Реклама
Вирално

Искрена и тажна исповед на наш доктор од Германија – За мене во нашата Македонија немаше место, па решив да заминам засекогаш!

Реклама

Овој човек е убаво воспитан, секогаш е насмеан, љубезен, елоквентен. Во разговор со него веднаш ќе забележите дека станува збор за еден извонреден лик.

Фото: Илустрација/ Унсплаш

Оние што го познаваат за него велат дека е еден од најпаметните пријатели што некогаш го имале во својот живот. Секогаш имал добри оценки, како во средно, така и на факултет. Медицинскиот факултет го завршува како еден од најдобрите во генерацијата, потоа го положи државниот испит, но тука некаде и започнаа неговите проблеми.

Имено, тој по потекло е од едно помало место во нашата земја, неговите родители се земјоделци, и како што самиот вели, долги години чекал да го вработат, а по некое време ќе одлучи да ја побара среќата на друго место.

Маркетинг

Неговото име нема да го откриеме, затоа што не замоли да остане анонимен, па во овој текст ќе го викаме Љупче.

Денес има 39 години и речиси 10 години живее во Германија.

Маркетинг

Приказната ќе ја започнеме кога тој, заедно со неговите две сестри, растел во семејство кое во 90-тите поминувало низ сериозни егзистенцијални проблеми. Неговиот татко останал без работа, па со помош на неговата мајка, која работела макотрпна работа во конфекција, за плата помала од 200 евра, се школувале сите три деца. Од првиот свој ден како студент, па и додека бил средношколец, тој паралелно бара и работа, за да може да се издржува, иако е човек кој целото свое време би го поминал читајќи научни трудови.

Фото: Илустрација/ Унсплаш

Но животот ќе го однесе во друга насока, далеку од најблиските и далеку од татковината.

„Кога бев средношколец моите родители немаа постојана работа. Но не бев само јас во таква ситуација. Тоа беа времиња кога родителите на многу мои врсници останаа без работа, и ретки беа оние кои имаат лагоден живот. Бидејќи бев добар ученик, можев да бирам што да се запишам, но решив да изберам медицина за да можам да и помагам на луѓето, но и надевајќи се на подобра иднина“.

„Како студент живеев мизерно, постојано се хранев со бонови во мензата, во студентските домови во Скопје. Но како што веќе реков, не бев единствениот, имаше многумина како мене, а повеќето од нив доаѓаа од онаа поранешна средна класа, која преку ноќ стана осиромашена во градовите“.

А јас бев дете од село, некако навикнат на тежок живот.

Што се однесува до животот на село, и таму ништо не беше сјајно. Освен можеби детството што го имавме, но тоа е друга приказна. Единствената разлика што можеби постоеше во тоа време, е тоа што на село, имаше барем за јадење. Како луѓето остануваа без работа, така и нивите почнаа се повеќе и повеќе да се обработуваат. И благодарение на она што го добивме од земјата, иако беше многу скромно, јас и моите сестри сепак успеавме да завршиме факултет.

А на некои мои пријатели, од градот, трпезата навистина им беше скромна. И тоа траеше со години.

За време на студиите моите родители ми беа најголема поддршка. Одвреме-навреме ќе поработев нешто, но најважно ми беше да имам добри оценки. А кога ќе дојдеше лето, знаев да работам и тешка физичка работа. И ништо од тоа не ми беше тешко, бидејќи во животот ме водеше желбата да станам доктор. Да можам да им помогнам на луѓето, па и да се запишам на специјализација, иако во тоа време се уште не бев сигурен што би избрал. И она што најмногу ме водеше беше желбата еден ден да можам да заработувам, па и јас да им помогнам на родителите, но и на моите сестри.

Но тогаш не знаев дека за тој момент ќе морам да почекам уште дооолги години.

И така Љупче ќе ги положи редовно сите испити.

Факултетот ќе го заврши со просек над 9-ка и тоа во време кога високите оценки навистина беа ретки.

Потоа гордо ќе се врати во својот град, веднаш ќе го заврши стажирањето. Додека студираше најмногу го привлекуваше психијатри9ја и психотерапија, но за време на стажирањето почна да ја засакува и хирургијата.

Но тогаш, полн со ентузијазам, Љупче се соочи и со реалноста.

Во прашање е очајната состојба во нашето здравство. Тој за време на стажирањето во градот во кој го поминал поголемиот дел од своето детство ќе сфати дека за него едноставно нема место. На работа секогаш беа примани некои други „деца“, со партиска книшка или преку семејни врски.

И тоа не е нешто моментално, бидејќи таквата состојба траеше многу години. Се вработуваа само оние што имаа дебели врски, партиски или семејни, а тој беше воспитуван спротивно на тоа. Истите беа испраќани и на специјализација, додека нему сите врати му беа затворени. И тоа траеше…

За него беше пораз да земе партиска книшка само за да се вработи, а таквата неправда го болеше најмногу.

Кога се врати во својот град очекував дека е се докажам, дека ќе работам тука, дека со којот ентузијазам ќе ми се отворат вратите. Но во реалноста ситуацијата беше потполно спротивна на тоа – за мене немаше место, а на конкурсите што се објавуваа за работа речиси никогаш не ме повикаа.

По некое време Љупче ќе најде работа како општо доктор во мала приватна ординација, но во Скопје, така што со платата не можеше ни основните трошоци да ги покрие. Затоа решава да почне да учи германски јазик, кој за брзо време го совладува многу добро, и го положува испитот.

Кога почнав да барам работа во Германија, ситуацијата се смени за 360 степени. Ако во Македонија е невозможно да најдете работа, или барем за мене беше така, во оваа земја за неколку секунди буквално бев претрупан со понуди. Избрав една, заминав на пробна работа, бев оценет добро и веднаш ме повикаа. Што се однесува до условите, тие се филмски во споредба со оние кај нас. Од изгледот во клиниката до опкружувањето, опремата, сите видови на апарати кои денес се користат во медицината.

На почетокот бев пресреќен што конечно го најдов мојот пат, но верувајте, среќата не ми траеше долго.

По некое време чувствував тага затоа што никогаш нема да ми се оствари сонот, а тоа е да бидам доктор во мојот град, да можам да им помогнам на најблиските.

Но ете, за мене таму немаше место.

Љупче по три години работа, ќе се запише на специјализација, а на клиниката на која што работеше ќе ја сретне и својата идна сопруга. Тој денес е среќно оженет човек, неговата сопруга е Германка и имаат две деца. Го прашавме дали некогаш планира да се врати во Македонија, на што тој ни одговори дека желбите се едно, а реалноста друго.

„Искрено да ви кажам, себеси повеќе не се гледам во Македонија. Сакам, но едноставно реалноста е таква каква што е. Можеби по 20-30 години, кога ќе се пензионирам, но јас веќе пуштив корења тука“, ни вели Љупчо за кој сме сигурни дека неговите пациенти се пресреќни што имаат еден ваков човек, со еден ваков карактер, во своја близина. Едноставно, тој е доктор каков секој би посакал, а како што самиот вели, најмногу го импонира тоа како го дочекале на клиниката во Германија, почитта што ја добива, но и тоа што од својот прв ден на работа се чувствува корисно и потребно.

„Знаете ли што мислам дека е најпоразително во целата оваа ситуација. Тоа што во Македонија, цело време бев на буџетот на државата, добивав и стипендии како добар студент, за да на крај едноставно ми кажат дека за мене нема место. Тоа се големи средства и голема финансиска штета за државата, а примери како мене има колку што сакате“.

„И колку што ја следам ситуацијата, состојбата и денес не е ништо подобра, така што тоа е тажно и трагично во исто време“.

И не им е тешко само на докторите, туку на сите што се вработени во овој сектор. Но човек мора од нешто да живее. И да се чувствува како човек. А замислете само како им е на сите оние медицински сестри во Македонија, кои во ова време пожртвувано спасуваат животи, истовремено ризикувајќи ги своите, а на крајот од секој месец остануваат со празни паричници затоа што работат за мала плата.

Фото: Илустрација/ Унсплаш

„Некои од нив немаат ни договор, а работат и за помалку од 200 евра. Дали го знаете тоа? И што мислите, колку од нив веќе се на чекор да дојдат тука? Одговорот го знае секој од нас, но прашањето е што да се направи да не дојде до тоа. И дали сега веќе воопшто може нешто да се направи или веќе е предоцна, бидејќи многумина се веќе премногу разочарани“.

„А кога тоа ќе се случи, кога некој ќе донесе одлука да се исели, таквиот човек го губите засекогаш. Како некој да ни фрлил клетва среќата да си ја бараме далеку од својата почва, далеку од своите најблиски“, ни вели тој и додава:

„Е тоа е она што најмногу боли!“

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button