Реклама
Интервју

Интервју со шармантната водителка на „Ја сакам Македонија“

Реклама

Пет минути со водителката Јована Стојменовиќ

Тешко е да се води утринска програма, да се станува рано наутро и при тоа да изгледате секогаш средено пред камерите. Веќе дванаесет години е дел од нашите утра се емисијата „Ја сакам Македонија“. Одмерена, елегантна и насмеана, Јована Стојменовиќ важи за една од најхаризматичните и најшармантните водителки во Македонија. Таа ќе ни открие во што најмногу ужива кога е пред камерите, кои се нејзините ритуали за убавина, што мисли за модните трендови, но и дека на шопинг и е најубаво кога оди со својата сестра…

Утринската програма на Сител „Ја сакам Македонија“ е твое секојдневие. Тешко ли е да станеш рано, да се дотераш и да се појавиш пред камерите?

Секоја работа има своја тежина, најважно е да сте професионалец, но и позитивно да гледате на нештата, па да ги пронајдете предностите на секоја ситуација и работен ангажман… Точно е дека се будите ненаспани, но стасувате на работа за тројно пократко време поради празните скопски улици рано наутро. Уживате во изгрејсонцата, а и завршувате со работа во термин кога останатите прават пауза за оброк…  За дотерувањето и концентрацијата, се е до добрата организација и вештини кои ги развивате со текот на времето.

Маркетинг

Емисијата оди секое утро во живо. Често знаат да се случат и некои непредвидени работи. Колку често некој од гостите го откажува своето гостување. Раскажете ни некоја интересна анегдота или случка која се случила во текот на снимањето?

Во овие 12 години работа на утринската програма, за среќа, многу ретко ми задоцниле или воопшто не се појавиле гостите во договорениот термин. Во таквите ситуации, како и за се друго во животот, ве спасува планот  Б. Искуството си го прави своето за да имате план Б и да бидете подготвени и брзо да реагирате. Притисокот е голем, пред се поради одговорноста кон респектираниот медиум – ТВ Сител и големиот број гледачи, но, засега, успешно се справуваме со секоја непредвидена ситуација. Се случувало да се запали пластичен чајник на рингла и да се зачади целото студио на две минути пред почеток на студискиот дел во живо или на некого од гостите да му се слоши од трема и тоа само момент пред настап… но, шоуто секогаш мора да продолжи и никој да не забележи ништо пред екраните.

Во утринската емисија друштво ви прави колегата Александар Блажевски. Вашите енергии се надополнуваат. Како течат подготовките за емисијата, за изборот на дневните теми?

Целата редакција работи на темите за да конципираме што подинамичен и поинтересен склоп содржини во утринската од понеделник до сабота. Јас и Александар заеднички, во соработка со новинарите, ги планираме оние што се емитуваат во деновите кога сме ние уредници на денот. Морам да се пофалам дека како професионлци , двајцата сме доста колегијални и ги распределуваме обврските и ангажманот за емисиите 50-50. Настојуваме да внесеме колку можеме повеќе свежина во секое ново издание на утринската и најважно – добро расположение и енергија, која ја спомнавте и вие. Ние сме природни, односно приватно  онакви какви што не гледате во програма, па мислам дека тоа е и клучот на успехот на нашиот тим.

Маркетинг

Работи голем тим на новинари кои се јавуваат во живо од различни локации. Според вас што би надополниле во самата емисија?

Утринската програма на Сител за сиве овие години многу се менуваше. Делумно за да се поправи, а делумно за да се внесе свежина и да се обнови во одредена фаза – застарениот концепт. Секогаш има простор програмата и содржините да „растат и созреваат“, но во овој момент емисијата е „по мерка“ на најголемиот процент наши гледачи затоа не би менувале ништо. Кога ќе дојде време за новини и освежување, секако ќе ги внесеме.

Дел сте од тимот на женскиот магазин „Убавина и здравје“. Опишете ни го процесот на подготовка на содржините?

Отсекогаш  со задоволство читам списанија. „Убавина и здравје“ е бренд кој јас го обожавав и како читателка пред да станам уредничка на овој најстар лиценциран женски магазин кај нас. Ова е 11 година колку е присутен на пазарот, а и доста успешен со оглед на новата дигитална доба, која за момент сериозно им се закани на печатените медиуми, а дел од нив, за жал, и ги исфрли од игра. Но, нашиот нов тим ја продолжи успешната работа на претходните луѓе кои ја креираа оваа приказна. Се адаптиравме на новите трендови, ја внесовме нашата визија во делот на содржините, но и ентузијазмот и љубовта кон оваа работа, што верувам дека читателките го препознаваат.  Јас и целиот прекрасен тим со кого работам секој месец имаме само една цел – да останеме достојни како задолжителен ритуал за миговите што секоја наша читателка ги издвојува за уживање самата со себе.

Имате долга коса. Ретко експерементирате со фризури. Како ја негувате и дали размислувате за некоја нова комплетна промена?

Многу пати сум помислувала, но потоа си велам, зошто би менувала нешто што е добро само затоа што ми е здодевно?! Трикот на животот во многу негови сфери е што на луѓето често работите им стануваат здодевни и посакуваат промени, но промените треба да дојдат тогаш кога нешто не е добро. Ако менувате кога ви е здодевно, тогаш треба да сте свесни дека ризикувате. Долгата права коса е вечен тренд, а и желба на многумина кои, за жал, ја немаат како дар. За освежување, повремено менувам нијанси, прамени, шишки…

Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

Главен дел од негата ми е препаративната козметика за лице во која најмногу инвестирам. Користам хипоалергена козметика богата со минерали бидејќи најмногу ми одговара на мојата осетлива кожа и секако антиејџ серуми и кремови за лице. Не легнувам ниту станувам од кревет без темелно чистење на лицето и потхранување на кожата. Тоа е совет од мојата мајка, кој би сакала да го споделам со ваши помлади читателки. Задолжително негувајте ја кожата и нанесувајте крем околу очи и на лице без оглед на возраста. Што порано почнете, толку подобро! Подлогата за шминка ми е исто така многу важна, останатото, повеќе или помалку…

Која е вашата добитна комбинација на пример за некоја вечерна забава?

Преку облеката комуницираме со нашата околина и „откриваме многу за себе“, особено на прв поглед. Всушност, околината често ќе извлече некаков заклучок за нас токму според она што го носиме на себе, уште пред да кажеме збор. Затоа, при изборот на гардероба за една вечерна забава, добро е да размислиме што всушност сакаме да добиеме со таа „добитна комбинација“? :) Аналогно на тоа, јас одбирам што ќе облечам. Ако ми е најважна удобноста и само да се забавувам одбирам џинс и кошула надополнети со модерни детали како впечатлив ремен, накит, чанта… но ако имате други планови за таа забава, нека биде или гламурозно или шик или умерено секси или ултра модерно. Приоритет секогаш нека биде комбинацијата да е во согласност со модните трендови, но задолжително да ја истакне вашата убавина, а да ги сокрие недостатоците што сите ги имаме.

Бевте дел од модната сцена пред 10 години. Ви се допаѓа ли скопската улична мода има ли оргинални комбинации и стилови?

Ми се допаѓаат креативните луѓе кои на свој некој начин комбинираат модерни парчиња. Сакам кога се следат трендовите, затоа и постои модата , таа е толку привлечна за повеќето луѓе и еден посебно убав дел од животниот стил. Но, не сакам кога од глава до петици се копираат комбинации, посебно јавните личности од светската сцена. Нивниот стил треба да служи за инспирација, бидејќи тие се често советувани од добри познавачи на комуникација преку мода, но да остане на инспирација. Без оглед дали станува збор за скапи брендови или широко достапна мода, одбирајте парчиња во склад со вашиот карактер, професија, статус…

Дали сте зависник од шопинг? 

За жал, кај зависностите човек прави нешто затоа што „мора“ и тоа посекоја цена, а во такви услови нема уживање. За мене шопингот е многу забавен и вистинско уживање. Сакам да си разгледувам и купувам кога сум слободна, а на шопинг ми е најубаво само со мојата сестра. Сезонски си набавувам парчиња за нови или освежување на на некои „вечни“ комбинации. Знам и „паметно“ да искористам сезонски попусти во странство, бидејќи кај нас кога се попустите ги нема моите бројчиња. Верна сум на поедини брендови. Последно си купив ново бело палто што наликува на смокинг. Палта имам во сите можни бои, должини и форми за да можам да ги комбинирам со се’.  А сите треба да имаме: добра бела кошула, фармерки што ни стојат одлично, црно добро палто, фантастични салонки, да инвестираме во што подобра чанта и во впечатливи детали кои ќе бидат во склад со нашиот стил – очила за сонце, часовник, накит.

Подготви: Берта Мартиноска

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button