Храбра, своја, борбена. Таа е првата жена од Македонија која успеа да се искачи на Монт Еверест, но и да искачи 7 врвови на 7 континенти. Илина Арсова е најпознатата македонска алпинистка која неодамна јавно ја објави својата љубовна врска со најпознатиот телевизиски шоумен кај нас Игор Џамбазов. Таа деновиве ја објави и книгата „Планинарење“ на која работеше изминативе две години. За планиниските предизвици како и за врската со Џамбазов прочитајте во продолжение…
Како го поминувате овој период, кога границите се затворени и не можете да се качувате по планините надвор од земјава?
Македонија располага со прекрасни планини и други природни богатства. Можам доволно да тренирам и да ја одржувам формата преку возење велосипед, пливање во нашите природни езера или качување на карпи, соодветно опремени за тоа. Заедницата во планинарските спортови малку по затворена и помалку мотивирачка во однос на други земји. Сепак, единствено што ме мачи во Македонија е екстремно ниската еколошка свест, неправдите кои секојдневно не пресретнуваат, фарсите на политичарите и нефункционалноста на општествениот систем која не дозволува да растеме и напредуваме.
Како се одлучивте дека ќе бидете првата жена алпинистка од Македонија која ќе се искачи на Монт Еверест и уште 6 други врвови на 7 континенти?
Тоа е процес кој настапува многу постапно. За да ги искачам овие 7 врвови, требаше да искачам уште други 27 екстремно високи планини, помалку популарни во јавноста. Во 2010 го искачив врвот Аконкагва, потоа веднаш помислив на Аласка како поголем предизвик, или Килиманџаро како нова авантура. Еверест секако веќе ми беше во срцето како и во агендата за следните години. Еверест беше можеби клучен во 2013, а со неговото искачување се најдов некако на „пола пат“ во мисијата за 7 врвови на 7 континенти, која конечно ја завршив во 2019 год. Времетраењето на мисијата освен од физичката, зависеше и од финансиската спремност, а за последните две експедиции добив целосна поддршка од Агенцијата за Млади и спорт.
Каде и дали воопшто некогаш сте се почуствале загрижено и нестабилно додека ги искачувате највисоките Светски врвови?
Секако. Тоа постојано се случува бидејќи сме изложени на непредвидливи ризици кои не зависат од нас . Дури и при најголема претпазливост, лавините, бурите или земјотресите, кои се често присутни на тој терен, не може лесно да се избегнат.
Имате дипломирано и на универзитетот за туризам во Охрид, може ли наскоро туристички водич да биде вашата примарна професија?
Туристички водич и угостител е мојата професија речиси 15 години и единствен извор на приход, бидејќи како што гледате сите останати работи ги правам волонтерски и ентузијастички без некаков надомест. Разни видови активизам, мотивациски презентации за дечињата од повеќе училишта, па дури и одговарање на прашања за интервју што може да земе цел ден, но тоа време медиумите кај нас не се навикнати да ни го надоместат.
Кое е вашето омилено место во Светот и во Македонија?
Ги има повеќе: Сардинија, Каталунија, Доломитите и Алпите, Перу, Еквадор, Аргентина, Тајланд, Охрид, Дојран, Јанче, Шара, Пелистер и уште многу други…
Што ве прави среќна?
Надморска висина, едноставен живот, понекогаш самотијата, понекогаш доброто друштво.
Од што најмногу се инспириравте изминативе месеци, во карантинскиот период предизвикан од актуелната ситуација поврзана со Корона вирусот?
Од љубовта која можев да си ја посветам себеси.
Пред само неколку месеци јавно ја објавивте вашата љубовна врска со Игор Џамбазов, како го освои срцето на Илина?
Зарем има нечие срце кое не било освоено од И.Џ.?
Несомнено е дека ме освои со своето змиско тело.
Каква храна сака Илина и што најмногу готви?
Едноставна храна, но и мешавина од вкусови. Речиси во се што приготвувам ставам неколку видови семиња. Често јадам јајца, просо, леќа, сите видови тестенини, различни видови сирења. А од зеленчук обожавам морков, авокадо, зелка и краставица. Од овошките сакам диња. Навлечена сум на сникерс сладолед и одредени денови го конзумирам во неограничени количини.
Како ќе го паметите летото 2020 година?
По гужвите и прегласниот турбо фолк во Дојран, по невоспитаните туристи и брдата отпад во Охрид, по зеленилото во Јанче, по книгата Планинарење која штотуку ја издадов, а ја подготвував изминатите 2 години.
Кое е вашето животно мото?
Радувајте се на туѓиот успех како да е ваш! Само така може да пораснете како личност, да напредувате професионално, интелектуално и духовно.
…Во спротивно влегувате во стадото што „знае се“! Тоа, за жал не ви остава простор за нови знаења. Води кон сопствена нереализација, таа пак води кон фрустрации, за кои постојано некој треба да ви е крив… и така натаму во затворен круг кој не води никаде. Само тажни фаци и говор на омраза.
Најдете го она што мами насмевка на вашето лице!