Ова недела го славиме воскреснувањето Господово и во која го украсуваме својот дом во стилот на Велигден.
Еден од најмоќните обичаи е и вапцањето јајца што претставува вистинско задоволство за многу домаќинки, но и целото семејство.
Офарбајте велигденски јајца со помош на ориз
Потребен ви е долг ориз кој го има по маркетите, течна боја за јајца или во гел, округол пластичен сад и ракавици. За секоја боја се користи посебен сад. Се комбинираат и по две бои. Се става во две лажици долг ориз, никако не се полни садот до врв. Се ставаат неколку капки боја врз него и се меша за да се обои оризот.Се става јајцето варено внатре, се затвара садот и убаво се протресува да се обои, но немојте да биде јако да не пукне јајцето. По потреба промрдајте го со раце, затоа и ви требаат ракавици. За секоја боја се користи посебен сад.
Кристална боја
Тајната е во винската киселина, која се додава. Кристалите ставете ги уште при варење на јајцата. Се добиваат јајца кои изгледаат како зашеќерени. Добри се за подарок, но не и за кршење. Запомнете го тоа. Особено, ако одлучите да им давате убави јајца на децата. За да нема солзи, подобро на нив да им понудите обично црвено јајце, а вие земете со кристали.
Со хулахопки
Го земате јајцето, може и уште свежо – му ставате некој убав лист или цвет што ќе се отпечати. Потоа го ставате во чорапи и го затегнувате убаво и од двете страни. Може да го варите заедно со бојата. Ако бојата е црвена се добива бел лист на црвена позадина.
Со чипка
Техниката е иста како погоре напишаното, но тука се потпира на убавината на чипката или на грациозноста на мрежестите хулахопки и затоа, барем според нас, нема потреба од дополнителни елементи. Но, ако сакате може и да се стави.
Со памук
Земате еден памук, колку да го обиколите јајцето и додавате на растојание неколку капки сина боја, неколку капки црвена, жолта … комбинирајте ги боите, како што ви се допаѓа и вртите. Го оставате јајцето убаво да се напои и по некое време го одвиткувате. Останува само да го измачкате со крпче и малку масло. Наместо памук може да користите и салфетка.