Реклама
CelebrityИнтервју

„Кога сум заљубена се смеам сама по улици“

Реклама

Гламур интервју со актерката во Македонскиот Народен Театар, Драгана Левенска

Најголема предност од професијата со која се занимавате?

Не мора да станувам секое утро во 7 часот сабајле за работа :))) се шегувам…..за мене актерството претставува најубава професија, којашто има навистина доста предности, но одлучив да не филозофирам во однос на ова прашање и да не мудрувам, затоа ќе одговорам конкретно и јасно….за мене најголемата предност во оваа професија е слободата. Слобода да креираш, да говориш, да создаваш лик давајки му живот.

А маана?

Како и секоја професија и оваа има свои маани и недостатоци, пред се да се биде актер жена, девојка воопшто не е лесно и едноставно. Ова е професија која бара големо трпение, упорност и истрајност. На ова прашање би можела подетално да ви одговорам за десет години, кога ќе имам доволна километража да ги ставам на вага маните и предностите. Но и покрај се кога би се родила повторно би го одбрала ова што го работам денес.

Маркетинг

На кој глумец најмногу се восхитувате?

Обично моите глумачки симпатии се жени и секоја од нив е различна и навистина неможам да одвојам само една, бидејки имам неколку. Но еве ќе почнам од мојата драга колешка Звездана Ангеловска, потоа Мирјана Карановиќ, тука би ја споменала и покојната Милена Дравиќ и од она холивудско платно :) Мерил Стрип, Никол Кидман.

Омилена филмска реплика?

Тоа би била реплика од култниот филм Казабланка – ” Of all the gin joints in all the towns in all the world, she walks into mine. ”

Маркетинг

За која книга сметате дека ви го сменила животот?

Книгите се мојата втора пасија и не можам да кажам дека некоја книга ми го променила животот, но можам да кажам дека книгите го збогатуваат човекот, даваат поголеми хоризонти на размислување, со нив расте самодовербата, интелектуалноста. Читањето на книги е надградување и отварање на нови светови. Знам често да се дружам со Оскар Вајлд, редовно се навраќам на поезијата на Рембо, на Бодлер, тука би го споменала и Булгаков и неговиот фантастичен театарски роман, а она со кое во последно време се занимавам и коешто ми менува разни перцепции во мојот живот, ми дава нови гледишта и пред се запознавање со самата себеси, сум малку повеќе навлечена на психолошките книги посебно на книгите на Лазарев.

Како се приметува дека сте заљубени?

Уф :)) Научив како да ја одделам заљубеноста од љубовта, сега за мене тоа се две различни состојби. Кога сум заљубена имам зголемен адреналин, возбудена сум, имам многу енергија во мене, сератонинот ми е пуштен на најјако, се смеам сама по улици и од таа целосна еуфорија знам премногу да избрзам, понекогаш дури и да преценам некого и да не можам да закочам. И дефинитивно тогаш купувам најмногу гардероба :))) А кога имам љубов е тоа е веќе нешто друго, сјајот во очите ми е поинаков, го имам оној спокој, сила, сигурност која ми е потребна. Љубовта е ретка, но се случува. За мене љубовта е основен двигател, таа дава живот и е моја инспирација.

Најдраго сеќавање од детството?

Секогаш кога се присетувам на моето детство во мене има голема радост. Имав навистина прекрасно детство и многу убави мигови кои се силно врежани во мене. Имам доста сеќавања, за кои би можела да раскажувам со денови…:) но сепак она најдрагото е поврзано со сцената. Кога бев дете пеев на тогаш популарната емисија Сител Бамбини, тоа беше една песна која беше навистина голем хит – ” А дали знаеш”, неделата ми беше резервирана за Сител Бамбини, бидејки тогаш се емитуваше, потоа разни снимање, настапи, патувања, едноставно уживав во се тоа иако бев навистина дете, имав само 10 години, воопшто не ми претставуваше некаков замор, обврска и напор, уживав во тоа. Малку подоцна почнав да го живеам маалскиот живот.

Јунакот од детството?

Застанав на ова прашање и баш се подразмислив и сфатив дека имав повеќе јунаци во моето детство, а тоа беа ликовите од тогаш познатата серија Беверли Хилс и дефинитивно тука би ја издвоила Сара Кеј, којшто до ден денес го чувам албумот со сликички.

Неостварена желба?

Имам една за мене многу значајна, но ќе ја чувам за себе за да ми се исполни. :)

За која песна би кажале дека ви е лична карта?

Nina Simone – ” I put a spell on you”

Која улога од досега одиграните ви е омилена?

Секоја улога ми е посебна и драга, нормално дека првата професионална улога секогаш ќе ја паметам, тоа е Евушка од Генетика на кучињата. Но како најомилени Мејбл од Вејка на ветрот, Медеја од Жени од подземјето.

Животно мото?

Не е важно колку бавно се движите и со колку пречки ќе се соочите, важно е да сте на вистинската патека , да не застанете и да не се вртите назад. Храбро и трпеливо чекорете и ќе дојдете до врвот, само ако верувате во него.

Каква е театарската публика?

Секогаш е различна и сама по себе носи различна енергија. Некој се љубители на комедии, некој на драми и тоа е сосема коректно. Публиката никогаш не смееме да ја потцениме, таа секогаш знае да препознае добра и лоша претстава. Не секогаш ни веруваат, знаат точно кога сме фејк. Културна и дисциплинирана, да понекогаш знае да заѕвони некој заборавен мобилен, да се слушне некој разговор и сл. А она што мене ми е особено драго е што луѓето во последниве години одат се почесто на театар, сакаат театар.

Поврзано

Back to top button