Ваквата состојба може да се случи на секого, посебно во летниот период…
Но за среќа постојат неколку трикови кои можеби нема да ве спасат, но дефинитивно ќе ви помогнат.
Многу. Верувајте ни …
Според големите мајстори во овој занает (оние паталците, а не гаталците. секако!) најдобро е пред излегување, ако се сомневате дека постои шанса да се дамлосате, да се напиете витамин Ц, а тоа да го направите и веднаш откако ќе се разбудите. Пред легнување, но и откако ќе ги отворите очите најдобро е да се напиете и цедена лимонада (без шеќер), а доколку главата се уште ве боли, тогаш пробајте го волшебниот пијалак кој се состои од само две работи:
Минерална вода во која ќе растопите аспирин!
Според стручните лица денот наместо да го започнете со бурек подобро ви е да јадете банани или ананас. Бананите поради калиумот што го содржат, ананасот затоа што многу полесно ќе го пренесувате кислородот низ крвотокот и така побрзо ќе се отрезните. Можете да направите смути од банана (или заедно со ананас) и природен овошен сок. Или доколку желудникот не ви е осетлив, исцедете портокал, лимон, лимета… Витаминот Ц од ваквиот сок ќе ве „подигне“ и ќе ви помогне да преживеете до вечерта. Но доколку стомакот ви е раздразнет, измешајте малку сода бикарбона со вода и испијте.
Или уште подобро – испијте половина лажичка сода бикарбона со чаша кисела вода!
Покрај ова ако чувствувате мачнина можете во сад или чаша со 2 dcl вода да ставите малку цимет и ѓумбир. Во случај да сте ја решиле мачнината и ако вашиот желудник е во добра кондиција – сварете кафе и исцедете лимон.
Некои велат дека ова им помага многу, иако според оние кои се „најискусни“ со овие проблеми претходните трикови со овошје кои се природни антиоксиданси, потоа магијата со минералната вода и аспиринот или со сода бикарбона важат за рецепти кои се многу поефикасни.
Едноставно, кога сте во ваква состојба, најдобро е да внесувате доволно антиоксиданси и течности кои најбрзо ќе го вратат вашиот организам во нормала, а најголеми оксиданси се шумското овошје (капини, боровинки, малини, јагоди, рибизла) и агрумите (портокал, грејпфрут, мандарина), потоа кивито, сливите, јаболкото, како и зеленчукот (најдобро е во вакви ситуации да консумирате свеж зеленлук, во форма на салата, со природен јаболков оцет!).
И на крај, не заборавајте да јадете! Празниот стомак може да ви создаде дополнителни проблеми, а верувајте, тоа е нешто што најмалку го посакувате кога сте мамурни.