Реклама
Интервју

Марија Лозаноска: „Ми недостигаат моментите кога без страв можеш да се видиш со своите сакани луѓе и да запознаеш нови“

Реклама

Многумина ја препознаваат како автор на текстови, но и како сестра на најдобриот машки вокал во земјава, Влатко Лозаноски. Таа е успешен уметник која уметноста ја изразува преку пишување на текстови, музика но и преку рачна изработка на накит. Марија Лозаноска е автор на две книги. За себе вели дека е голем љубител на кафе, сака измени и не е слеп следач на трендовите…

Кога и како се појави интересот за рачна изработка на накит?

Отсекогаш сум ја сакала изработката воопшто, оттука и оригиналноста да имаш парче накит или додаток, нешто што другите го немаат. Уште кога почнав да купувам накит, знаев да го преправам или да спојам два накита претворајќи ги во еден. Желбата за изработка на мои дизајни на накит се роди пред пет години кога и всуншост почнав и да изучувам многубројни техники.

Маркетинг

Од каде ги црпите идеите за создавање на уникатни парчиња?

Од модерното време, од трендовите, од уличната мода, од експресијата на човекот, од уметноста на носењето декорација врз себе, од модите низ вековите, од нашиот, но и од туѓиот фолклор. Никогаш не сум се ограничувала во дизајн, не сум слеп следач на трендовите, но сум љубител на измените.

Покрај тоа што рачно изработувате накит, пишувате книги и текстови, може ли наскоро читателската публика да очекува и нова книга од Марија?

Првиот роман го издадов во 2012 година, а вториот во 2016. Тоа беа дела кои беа пишувани со сите нишани на литературата и како треба да изгледа еден роман со сите негови истражувања и дотерувања, така што не сум од оние кои пишуваат книги во рок од некој месец. Засега нема нова книга на повидок, преокупирана сум со некои други проекти, иако неколку наслови ги имам суредено во фиоките кои ја чекаат светлината на денот. Но, мојата читателска публика, иако е малку жедна за нова книга, сепак успевам да ја напијам со текстовите на блогот Писателката од Лозана кој, за моја среќа, е доста читан.

Маркетинг

Што најмногу ве мотивира во вашата работа?

Задоволството на завршената работа, раѓањето на ново дело, восхитот и поддршката на публиката, шареноликоста која уметноста вооопшто ја нуди, хранењето на умот и душата, подобрувањето на светот, искрената солзичка на читателот и мотивацијата која ним сум им ја дала.

Ве инспирираше ли нешто посебно во овој период, нов начин на живот за сите нас?

За време на ова вонредно време, имав секакви бродоломи од чувства. Чувствував благодарност, па депресија, љубов, па осаменост, инспирација, па демотивација. Како и да е, ова е она време кое е еквивалентно на војна и кое засекогаш ќе биде запишано во историјата, книгите, ќе се пишуваат песни и ќе се раскажуваат приказни со генерации. Токму овие прошетки на секакви чувства и состојби го прават уметникот во вистинскиопт мајстор на својот занает. Верувам дека и јас од овој предизвик ќе излезам како многу подобар човек и создавач.

Што најмногу ви недостасува во ова време на пандемија?

Слободата на умот. Отсуство од страв. Јас сум интроверт, не сум љубител на гужви, но со самото тоа впивам енергии и можам да кажам дека воздухот надвор е загаден од стравот, осаменоста и потиштеноста на народот. Осаменоста е мислам дека на врвот на лошите емоции кои ги чувствуваме оваа година. Најмногу ми недостигаат моментите кога без страв можеш да се видиш со своите сакани луѓе и да запознаеш нови.

Знаат ли во Македонија да ја вреднуваат рачната изработка?

Интернетот и онлајн продажбата направи вистински „бум“ во целиот маркетинг на рачната изработка. Последниве години луѓето како да се едуцираа всушност што значи рачна изработка, дека таа е оригинална, дека тоа е парче со кое треба да се внимава, и на крајот знаеш кој ти го направил. Мило ми е што и изработувачите и купувачите се ослободија и носат сè повеќе рачна изработка. Сметам дека одиме кон вистински правец.

Што ве исполнува и прави среќна?

Кога гледам дека луѓето се културни меѓусебно, си помагаат и се ослободени од ниските страсти. Сакам кога го гледам светот како поубаво место за живеење. Јас сум едноставен човек. Ја сакам и ја проучувам духовноста, верувам во љубов и почитување, се радувам на ситници и сум големо дете. Сакам кога останатите се креативни и кога знаат да подобрат нечиј ден. Сакам да се надградувам и не брзам никаде.

Најубавото нешто што ви се има случено поврзано со вашата работа?

Најпрво благодарна сум за сите таленти што Господ ми ги дал и што ми дава сила сите нив да ги сработам и да имам енергија и мотивација. Секојдневно имам ситни успеси поправајќи нечиј ден, но ако изберам едно, тоа би бил успехот на мојата книжевна страница Писателката од Лозана.

Каков брат е Влатко?

Влатко е едно скромно и размузицирано момче за кое сум благодарна што го имам за брат. Знае да ми помогне секогаш кога треба, паметен е многу во врска со технологија и географија и може од него да се научи многу. Покрај музиката, секако.

Која работа никогаш не сте ја направиле, а сте сакале?

Да бидам пејачка.

Кое е вашето животно мото?

Верувај во себе и кога никој друг не го прави тоа. Само ти знаеш како треба да изгледа твојот живот.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button