Креаторот на шведскиот модел тврди: Дојде до зголемување на заразените, но ситуацијата не е трауматична – затворањето на границите е смешно
Додека во цела Европа во февруари и март се воведени строги мерки против коронавирус, една земја од првиот ден се истакнуваше.
Шведска не воведе карантин ниту строги мерки за социјална дистанца. Наместо тоа се потпира на довербата во своите граѓани – постарите се советувани да не излегуваат надвор и да ги избегнуваат контактите со други луѓе, додека на остантите им се препорачува да работат од дома, редовно да ги мијат рацете и да избегнуваат патувања кои не се потребни. Границите и училиштата останаа отворени, како и многу компании, ресторани и кафулиња.
Овој пристап наиде на бројни критики. Меѓу критичарите минатата недела се најдоа и 22 научници кои во весникот Дагенс Нихетер објавија дека шведските здравствени власти не успеале и ги повикаа политичарите веднаш да воведат построги мерки. Предупредија на голем број на починати во домовите за старци.
Човекот кој стои зад шведскиот модел Андерс Тегнел, епидемиолот од шведската Агенција за јавно здравство за магазинот „Нејчр“ објасни зошто го одбрал тој пристап.
Го објасни шведскиот модел и борбата против коронавирус
„Мислам дека е доволно во јавноста нагласено колку е единствен нашиот пристап. Токму како и во другите држави, и наша цел е да се израмни кривата и да се успори ширењето на вирусот колку е повеќе можно, во спротивно ќе биде загрозен и нашиот здравствен систем и целото наше општество“.
Ова не е болест што може да се запре или искорени, барем додека не се произведе вакцина. Мораме да пронајдеме долгорочни решенија кои ја одржуваат распространетоста на инфекцијата на прифатливо ниво. Она што секоја држава се обидува да направи е да ги раздвои луѓето, користејќи мерки кои ги имаме и традиции кои ги имаме за имплементирање на тие мерки. И затоа се одлучивме да ја направиме работата малку поинаква.
Шведските закони за заразни болести главно се темелат на доброволни мерки, односно индивидуална одговорност. Јасно пишува дека граѓанинот има одгворност да не ја шири болеста. Тоа е сржта од која почнавме, зошто според моменталните закони не постои голема правна можност да се затворат шведските градови. Карантинот не може да се разгледува за луѓе или мали простори како училишта или хотели. Но законски не можеме некое географско подрачје да го ставиме во карантин“, објасни Тегнел.
Врз кои докази се темели овој пристап?
„Тешко е да се говори за научни основи на стратегијата за вакви видови болести, зошто за неа не знаеме многу и учиме од ден во ден. Според мое мислење, затворањето на границите и градовите, нема историска научна основа. Истраживме неколку земји од ЕУ за да утврдиме дали објавиле било каква анализа од учинокот на тие мерки пред да бидат воведени, а не најдовме речиси ништо.
Затворањето на границите, според моето мислење, е смешно, зошто Ковид-19 сега постои во секоја европска држава. Повеќе сме загрижени поради неговото ширење внатре во Шведска.
Како општество ние постојано ги потсетуваме луѓето да користат мерки и од ден во ден ги менуваме во подрачјата во кои гледаме дека треба да бидат сменети. Не треба целосно да затвориме се зошто тоа би било контрапродуктивно“, заклучува тој.
Како шведската агенција за јавно здравство донесува одлуки?
„Околу 15 луѓе се состануваат секое утро и ги ажурира одлуките и препораките според собраните и анализирани податоци. Два пати неделно разговараме со регионалните власти.
Најголем проблем моментално ни се домовите за стари лица, каде забележавме заришта од коронавирусот. Поради тоа смертноста во Шведска е најголема во споредба со нашите соседи. Истрагата е во тек, зошто мора да ги разбереме кои препораки не се следени и зошто“, објаснува тој.
Мислите ли дека вашиот модел ги ризикува животите на луѓето?
„Агенцијата за јавно здравство објави детално моделирање од регион до регион и донесе многу помалку песимистички заклучоци од останатите истражувачи кога се во прашање хоспитализации и смrт на илјадници заразени. Дојде до зголемување, но ситуацијата не е трауматична. Секако, одиме во фаза во која во следните неколку недели ќе видиме многу повеќе случаи – со повеќе луѓе на интензивна нега – но тоа е како и во секоја друга држава.
Што се однесува до училиштата, уверен сум дека ќе останат отворени на национално ниво. Се наоѓаме среде пандемија, и според моето мислење, науката покажува дека затворањето на училиштата во оваа фаза нема смисла. Мора да ги затворите училиштата прилично рано во епидемијата за да има ефект. Во Стокхолм, во кој има најмногу заразени, сега сме близу до врвот на кривата, така што во оваа фаза затворањето на училиштата е бесмислено“, опшива Тегнел.
Мислите ли дека шведскиот пристап е успешен?
„Многу е тешко да се знае, прерано е, навистина. Секоја земја мора да достигне имунитет на стадото (кога поголем дел од населението е имуно на инфекцијата) на овој или оној начин, а ние ќе го достигнеме на поинаков начин.
Досега глобално се пријавени многу малку случаи на повторна инфекција. Колку ќе трае имунитетот на стадото не знаеме, но дефинитивно постои имунолошки одговор“, вели шведскиот епидемиолог.
Што би направил поинаку?
Ги потценивме проблемите во домовите за старци и како мерките во нив ќе се спроведуваат. Требаше тоа потемелно да го контролираме“, вели тој.
Дали е задоволен од стратегијата?
„Да! Знаеме дека Ковид -19 е исклучително опасен за многу старите луѓе, што е секако лошо. Но гледајќи ги пандемиите, постојат многу полоши сценарија од ова. Повеќето проблеми кои моментално ги имаме не се поради болеста, туку поради мерките кои во некои средини не се применуваат правилно: загубата ба животи меѓу постарите луѓе е огромен проблем и се бориме жестоко против тоа.
Исто така, имаме податоци кои покажуваат дека епидемијата на грип и зимскиот норовирус постојано паѓаа оваа година, што значи дека нашето социјално дистанцирање и миење на раце делуваа. И со помош на Гугл може да видиме дека Швеѓаните се движат многу помалку од претходно. Нашата стратегија, значи имаше реален учинок“, заклучува на крајот во разговорот за „Нејчр“.