Реклама
Интервју

Марија Спасовска: Времето брзо поминува, а добрите дела остануваат!

Реклама

Интервју со Марија Спасовска

„Моите родители ме поддржаа да го следам својот сон, и за тоа сум им бескрајно благодарна.“

Талентираната Марија Спасовска е ученичка во Средното училиште “Раде Јовчевски – Корчагин“ има 15 години  покрај тоа што е млада чекори цврсто на нашето музичко естрадно небо.

Марија има богато музичко искуство. Има издадено свое ЦД со вкупно седум соло песни и освоени и две втори награди на настапи во Минск, Белорусија и во Струга.

Маркетинг

Марија на 13 години имаше  чест да пее и на Детскиот Евросонг каде одлично се претстави со песната „Дома“.

Маркетинг

Но таа не застана тука, па продолжи да снима нови песни со кои се повеќе и повеќе станува препознатлива кај публиката.

Покрај пеењето, Марија сама ги пишува своите песни и досега има соработувано со голем број на професионалци од светот на музиката.

Таа за Гламур магазин ќе ги открие нејзините идни планови поврзани со музиката, но ќе позборуваме и за тоа од кој ја добива најголемата поддршка и како ги поминува своите средношколски денови во пандемијата.

Текстот од песната „Сакам“ е твој, а публиката ја воодушеви и со тоа што во спотот им се обрати на лицата со оштетен слух преку нивниот знаковен јазик – што те инспирираше да го направиш тоа?

Да. Текстот на песната  “Сакам” е мое прво објавено дело како текстописец. Пораката која сакам да ја пренесам преку песната е универзална: Да им кажам на луѓето дека времето брзо поминува, а добрите дела остануваат. Да гледаме со срцето и да ги исчистиме очите од бедата и од лошите мисли.. Врз основа на овој мотив кога се разговараше за темата на спотот ми дојде идеја да употребам знаковен јазик за да ја пренесам оваа универзална порака до сите, па дури и до оние кои не можат да ме слушнат. Така се случи и потребата да научам неколку знаци од знаковниот јазик за да можам да го употребам при снимањето на спотот. Навистина знаковниот јазик си го пронајде местото во спотот, а сето тоа беше одлично прифатено од целокупната македонска публика.

Освен што пееш и создаваш текстови за твои песни, дали пишуваш и за други изведувачи?

За сега сум напишала текст само за моја песна, меѓутоа тоа не значи дека во иднина нема да пишувам текстови за други изведувачи. Се трудам  да бидам комплетен автор на песните во иднина. Во моментот имам неколку готови текстови и музика за нив. Веќе со Дарко Димитров работиме на аранжманот на новата песна во која јас ќе се појавам како автор на текстот и музиката. Секако дека можам да пишувам и за други изведувачи. Нека ми се обратат, сигурно ќе создадеме ново дело за македонската публика.

Настапи на Детскиот евросонг со песната „Дома“, кое е твоето искуството од овој фестивал?

Учеството на еден таков спектакл каков што Детската Евровизија дефинитивно беше моето најголемо искуство до сега. Чувството кога стапнуваш на таа евровизиска сцена е неверојатно, неописливо. Од Минск имам прекрасни моменти и споменти кои ќе ги паметам засекогаш. Детската евровизија и мојот настап на истата ми отвори многу врати од аспект на музиката и пријателството. Се‘ уште се свежи сеќавањата и се‘ уште ми пристигнуваат пораки на социјалните мрежи за мојата песна “Дома” и мојот настап на Детска Евровизија.

Голем професионален тим застана зад тебе и на „Евросонг јуниор“, но и на следните проекти. Па какво е чувството да се работи со големи музички имиња како што се Дарко Димитров, Чедо Поповски, Роберт Билбилов и Елена Ристевска?

Мене ми е навистина чест и задоволство што имам можност да работам со најголемите ѕвезди со оглед на мојата возраст и тоа што јас се` уште почнувам да ја градам својата музичка кариера. Но, благодарна сум им за тоа што тие ми дадоа огромна поддршка, ме советуваа и ми помогнаа од секој аспект. Пресреќна бев кога Дарко Димитров им прифати на МРТ да ќе направи песна за дете од 13 години, колку што имав кога ја претставував Македонија на Детската Евровизија. Како вчера да беше кога ме повика во студио за да ме преслуша и да оцени дали може да направи песна за мене. После првото преслушување добив позитивни критики и ја добив најубавата песна “Дома”.

За песната “Сакам” соработувавме со Роберт Билбилов и направивме успешен заеднички проект. Сега повторно соработувам со Дарко за новата песна која наскоро ќе ја слушне македонската публика.

Која ти е најголемата поддршка?

Мојата најголема поддршка се секако моите родители, моето семејство. Без нив јас веројатно немаше да бидам тоа што сум сега. Тие ме поддржаа да го следам својот сон, а за тоа сум им бескрајно благодарна. Јас во ниту еден момент не се откажував и не се откажувам од упорноста да постигнам повеќе во областа на музиката, а моите родители во ниту еден момент не ме спречија, туку напротив ми обезбедија услови за да можам да напредувам.

Дали имаш некој идол или некоја личност чиј успех сакаш да го достигнеш?

– Имам идоли, Тоше и Калиопи ми се дефинитивно најголемите идоли, меѓутоа не посакувам ничиј успех, сакам свој сопствен пат на кариерата кој потоа ќе биде инспирација за други млади таленти со желба за успех.

Поради музиката и кариерата дали твоето детство е исто како и на твоите врсници?

Не можам да кажам дека е лесно затоа што има некои периоди во кои обврските се преголеми, меѓутоа со добро организирање на времето, се` може да се постигне. Се трудам сите работи да ги ставам во нормала, сакам да се дружам, да спортувам, но имало ситуации кога морам да отсуствувам од некое прекрасно дружење заради настап или некој натпревар за кој морам да се подготвувам повеќе. Еве на пример пред настапот на Евровизија немав можност да играм ракомет со мојот тим, седев на клупа за да не бидам случајно повредена на натпреварите.

Имаш нова песна која ја работеше со Дарко Димитров, ќе ни откриеш за каква песна станува збор?

Да, спремам нова песна, се` уште не е готова, меѓутоа се надевам дека ќе излезе до крајот на годинава. Песната ми е многу драга, затоа што за прв пат се појавувам како автор на музика и текст.

Добив идеја за музика и текст, ја добив и поддршката од Дарко за продукција и аранжман и сега останува на доработките и објавувањето на новата песна. Јас сум сигурна во неговите критериуми за добра музика и очекувам дека ќе направиме прекрасна песна која ќе им се допадне на сите слушатели.

Оваа година се запиша во средното училиште, но за жал твојата генерација немаше прилика да седне во училишните клупи заради пандемијата. Како се снаоѓаш со оналјн наставата?

Да, оваа година се запишав во средно училиште, прва година сум во гимназијата СУГС “Раде Јовчевски-Корчагин” и навистина ми е жал што не ја доживеав еуфоријата за започнување во средно училиште, меѓутоа со онлајн наставата се снајдов сосема солидно. Со голема надеж чекам да се вратиме во училиште, а верувам тоа е желба на сите мои врсници.

Како Марија се гледа за 10 години?

Вообичаено не практикувам да гледам далеку во иднината со големи очекувања, затоа што некогаш се случува тие очекувања да се претворат во разочарувања, така што немам некоја конкретна визија за тоа што и како би правела јас за 10 години. Единствено што се надевам е да бидам опкружена со моите најблиски и да сум успешна во тоа што во тој момент ќе го правам, односно се надевам на успешна музичка кариера.

Весна Петровска

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button