Македонска русокоса дива што цела Југославија ја сакаше – погледнете каква убавица беше во младоста
Во сеќавање на Љупка Арсова Џундева (1934 - 2018)
Таа беше тивката македонска актерска дива и долги години беше миленичка на театарските режисери во Македонија.
Со нејзината безвремена убавина и милозвучен карактер важеше за една од омилените актерки, а нејзината романтична појава на сцената и жестокиот став што го имаше во комбинација со оној „икс фактор“ заради кој публиката ја обожаваше, кога ќе се појавеше на театарските штици никого не оставаше рамнодушен.
Љупка Арсова – Џундева играше во првиот македонски филм „Фросина“, а се прослави со улогата во првата македонска комедија, „Мирно лето“ на Димитрие Османли, како и по улогата на Гина во култниот филм „Македонска крвава свадба“ (следната фотографија).
Македонска крвава свадба
Љупка во улога на Гина во една од најтешките сцени од Македонска крвава свадба, додека го измачуваат нејзиниот брат (актерот, Драги Костовски) од страна на дервишот (актерот, Дарко Дамески) барајќи ја нејзината чест во замена да го ослободи нејзиниот брат.
Покрај овие култни филмски улоги, Љупка глумеше и во бројни театарски претстави, телевизиски драми, монодрами и радиодрами, а во текот на животот беше добитничка и на многу награди и признанија меѓу кои награда за животно дело „11 Октомври“, награда за животно дело „Војдан Чернодрински“ и награда „13 Ноември“ на град Скопје.
Љупка припаѓа на генерацијата глумци кои ја завршија Државната театарска школа во Скопје, а ќе биде дел од ансамблот на Драмата при Македонскиот народен театар од 1951 каде ќе работи до пензионирањето во 1990 година, а и потоа ќе продолжи да биде активна во театарскиот живот, речиси се до нејзината смрт, во 2018 година.
Тивката македонска дива која своето детство ќе го помине во близина на градскиот парк каде што и живеела, својата последна улога ќе ја има на сцената на МНТ во 2015 година, како Маринам во култната театарска претстава „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.
Неколку месеци по нејзината смрт во нејзина чест на репертоарот во Кинотеката на Македонија се најде црно-белиот филм „Мирно лето“, кој всушност е првата македонска комедија снимена во 1961 година. Покрај Љупка која во филмот ја игра убавата русокоса Мира Мишеска, во овој филм во режија на Димитрие Османли улогите ги толкуваа Дарко Дамевски, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Мери Бошкова, Петре Прличко, Слободан Перовиќ, Стојка Цекова.
Во филмот, младиот научен работник Заре Мисевски и неговата сопруга Мира живеат во изнајмена соба како потстанари, постојано изложени на вознемирувања и љубопитност на соседите.
Мирно лето, 1961
Во вакви околности, на Заре му се доделени клучевите на Етнографскиот музеј во Охрид, заради негово средување, што за семејството Мишески значи бегство во една преубава оаза на мир и тишина, за време на трите летни месеци, колку што треба да престојуваат во Охрид…
Неколку сцени од овој култен филм, погледнете во продолжение: