им помогне на сите, но најмногу што неговиот пример не го следат и останатите, оние што имаат повеќе…
Како што самиот изјави претходно, повеќе нема сила, бидејќи само 3 часа спие на ден, а работи и како бербер, и не може да постигне да им помогне на сите. И како што вели и самиот, многу луѓе бараат помош од него, но кога ќе мора некој да одбие, затоа што нема за сите, станува лош. И бидејќи не сака да биде лош, односно не може да им помогне на сите на кои им е потребна помош, решен е да ја истурка до крај мисијата со бебето, да го прати на операција, и потоа да прекине, затоа што сам без финансии не може да опстане.
Откако овој негов статус го привлече вниманието на јавноста, Али повторно се огласи, па го напиша следново:
Добро утро и убав ден на сите
Видов вчера некои пишуваат дека се тргам од хуманоста, но јас не се тргам од хуманоста, не ни можам, тоа ми е хоби во срцето, да помагам на деца што немаат услови. Јас реков доколку не најдам поддршка од луѓе што стварно имаат хумано срце да ми помогнат, што се помоќни од мене да отворам хуманитарна организација, тогаш ќе се повлечам и јавно нема да помагам. Ќе помагам со свои средства, можеби нема да биде на ден со 30-40 пакети храна, ќе биде со 4 пакети храна на ден, тоа и ќе биде. Хуманитарец сум и дур сум жив ќе бидам хуманитарец. Да сте ми живи и здрави, сите ве сакам, поздрав, напиша Али денес на својот профил на социјалните мрежи.
Инаку, Али е во брак со својата сопруга и немаат деца. Парите што ги заработил во Виена веќе ги потрошил, од кои најголемиот дел секако за хумани цели, а моментално заработува од едно дуќанче на татко му. Тој самиот за себе вели дека е еден сосема обичен човек, а решил да сврти нова страна во животот откако се вратил од Виена, каде бил на печалба, и кога му се случила несреќа.
Тој доживеал трагедија – пожар, која за малку ќе го чинела живот. Бил во кома, но за среќа само неколку дена, а откако се разбудил решил само едно – да им помага на оние на кои помошта им е потребна најмногу.
Токму затоа го продал и вториот џип, само за да може да им помогне на сите. Но секако дека сам тоа не може да го стори, но затоа на сите ни покажа дека за хуманоста не треба да имаш само пари, туку и гоооолемо срце.
А овој човек, по професија бербер, кога е срцето во прашање, е „најбогатиот“ меѓу сите нас. И кога сите барем малку би го следеле неговиот пример, повеќе од сигурни сме дека овој свет би бил многу подобро место за живеење.
Погледнете ги фотографиите и неговите хумани дела, па кога еден човек сам може толку многу да направи, крајно време е и ние да почнеме да си помагаме, кој колку може, што е многу подобро отколку да се далиме и мразиме…