Реклама
Интервју

„Мајка ми ме научи како се работи и шие на машина“

Реклама

Интервју со дизајнерот Мите Занов

Со младиот македонски дизајнер Мите Занов кој стои зад модниот бренд „ZANOV“ поразговаравме кои трендови се хит ова лето, но и за неговата естетика и за какви жени се наменети неговите креации. Тој последната колекција „Dedicated“ ја работеше во доста тежок емотивен период, во година кога ја изгуби својата мајка, и не случајни колекцијата ја посвети токму на неа – на жената која беше неговиот херој и која го научи како се работи и шие со машина ..

Кои се Вашите први допири со модата?

Откако знам за себе, модата за мене претставувала феномен којшто секогаш ме восхитувал, ме мотивирал да мечтаам, ме маѓепсувал. Растев гледајќи ги колекциите и ревиите на Александар Меквин и Џон Галијано и со сјај во очите, целата таа драма, фантазија, магија, во мене создаваше уште поголема желба, дека тоа е тоа што ме восхитува и дека тоа е професијата, со која сакам да се занимавам, иако морам да признаам дека таа самата ме одбра мене.

Маркетинг

Отсекогаш сум цртал, креативно сум ги изразувал моите мисли, емоции, и иако првите допири со модата се уште од порана возраст, физички најблиски беа во деновите кога бев 14 години, кога за прв пат мајка ми ме научи како се работи и шие на машина. Желбата понатаму да продолжам на студии по Моден Дизајн, од ден на ден се повеќе и повеќе растеше, така што мојот избор на професија воопшто не беше изненадување за никој.

Маркетинг

Кога решивте да започнете самостојна кариера и да ја започнете приказната со Вашиот сопствен моден бренд?

Во текот на студиите а и по нив, работев на повеќе проекти, како дизајнер во групни ревии, стилист, асистент костимограф, во и надвор од државата, работа со клиенти и сите овие предизвици ме научија на одговорност, стабилност и уште поголема љубов кон она што го работам, така што чувствував сигурност да го направам следниот чекор, да започнам самостојна кариера, да ја создадам мојата прва авторска колекција “The Naked Dawn”, во 2015 година, и така се роди “ZANOV”.

За какви жени се наменети Вашите модели?

Иако се класифицирам како дизајнер за женска облека, сепак дизајнирам облека за личности, без разлика на пол, раса или националност.

Можам слободно да кажам дека моите модели се наменети за смела личност, личност која од една страна е сензуална и нежна, а од друга страна зрачи со самодоверба, сексапил и храброст.

Вашите колекции се изработени од врвни материјали – но покрај квалитетот што друго сметате дека е Вашиот заштитен знак?

Уникатноста, трпеливоста, малите детали на кои посветувам големо внимание и најмногу љубовта која ја вложувам во секоја одредена креација.

Обожавам рачна изработка, манипулација на материјалите, игра со јаки бои, контраст во материјали и начинот на создавање на модели, во кои нема класично шиење со машина. Секако кога би требало да издвојам едно нешто кое сметам дека е мој заштитен знак, тоа е моќта која секоја креација ја има во себе.

Како би ја опишале вашата естетика?

Сензуална, минималистичка, нестандардна, своја…. навистина не би можел да ја опишам во неколку зборови.

Дали Вашите модели би ги опишале како спој на модерното и класичното?

Можам слободно да кажам да. Голем љубител сум на високата мода, и на начинот на кој работат атељеата за висока мода во Париз. Ја сакам класиката и традиционалноста во изработката, но од друга страна вметнувам новитети, во однос на визија, избор на материјали и нивна обработка.

Дали соработувате со некои наши познати дами и какво е Вашето искуство во работата со ѕвездите од овие простори?

Сум соработувал со доста наши познати дами. Би ги споменал Тамара Тодевска, Јана Бурческа… и со секоја од нив искуството е различно, во секој случај позитивно. Сепак и тие се обични луѓе, а јас ги доживувам како и секој друг клиент.

Со која од светските ѕвезди би сакале да соработувате?

Ги има многу… би ги издвоил Шарлиз Терон, Коко Роча, Никол Кидман, Бела Хадид, Езра Милер…

Што е хит за ова лето?

Не пратам модни трендови кои налагаат бои, форми, дезени… но сепак, летото налага поживи бои, лесни материјали и смели комбинации.

Освен во Македонија, дали и во некоја друга земја се обидувате да ги претставите и продадете Вашите креации?

Тоа е следен чекор за развој на брендот. Во преговори сум за изработка на веб сајт, преку кој ќе се врши онлајн продажба, но сепак сеуште е рано да зборувам за тоа.

Во Вашата последна колекција имате модели кои го одземаат здивот. Колку време работевте на истата и од каде црпите инспирација?

Ви благодарам. Последната колекција “DEDICATED”, е колекција која ја чувствувам најблиску до себе и дефинитивно е нешто за кое можам слободно да кажам дека го претставува вистинскиот јас. Ја работев во доста тежок емотивен период, во година кога ја изгубив мајка ми и не случајно колекцијата ја посветив за неа. Секоја креација, претставува посебна емоција која сум ја чувствувал, и владеела со мене додека сум ја создавал. Токму поради тоа, инспирацијата не ја извлеков од посебни форми, архитектура или слично, тука ја најдов длабоко во себе. Временски, техничкиот дел се изработи за 3 месеци, но замислата за идејните решенија и скиците беа направени 5 месеци претходно.

Кажете ни дали наскоро треба да очекуваме нешто ново од Вас?

Официјално можам да откријам дека работам на нова колекција, која верувам ќе биде големо освежување на македонската модна сцена. Очекувајте ја за брзо.

Што е она што не Ви се допаѓа од модната сцена во Македонија?

Недостига уникатност, слобода и смелост од аспект на дизајн. Сметам дека голем дел од дизајнерите имаат најдено своја комфорт зона и се следат одредени правила кои дефинитивно треба да се рушат.

Што мислите за моменталната состојба во Македонија кога е модата во прашање. И што треба да направиме за ситуацијата да биде подобра?

Најважна е слободата во изразувањето. Во Македонија за жал нема соодветни платформи за презентација и пласирање на работата на младите креативци. Сметам дека тоа е резултат на недоволната академска и критичка поддршка, со цел да се овозможи напредок, индустријата и институциите мора да функционираат хармонизирано.

Подготви: Ерина Богоева

Поврзано

Back to top button