Марија Петровска „Среќна сум што растев во време кога немаше паметни телефони, Тик Ток и инфлуенсери“
Ја паметиме како една од најзабавните новинарки во нашава земја, долги години беше дел од тимот на естраднот магазин Бекстејџ. Но љубовта си зема замав, па така Марија Петровска се одлучи да се пресели кај својот љубен Михаил во Словенија. За животот, кариерата, но и за она што и недостасува од Македонија прочитајте од интервјуо во продолжение…
Најголема предност и мана од професијата со која се занимавате?
Работам како асистентка на директорката на Заводот за култура во Марибор – Standupsi.com. Се занимаваме со организација на стенд-ап настапи не само во Словенија, туку и на Балканот и во цела Европа. Соработуваме со повеќе од 60 комичари. Моите обврски вклучуваат од наоѓање на локација и букинг, преку графички дизајн, монтажа на видеа и реклами, маркетинг, до управување со профили на социјалните мрежи.
Стенд-ап комедијата како жанр последниве години е многу популарна во Словенија. Покрај јавните настапи и стенд-ап фестивали кои редовно ги организираме, имаме и се повеќе клиенти, кои се одлучуваат своите приватни дружења, службени забави, свадби, родендени итн. да ги збогатат со краток стенд-ап настап. Нарачателот никогаш нема директен контакт со комичарот, се оди преку нас. Тоа значи дека не смеам да го исклучам телефонот додека не заврши последниот настап во денот. Тоа е можеби маана.
Од друга страна, најголемата предност е тоа што работам од дома, што значи дека сама си го кројам денот, во зависност од обврските.
Веќе петта година како живеете во Словенија, како се пронајде Марија во словенечкиот начин на живот и култура?
Изненадувачки лесно. Добро, да не се лажеме, нормално дека на почетокот доживеав културен шок. Се преселив во земја во која познавав буквално само еден човек. Не го знаев нивниот јазик, обичаи, култура. Но, благодарение на поддршката и љубовта на Михаел и неговото семејство, навистина брзо се адаптирав.
Пет години подоцна, можам слободно да кажам дека ја обожувам Словенија и тука се чувствувам како дома.
Каква е моменталната ситуација во Словенија во поглед на мерките кои се превземени за пандемијата предизвикана од Корона вирусот?
Во моментов кога го пишувам ова, се очекува да се донесе одлука за задолжителен 14-дневен карантин за сите кои се враќаат од Хрватска. Тоа предизвика гнев кај населението, со оглед на тоа што секој втор Словенец летува во Хрватска и заради карантинот многу луѓе може да останат без работа.
Актуелна мерка е задолжителното носење на маски во затворен јавен простор. Во многу бутици се затворени гардеробите и не е дозволено пробување на облеката.
Дружењето е ограничено на 50 луѓе за приватни настани и 500 луѓе за јавни настани (концерти, представи, фестивали). За секое збирање до 50 луѓе, организаторот треба да има список со лични податоци на сите гости, кој мора да го чува еден месец и доколку кај некој од присутните во тој период се појават симптоми на коронавирус, истиот е должен да го достави до надлежните служби. За јавни настани над 100 луѓе, организаторот мора да добие посебно одобрување од Институтот за јавно здравје, сцената мора да биде 4 односно 6 метри оддалечена од публиката, меѓу секој стол и маса да има растојание од 1,5 – 2 метри.
Што најмногу ви недостасува од Македонија?
Знам дека ќе звучи како клише, ама најмногу ми недостигаат семејството и пријателите. Моите живеат во Тетово, брат ми на Малта и ретко имаме можност сите да се собереме на едно место. Короната годинава уште повеќе ни ги искомплицира плановите.
Ми недостига и мирисот на липите во Скопје, ајварот на мајка ми, спонтаните дружби, кафеаните, мезењето …
Каква е Словенија и каков народ се словенците?
Словенија е како разгледница. Зелена, бујна, чиста, средена и едноставно прекрасна. Словенците пак, сосема поинакви од тоа што јас очекував, кога се преселив тука. Добро познат стереотип е дека се „ладен народ“. Јас не би рекла дека се ладни, туку само внимателни кому му дозволуваат да влезе во нивниот круг на блиски луѓе. Ретко кој Словенец кога прв пат ќе ве види, ќе ве покани да седнете со него „на по една“ или ќе ве изгушка и ќе ви ја раскаже целата своја животна приказна. Им треба малку повеќе време да ве запознаат и да се опуштат, но кога еднаш ќе ја добиете нивната доверба се топли, непосредни и навистина многу забавни.
Мислам дека сите мои пријатели кога доаѓаат на гости се пријатно изненадени од топлината и гостопримството на Словенците.
Кои се твоите омилени места во Словенија?
На врвот на листата е дефинитивно Блед и Бледското езеро, за многумина премногу туристично, меѓутоа за мене се уште најубаво. Го обожувам и Бохињ, со задоволство одам во Логарска долина, на Велика Планина … Меѓу најдрагите места ми е и Јеленов гребен, дом на стотина елени и срни, кои слободно се шетаат меѓу туристите и толку се навикнати на нив што без проблем им се приближуваат и им јадат од рака. Морам да ја споменам и Постојнска јама, која важи за една од најатрактивните пештери на светот.
Една од поновите туристични атракции е и Патеката меѓу крошните на Рогла, која нуди мир и спокој меѓу крошните на похорските смреки. Да не го заборавам и Стариот замок во Цеље, градот на цељските грофови и најубавиот божиќен маркет во Словенија.
Што има во Словенија, а нема во Македонија и обратно?
Во Словенија има ред, еко совест кај граѓаните и многу помало влијание на политиката во секојдневниот живот.
Од друга страна Македонија има душа, топлина и чувство на национална гордост. Да го објаснам последново: Словенците освојуваат злато на ОИ, ништо. Ние освојуваме четврто или петто место на Европско, цела Македонија излегува на плоштад. Мене искрено тоа ми се допаѓа, ние Македонците знаеме да се радуваме.
Како се снаоѓа Марија во кујна, знаеш ли некој словенечки рецепт?
Да ме прашавте пред пет години како се снаоѓам во кујна, одговорот ќе беше драстично поразличен. Многу патував, немав време, ниту желба да научам да готвам… Денес гордо можам да кажам дека одлично се снаоѓам. Со задоволство готвам и без страв експериментирам со нови вкусови и состојки. Знам да зготвам речиси се: од наши македонски традиционални јадења (сарма, полнети пиперки, мусака, манџи, тавче гравче, мекици… ), преку современи специјалитети (рижото, говедски стекови, полнети тиквички или сладок копмпир), па се до традиционални словенечки јадења како што се крањски колбаси, крвавици, каша од хељда со чварки и печени свински колбаси или качамак со говедско месо, млинци, динстана црвена зелка со месо од патка и сос од брусница, супа од печурки, похорски омлет…
Најомилена словенечка состојка, без конкуренција, ми е традиционалното масло од тиква, кое не се употребува за готвење туку само за салати и ладни предјадења. Следен предизик ми е да научам да правам словенечка потица, традиционален колач, кој се приготвува за Божиќ и Велигден.
Што ве прави среќна?
Секој нов ден, секоја мала победа или остварена цел, случајна насмевка на улица, патување, добра книга, добра храна, добри луѓе, добра енергија. По природа сум личност, која му се радува на животот и секој ден наоѓам причина за среќа.
Како ја одржувате физичката линијата?
Тешко. Не сум од оние девојки кои нарачуваат салата и пијат само вода. Гурман сум во вистинска смисла на зборот и сакам да јадам, уште потешко е што сега знам и да готвам, не помага ниту фактот што живеам со човек кој готви на ниво на Masterchef, така што се трудам да балансирам со физичка активност.
Имаме среќа што живееме во центарот на Цеље, на само две минути пеш од реката Савиња, затоа секое утро ми почнува со прошетка покрај Савиња. Се трудам и да вежбам со помош на онлајн апликација. Лесно е, едноставно и мене лично повеќе ми одговара отколку класичен фитнес центар.
Што најмногу ви недостасува од детството?
Чувството на безгрижност. Среќна сум што растев во време кога немаше паметни телефони, Тик Ток и инфлуенсери. Мислам дека луѓето тогаш беа посреќни.