Македонија се подготвува за пикот на епидемијата на коронавирусот, еве кога може да се очекува и како ќе се реагира
Во исчекување на пикот на епидемијата на коронавирусот во Македонија, експертите се сложуваат во оценката дека тој допрва ќе дојде, но не се единствен во оценката кога ќе се случи.
Министерот за здравство Венко Филипче пред два дена изјави дека во земјава би можело да се очекува зголемување на бројот на заболени од ковид-19, и да достигне до 2.000 лица. Како што рече тој, пикот би можело да се очекува за околу еден месец. Секоја епидемија има почеток експанзија и крај, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Експертите сметаат дека најсилниот удар може да се случи уште викендов, додека други сметаат дека ќе биде околу католички Велигден.
Католичкиот Велигден паѓа на 12 април, а тоа е период кога се враќаат голем број печалбарски семејства во Македонија, со оглед на тоа што во повеќето западни земји ова е најголемиот католички празник заедно со Божиќ и единствениот период во годината кога не се работи по неколку дена со цел празникот да се прослави со семејството.
Веројатно затоа владее верување дека коронавирусот би можел тогаш да кулминира.
Но Македонија од вчера е во вонредна состојба, што подразбира дека строго се ограничува движењето на граѓаните и затворање на угостителските и дел од трговските дејности, со исклучок на продажба на прехранбени и фармацевтски производи.
Од утрово за македонски државјани се затворени сите гранични премини за излез од државата.
-Затворени се сите гранични премини за влез во државата за странски државјани, патници и возила, освен за транзит на товарни возила, за претставници на дипломатскиот кор и тие кои што ќе добијат соодветна дозвола од страна на МВР, а по претходно добиено мислење од страна на главниот координативен штаб, информира АМСМ.
Министерството за надворешни работи денеска во 17 часот ќе напарави пресек колку и каде се има наши државјани надвор од државава, по што ќе преземе активности за нивно враќање дома, истовремено водејќи сметка и за другиот државен интерес, а тоа е да не се зголеми драстично ризикот по здравјето на населението тука, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој појасни дека еден од проблемите во однос на ова прашање е немањето проверени сознанија и укажа на информацијата пласира во јавноста за наводно 150 млади македонски граѓани затекнати во Барселона, а од цела Шпанија, рече, само 16 граѓани се пријавени во нашата Амбасада во Мадрид.
– Поттикнати од тоа, вчера упативме јавен повик до сите граѓани во странство посебно оние што немаат престојувалиште вон татковината да се регистрираат во ДКП-ата каде што се. Ако немаме таму дипломатско-конзуларна мисија, тоа да го сторат во најбилиската до земјата каде што се. Во Малта немаме, што значи Амбасадата во Рим е надлежна за регистрација. Ние мора да знаеме за колку луѓе зборуваме. Пресек ќе направиме денес во пет часот попладне и штом имаме појасна слика каде ни се луѓето и колку се, ќе преземеме се што можеме да си ги вратиме дома, истовремено водејќи сметка и за другиот државен интерес а тоа е да не се зголеми драстично ризикот по здравјето на народот тука. Тоа се два државни интереси што треба да ги имаме предвид во оваа операција, рече Димитров.
Инаку, сите македонски држајани кои деновиве со разни дипломатски напори се враќаат назад во земјата должи се да останат во самоизолација и да бидат прегледани од епидемиолог.
Премиерот Оливер Спасовски денеска апелираше до сите граѓани кои треба да бидат самоизолирани, кои ги потпишале изјавите дека ќе се самоизолираат под кривична и материјална одговорност, тоа да го прават и доколку тоа не се случи, најверојатно ќе се носат ригорозни мерки за нив и за нивните семејства, бидејќи самоизолацијата значи едноставно почитување на сите нас и една од најефикасните мерки за да можеме да го спречиме ширењето на вирусот.
– Во тој дел ќе бидеме многу ригорозни, многу строги без никаква толеранција на секој еден што овие мекри не ги почитува и на тој начин директно го загрозува здравјето на граѓаните и тука ќе се применат одредбите од Кривичниот закон, дециден е Спасовски.
Бројот на потврдени случаи на заболени со коронавирус изнесува 42, откако вчера беа регистрирани 11 нови случаи. Состојбата на сите пациенти е стабилна. Двајца од заболените имаат средно изразена пневмонија.
Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека здравствениот систем и целокупниот медицински персонал веќе подолго време работат како во вонредни услови. Тој уште еднаш упати апел и ги повика сите да се придржуваат до мерките за превенција, да не се излегува без потреба, да се држи дистанца и често да се мијат рацете.
Властите апелирааат сите граѓани да се придржуваат до мерките за превенција од ширење на коронавирусот, да не се патува без особена потреба и да се остане дома. За секој што не ги почитува препораките, ќе има сериозни санкции.