Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Македонија е жива и „успеала да ја надмине просечноста на луѓето што ја воделе“. Според него, државата ги надминала пречките поставени од секој оној кој што се обидувал да ѝ наштети.
-Преку нас да живее Македонија и ние сите заедно со ваша помош како иднина, да направиме максимум од државата и да одиме напред. Сите ние оваа генерација сме биле млади и сме соочувале со проблеми и предизвици.
Секако сме се промениле, но нашите идеали и мечти остануваат исти. Да живееме во држава која заслужува да се нарече држава, а не во паланка која се храни од безредија, корупција, тоне во неморал и безизлез. Ајде сите заедно да ги направиме заедничките соништа реалност. Да се обидеме и да се бориме и да бидеме пример, рече Мицкоски на 33-та годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
– Владата ќе поддржи со новиот буџет кој е во изработка ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди за сите, повторувам за сите студенти во Македонија, за сите до еден.
Така поттикнуваме млади да имаат пристап до електронски уреди и да го имаат светот на дланка да гледаат, да учат и да се градат како личности, да имаат можности кои во мојата генерација ги немавме, барем не 90 осто од младите, порача во неделата премиерот Христијан Мицкоски на партиски настан.
– Владата ќе обезбеди фонд од 10 милиони евра за развој на бизнис за млади од 18 до 29 години со новиот буџет, во зависносст од бизнисот и планот, комисија под строги критериуми во која ќе членуваат претставници на неколку институции, ќе издвојува средства и ќе ја одредува висината на помошта, која ќе биде потоа под строг надзор, дали вистински се трошат средствата за таа намена. Вредноста ќе биде од 1000 евра до 30 илјади евра за проект, потенцираше Мицкоски.