Реклама
Интервју

Игор Митровиќ: „Танзанија за мене беше љубов на прв поглед“

Реклама

Ја запозна Танзанија и на прв поглед се вљуби во неа. Многумина можеа да му завидуваат на нашиот пејач Игор Митровиќ кој одлучи одреден период да го помине токму во Танзанија. А ни откри дека е заљубен во афричкиот танц и во танзанискиот јазик – свахили.

Речиси 2  години живееше и работеше во Танзанија. Дали си сеуште таму со постојано место на живеење или се врати во Македонија?

Маркетинг

Точно. Цели 2 години од мојот живот ги поминав во една прекрасна авантура наречена Танзанија на која што и дојде и крајот. Веќе скоро една година како што се вратив во своето гнездо, во моето Скопје. Моментално место на живеење ми е Македонија, а за утре што ме чека, не можам да знам.

Зошто ја одбра токму Танзанија?

Маркетинг

Во 2016 година беше мојата прва посета на Танзанија на одмор кај сестра ми, поточно Дар ес Салам, каде што она живее и работи веќе 9 години. Одморот ми беше скроз непланиран, сестра ми без мое знаење, изненадно ми букираше авионска карта и само ми јави 2 дена пред летот да ме извести. Иако претходно имав прошетано и видено многу места низ светов, тоа што го доживеав на само 15-дневниот одмор (што е релативно краток период за да се доживее Танзанија) за мене беше тотално нереално и превозбудливо. Велат дека од прв момент или ќе се заљубиш во Танзанија или нема да посакаш да отидеш веќе ниту еднаш. Нема златна средина. Јас спаѓав во тие првите. Љубов на прв поглед. Неочекувано, непланирано, многу набрзина, спонтано се случи се. Ако пишувам за мојот одмор таму, ќе треба да се заборавам и да напишам цела книга, па затоа само ќе кажам дека веднаш по моето враќање во Скопје, знаев дека се неколку месеци во прашање за јас да оставам се тука и да се преселам таму, што и всушност се случи после 4 месеци. Фактот дека тој период ми беше малку хаотичен на приватен план, се чувствував речиси депресивен, изгубен и заглавен како да не мрдам од една иста точка долго време, период кој што верувам дека многумина го доживуваат во текот на животот, само ми ја зголеми желбата за да ја направам таа драстична промена во мојот живот и да се преселам таму. Секако, пред моето стасување во Танзанија, беше веќе договорено моето работно место и сите потребни услови за убав и нормален живот кој што и всушност го имав.

Каков е животот таму?

Искрено, многу долга и опширна конверзација отвара ова прашање. За жал, расизмот сеуште постои таму до некој одреден степен, и животот за нас белите луѓе е далеку многу по пристоен од домородците. Просечна плата на локалец е од 50 до 100 долари месечно на што веќе се навикнати и од моја гледна точка можам да генерализирам дека баш поради таа причина не се преокупираат со материјалните вредности, туку знаат како да го уживаат и живеат животот со други вредности, што ги прават на 70 години да личат на 40 годишни. Поведар, повесел, позабавен и покомуникативен народ од нив, не сум сретнал. Работата можеби не им е најјака страна, меѓутоа први се за забава и знаат како да направат најдобра забава на цел свет. Од друга страна, ние белата раса која што одиме да печалиме таму, живееме тотално поразличен живот од нив. Никогаш јавно не сум го кажал ова од причина што не сакам да звучи невкусно, меѓутоа кога веќе правам компарација помеѓу животот на локалците таму и ние, белата раса на луѓе, ќе кажам дека живееме живот со малку повисоки стандарди од нивните. Пример, сите од нас имаме вработено жена (кои таму ги нарекуваме “дади”) во нашите домови која се грижи за нас, со работно време од 12 часа. Лично јас, додека живеев во Танзанија, престојував во пентхаус и имав вработено жена-“дада” Приска и и беше 12 часа работно време, од 8 сабајле до 8 навечер, секој ден освен недела. Ја засакав и се зближивме толку многу што ја гледав како член од своја фамилија, ми ги вршеше сите обврски кои јас не стигнував поради дневните работни обврски, се грижеше секојдневно за домот во кој што живеев и ми ја готвеше највкусната храна што некогаш сум ја пробал. Комплексите каде што живееме, се обезбедени 24/7 со обезбедување и речиси секаде има приватни базени, приватни теретани кои ни се на располагање 24/7. Во буквална смисла, имав услови за прекрасен живот. Ноќниот живот е одличен! Имаат премногу дискотеки, ноќни клубови и барови покрај плажа. Од афрички стил, цела дискотека направена од дрво, до модерни и урбанизирани ентериери. Заљубен сум во афричкиот танц и во танзанискиот јазик – свахили. Еден од најубавите острови на земјата, Занзибар, се наоѓа на само 90 километри од градот каде што живеев, и секако го посетував многу често. Природните убавини се нешто непроценливо. Генерално можам да дадам констатација дека животот таму е супер.

Можеш ли да ни раскажеш некоја необична случка од таму?

Самото живеење во Танзанија е необична случка, хаха. Навистина ги има премногу. Посетата на националниот парк Микуми каде лавица со нејзинитње малечки беа оддалечени од мене само неколку метри, преспивањето во самиот национален парк каде што стануваш наутро, отвораш врата од собата и пред тебе се шетаат мајмуни и слонови, пливањето со делфините во Занзибар, посетата на масаи селата каде што ме учеа да го играм нивниот танц, и посетата на нивните домови направени од сено и дрво и начинот на кој што живеат, нивните секојдневни ритуали. Моето прво возење на баџаџи се случи токму таму. Ги има навистина премногу. Уште само ќе го споменам фактот дека имаат многу невообичаено интересни имиња за наше подрачје како: Light (Светлина), Innocent (Невин), Hope (Надеж), Gladness (Милост), Happy (Среќен), Lucky (Среќен), Happiness (Среќа), Princess (Принцеза), Pretty (Убава), Comfort (Удобност), Goodluck (Среќно/со среќа) итн.

Кога планира Игор да и се врати на музиката?

Тукушто ме чепна по раната… Никогаш не сум ја напуштил музиката, само што веќе подолго време сум отсутен од македонската музичка сцена. Музиката е дел од мене, од мојот живот, секогаш била и секогаш ќе биде. Солистичката кариера ја почнав многу млад, наивен, бев дете и сакав само да пеам и да творам, без да размислувам на сите последици. Не бев свесен дека и музиката е бизнис, кој што треба да знаеш како да го менаџираш и играш. Со тек на времето на професионален план доживеав многубројни успеси и падови што ме научија на многу работи, а искуството си го прави своето. Многумина луѓе-професионални ми помогнаа во градењето на музички идентитет и карактер како јавна личност, но многумина ме деградираа, сопки, забрани, уценувања… А пак ќе кажам, бев млад и неискусен и не знаев како да се соочам сам со сите тие неубави предизвици. Почувствував потреба да се повлечам, т.е да направам пауза и да погледнам малку пошироко и од друг агол како стојат работите. Баш тој период и се преселив во Танзанија. Процесот на размислување и креирање стратегија сеуште трае. Мал пазар сме, отруени со турбо фолк, нашата музика малтене и е неприметлива, со чест на исклучоци секако. Длабоко во себе сум сигурен дека кога-тогаш ќе се појавам повторно со нешто ново, меѓутоа тоа би било кога ќе бидам јас спремен за целосна стратегија и за сериозно нешто, а само колку за да се појавам со една нова песна и спот а потоа пак да ме нема, не, бидејќи визијата ми е многу поголема. Работам на себе во секоја смисла… и физички и психички. Видиците за многу нешта ми се проширија и ќе ги проширувам, секојдневно учам нови работи, инвестирам во себе. А како што кажав, нема потреба да и се враќам на музиката, зошто никогаш не сум ја ни напуштил.

Може ли публиката наскоро да те види на некој од домашните фестивали?

Пред се морам да напоменам дека има огромна разлика од фестивал до фестивал. Барем кај нас. Фестивалите генерално се одлични за промоција на самиот себе како артист, a и промоција на нова песна. Меѓутоа после многубројните мои настапи на фестивали како во Македонија, така и надвор, не се поклопуваат со моите планови за во иднина. Сепак, никогаш не велам не.

Магистер си по Графички дизајн и можеме да забележиме на твојата официјална фан страна Mitrovic Design дека си многу посветен и активен кон твојата стручна професија. Континуирано постираш твои нови дела за повеќе наши и странски компании. Што се случува на тоа поле?

Работам графички дизајн уште пред да магистрирам, додека бев на додипломски студии на факултетот за графички дизајн. Првото мое работно искуство како графички дизајнер беше пред 8 години, кога имав 20 години, во фармацевтската компанија Демакс Нова, бев графички дизајнер и технички уредник на тогашното неделно списание “Живот и Здравје”. Тоа беа моите почетоци. После подолго време работејќи за други големи компании и откако се стекнав со звање Магистер по Графички Дизајн, дојдов до заклучок дека можам да работам сам за себе и со тек на време стекнав неколку сериозни и лојални компании, клиенти, како од Македонија така и од надвор, за кои денес веќе подолго време работам како outsourcing, или повеќе познато кај нас, како фриленсер (за жал погрешно толкуван термин кај нас). Премногу сум посветен на работата, премногу сум сериозен во пристапот кон овој бизнис, и планирам да растам повеќе. На барање од моите клиенти, годинава завршив и 6-месечна Академија за Маркетинг, за кои сега креирам и маркетинг стратегии и кампањи. Одлично ми дојде проучување и на таа струка, поточно дигиталниот маркетинг, така што графичкиот дизајн е тесно поврзан со маркетингот и се совпаѓаат взаемно совршено. Секојдневно учам по нешто ново, сакам да се надоградувам. Но, сепак моја примарна и главна струка е Графичкиот дизајн и највеќе сум посветен на тоа. Мои лојални домашни клиенти се Нептун Македонија, Систина Офталмологија и Елмед Македонија, а надворешни долгогодишни клиенти ми се најчесто од Шведска, Данска, Белгија и Америка. Плановите за отворање на свое креативно студио кое што ќе нуди графички и маркетинг услуги се на пат кон остварување, а до тогаш сум среќен и исполнет фриленсер кој секогаш е отворен за нови успешни соработки.

https://www.behance.net/igormitrovic

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button