Земјотресот се почувствува во 3.54 минути
Во 3.54 минути се почувствува силен земјотрес во Скопје и околината. Како што се дознава, земјотрес со магнитуда од 6.4 се случи во Албанија, а епицентарот бил во близина на Драч и местото Рушкул, 164 км западно од Скопје.
Земјотресот се почувствува во Македонија, а како што е соопштено, тресењето се почувствувало и во околните држави Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Италија, Косово, Црна Гора и Србија.
Тресењето кое траеше околу 20 секунди ги вознемири граѓаните, а тоа можеме да го видиме и од социјалните мрежи каде многумина се будни и го коментираат непријатното доживување.
Покрај овој земјотрес, во текот на претходниот час беа регистрирани и два други посилни земјотреси со магнитуда од 4,8 и 3,1 степени според Рихтер. Многу жители во Тирана и Драч се излезени на улиците, како и во останатите градови блиски до епицентарот, јавуваат медиумите.
Само да потсетиме, и на 21 септември оваа година силен земјотрес со епицентар во Драч ги вознемири жителите на овој град. Тогаш беа оштетени стотици домови и повеќе десетици лица беа повредени.
Земјотресите во Македонија
Територијата на Македонија е релативно трусно подрачје. Во Македонија има триесетина епицентрални подрачја, а најсилни земјотреси се регистрирани во валандовското, скопското, дебарското и пехчевското подрачје.
На 4 април 1904 година, Пехчево било разурнато од силен земјотрес, чиј епицентар бил меѓу Пехчево и Кресна. Земјотресот бил со интензитет од 10 степени според Меркалиевата, т.е. 7,8 степени според Рихтеровата скала, со што тој е најсилниот регистриран земјотрес на Балканскиот Полуостров.
Иако не постојат прецизни податоци, сепак бројот на жртвите бил минимален, бидејќи најголемиот дел од куќите биле ниски и изградени од дрво и кал.
Oд поново време се памети земјотресот во Скопје. На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес почувствуван со 9 степени по меркалиевата скала и јачина М=6,1 по Рихтерова сеизмичка скала, а помали потреси имало до 05:43 часот. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000.
Над 200.000 луѓе останале без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1.070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани. Земјотресот е почувствуван во Скопје со интензитет од IV-V степени според Меркалиевата скала, IV степени во кумановскиот регион, III степени во тетовскиот и велешкиот регион.
На 11 септември 2016 година, Скопје го погодил земјотрес, со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, но немало човечки жртви и поголеми материјални штети.