Кина стравува од втор бран: Се повеќе заразени луѓе доаѓаат од странство, отворени карантини во Пекинг
Кина ги презема сите мерки за да не дојде до ново ширење на вирусот.
Бројот на случаи на лица заразени од коронавирусот кои пристигнале во Кина од странство достигна денеска рекордно ниво, а веќе два дена по ред нема ширење на заразата на локално ниво, соопштија официјалните лица.
Заразените патници пристигнуваат во се повеќе кинески провинции, поради што расте притисокот врз властите да ги заострат правилатаза влез во земјата и здравствените протоколи.
Според податоците на Националната здравствена комисија, во претходните 24 часа немало ниту еден случај на пренесување на коронавирусот внатре во Кина, но се регистрирани 39 случаи на зараза кај лица кои се вратиле во земјата. Фокусот сега е на заштита од случаите кои доѓаат од странство, додека вирусот се повеќе се шири во Европа и Северна Америка.
Голем број кинески државјани побрзаа дома, а меѓу нив има и многу студенти. Поради тоа расте стравот од втор бран на епидемијата. Големите сообраќајни центри како Пекинг, Шангај, Гуандонг и Шенжен, недалеку до Хонг Конг се главни точки на влез на заразените патници.
Претседатетлот Си Џинпинг предупреди дека Кина не смее да дозволи трендот на подобрување со справувањето со вирусот да се сврти обратно.
Вухан, главниот град на провинцијата Хубеј, од каде тргна епидемијата во демеври минатата година, веќе втор ден по ред немаше нови случаи на зараза.
Во Кина од почетокот на епидемијата се регистрирани 80.967 случаи на зараза. Животот го загубија 3.248 лица, а од вчера таа бројка е зголемена за три.
Карантини во Пекинг
Пекинг воспостави 149 објекти за двонеделно медицинско набљудување на луѓе кои доаѓаат од странство, бидејќи бројот на увезени случаи од новиот коронавирус продолжува да расте. Оние кои ќе дојдат во Пекинг ќе им бидат понудени еднокреветни соби и храна, како и средства за дезинфекција, јави Кинеското меѓународно радио.
Секој објект за медицинско набљудување ќе пружи и водичи за превенција на епидемијата, а вработените редовно ќе им мерат телесна температура и ќе им понудат здравствено и психолошко советување. За странците ќе бидат обезбедени преведувачи.
Пекинг вчера воведе задолжителен 14- дневен карантин за сите кои ќе дојдат од странство, а услугите ќе мора сами да си ги платат.