За да може коронавирусот да се држи под контрола, луѓето ќе мора да живеат под рестриктини мерки уште две или повеќе години, смета научник од швајцарскиот штаб за борба против вирусот.
Епидемиологот и експерт за јавно здравје Матиас Егер во разговор за локалниот весник NZZ am Sonntag рече дека се надева дека масовна вакцијација ќе почне за година дена, но предупреди и дека ќе има уште препреки.
Егер укажа дека засега слабо се познава вирусот и дека можно е да бидат откриени нелагодни новитети кои ќе го успорат и искомплицираат развојот на делотворни и сигурни вакцини.
Експертот предупреди дека луѓето и натаму ќе мора да носат маски, да ја почитуваат хигиената и меѓусебната дистанца за да биде под контрола ширењето на вирусот.
Во пресрет на отворањето на училиштата во Швајцарија на 11. мај, Егер им порача на родителите дека не треба да се грижат зошто не постојат прецизно документирани случаи во кои деца заразиле возрасни и речиси ниту еден случај на зараза меѓу децата во таа земја.
– Податоците засега покажуваат дека децата не играат голема улога во ширењето на вирусот, истакна Егер, но не отфрли дека заразата од деца е можна, па ги замоли родителите да бидат внимателни.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц пак во интервју за швајцарски „Блик“ изјави дека вториот бран од коронавирусот е реално сценарио, но се покажало дека раната реакција го спречила најлошото.
Курц посочи дека отворањето на првите продавници немало негативни последици по бројот на инфекции, кој сè уште е под 100 дневно.
На прашањето кога Швајцарците ќе можат повторно да одат на одмор во Австрија, Курц одговори дека ова може да се процени во наредните недели.