Оваа година пејачот Васил Гарванлиев ќе ја претставува Македонија на Евровизија во Ротердам, Холандија.
По објавата на одлуката која ја донесе МРТ на интерен избор, Гарванлиев на Фејсбук напиша: Оваа година не можеше да ми започне со поубава вест!
Почитувани пријатели, соработници и поддржувачи на мојата музика со особена чест (и многу возбуда) сакам ве исвестам дека оваа година ја имам можноста, задоволството, и одговорноста да ја претставувам нашата земја на најголемиот музички фестивал – Евросонг во Ротердам.
Оттука, сакам да се заблагодарам на целиот тим од МРТВ кој ме изгласа и одлучи да ми ја даде довербата токму јас да ја имам оваа чест но и одговорност истовремено.
Од кога паметам за себе, музиката e сѐ што правам, за што постојам, а многу често беше и е единствената светла точка во мојот живот. И покрај тоа што имам долгодишно искуство на меѓународни сцени свесен сум за предизвикот и одговорноста што претстојат за време на овој глобален настан, особено после успешниот пласман со Тамара минатата година. Сакам накратко да се oбратам на сите тие кои сонуваат и не се откажуваат од нивните амбиции. Патеката не секогаш е лесна, но еден ден секој чекор изоден напред со вложен труд и искрена љубов кон тоа што го правите ќе вроди со плод. Не се откажувајте никогаш!
Од сѐ срце благодарам на моето семејство и на моите соработници кој ме поддржуваат уште од самиот почеток, па дури и тогаш кога моите идеи им звучеа луди и апсрурдни. ВЕ САКАМ!
Драги мои, подготвен сум за ова ново “патување” со отворено срце и искрена приказна, овој пат ветувам дека ќе дадам се од себе за мојата татковина, за сите нас!!! Се гледаме во Ротердам“.
Македонската публика го памети од неговата детска песна „Марионка“ која пред повеќе од 20 години ја испеа на „Златно славејче“. Мајките и ќерките и тогаш и сега беа воодушевени од неговиот прекрасен глас – тогаш како симпатично детенце кое ја испеа една од најпознатите детски песни на сите времиња во Македонија, денес како извонреден пејач кој со својата песна „Ѓердан“ не остави без зборови.
Денес Васил Гарванлиев (34) е успешен оперски пејач со интернационална кариера, има настапувано со најпознатиот светски челист Јојо Ма.