Реклама
Интервју
Trending

Ивана Наскова: „Немам маж и деца па не стареам и спијам колку што сакам“

Интервју со Ивана Наскова ...

Реклама

Таа е една од нашите најдобри стендап комичарки, но и авторка на неколку романи и познато лице од малите екрани.

На нејзините фори многумина се смееле досега, посебно оние што имале прилика да ја гледаат во живо, а на 17-ти март ќе настапи со својот нов проект „Кога ќе се мажиш“ во Народен Театар Штип, а потоа и во Скопје. Како што самата вели, најубаво и е кога од сцената ќе ја слушне публиката како се смее и ќе добие аплауз, а бидејќи станува збор за една убава и негувана дама во продолжение ќе може да прочитате и како се одржува во форма и кои се нејзините бјути ритуали.

Фото: Приватна архива

Како изгледа животот на една од најдобрите стендап комичарки во регионот?

Периодов доста зафатено 😊 Целата енергија ми е насочена кон настапот во Штип на 17ти Мај во Народниот Театар затоа што ќе има поголема публика и тоа секогаш бара многу енергија. Но убаво ми е и среќна сум. Слободното време, она малку што го имам, го поминувам со Були, моето куче и тоа е најважниот извор на среќа, љубов и позитивна енергија која ми треба во животот. Се разбира тука се и книгите, пишувањето и работата и плановите за одмор кои ме мотивираат да давам се од себе дур не дојде време за забава и релаксација.

Маркетинг

Во изминативе години имаше голем број настапи, претпоставувам имаш многу интересни моменти што ти се случиле. Што е она што би го издвоила како нешто посебно, нешто што нема никогаш да го заборавиш?

Секој настап и турнеја имаат своја енергија и посебни моменти кои остануваат засекогаш со мене. Последно што ќе го издвојам е турнејата во Србија и настапите со “Жене које причају”. Отсекогаш сакав да пробам да работам и настапувам надвор од Македонија затоа кога тој сон се оствари не можев да бидам посреќна. Настапите во Белград и мојот “одличен” српски ќе се паметат верувајте 😊.

Фото: Приватна архива

Исто нема да заборавам како дечкото на кој му се допаѓав по мојот стендап настап дојде до мене и ме праша дали можеби имам другарка за него, а ние двајца да останеме пријатели. Не за џабе се рекло стендап професијата не е лесна, особено ако си девојка.

Маркетинг

Од кога почна да се занимаваш со оваа професија и како започна твојата приказна со стендап комедијата?

Се започна некако спонтано и многу непланирано. Би рекла дека моите “бисери” на радио и емисијата “Вечер со Ивана” и “На Шанк” беа основата на ова кое го работам денес.

Фото: Приватна архива

Таму сфатив колку му е важно на народот да се насмее и расположи и дека јас можам да го направам тоа. Отприлика 7-8 години подоцна еве сум успешно работејќи во ова поле и секој ден надевајќи се дека Македонија конечно ќе го прифати и разбере овој начин на хумор и ќе имаме многу поразвиена стендап комеди сцена.

Има ли во нашата земја добри стендап комичари и дали публиката го препознава нивниот квалитет?

Во последно време се појавија многу нови ликови кои покажуваат желба да работат со ова и тоа искрено ме радува. Дел од нив работат со комични монодрами кои се нешто различно од стенд ап и дефинитивно многу поинаков формат што јас не би го нарекла стенд ап, но важно е дека народот има каде да оди кога сака да се смее. За квалитет не би коментирала затоа што кога се работи за хумор тоа е работа на вкус. Некому може јас сум му смешна и одлична, некому не. Затоа е важно да си го пронајдете стенд ап комичарот чиј хумор е по ваш вкус. Најважното од се ова професија е како жива материја. Со секој настап учите нешто ново и станувате подобри, така да верувам дека Македонија за брзо ќе може да се пофали со напредок и таленти и во оваа фела.

Фото: Приватна архива

Каква е нашата публика? Какви фори најмногу им се допаѓаат?

Нашата публика сака да се смее иако знаат да бидат малку “стегнати” и им треба време да се опуштат за да ракоплескаат и да се смеат на глас од срце без да гледаат одоколу дали некој ги гледа. Затоа што мојот материјал е доста “провокативен” јас обожавам кога дел од нив ќе се шокираат што една девојка зборува на такви теми, кои обично се “резевирани” за мажи, но отсекогаш сакав да бидам “бунтовник” ама со причина. Време е да разбереме дека светот оди напред и некои работи нема потреба да се табуа. И нормално со редовна поддршка и организација на стендап настапи, публиката ќе се навикне и ќе сака редовно да биде дел од овие случувања покрај излегувањето во кафани. Некогаш да направите промена е убава работа.

Фото: Приватна архива

Како се подготвуваш за твоите настапи и каде нашата публика би можела да те гледа во следниот период?

Мир и тишина се она што ми треба пред настап. Јас штом се качам на таа сцена ја впивам целата негативна енергија од публиката и за возврат им ја давам мојата позитивна што значи дека еден настап знае навистина да биде исцрпувачки. Но нема поубаво чувство да се биде на сцена и да се слушне таа смеа и аплауз. Во моментов како што споменав се спремам за настапот во Народен Театар Штип на 17ти Мај. Навистина ќе биде убаво затоа што Штип отсекогаш имал прекрасна енергија и е многу жив и модерен град. Следно по тоа е настап во Скопје за чии детали ќе бидете известени на мојот Инстаграм профил.

Фото: Приватна архива

Поприлично си активна и на социјалните мрежи и на твоите фотографии секогаш изгледаш убаво и дотерано. Ќе сакаш ли да ни ја откриеш твојата тајна како се одржуваш во форма и дали имаш некои посебни ритуали за нега и убавина што редовно ги применуваш?

Тајната е во тоа што немам нервози 😄 Немам маж и деца па не стареам и спијам колку што сакам (хахахаха). Шега на страна, благодарам за убавите зборови. Во принцип гледам да се хранам здраво, не сум љубител на месо и ретко го јадам, па зеленчук и овошје се нешто најзастапено на моето мени. Пијам многу вода и редовно трчам што мислам дека е број 1 причина за да се чувствувате енергично, среќно и релаксирано.

Фото: Приватна архива

Каков е твојот секојдневен стил и колку тој се разликува од оној што го гледаме на твојот Инстаграм или на твоите настапи?

Нема голема разлика освен што најголемиот дел од денот ќе ме најдете во пижами (хахаха) тоа е магијата на работењето од дома. Сакам природен изглед и облека во која се чувствувам своја, а не она што е ИН или модерно. Мојот стил зависи како се чувствувам па може да биде спортски, опуштено и патика или сензуално и висока штикла. Никогаш не сум била од оние луѓе кои знаат точно однапред што ќе облечат. Кај мене е секогаш се одлука во моментот. Кога доцнам знам да биде тоа и првата работа која ќе ми се најде при рака, а во маало комшиите веќе се навикнаа на мене да го шетам Були во пижами.

Фото: Приватна архива

Каква е Ивана кога не е на сцена?

Иста! Имав среќа да работам професија во која не морам да глумам и да бидам нешто што не сум. Јас и на сцена и приватно сакам да ги смеам луѓето и да раскажувам искрено за сите згоди и незгоди од мојот живот. Она што можеби се разликува и нема да ви се верува е што знам да имам огромна анксиозност кога треба да излезам и да бидам меѓу луѓе затоа поголемиот дел од времето преферирам да го поминувам во својот дом или во природа на мир и тишина, во друштво на животни затоа што ги обожавам! Да можам би галела и крокодил ако знам дека нема да ме изеде 😄 Најважно, Ивана не е Ивана без Були, стенд апот и книгите.

Фото: Приватна архива

Фото: Приватна архива

Фото: Приватна архива

Фото: Приватна архива

Фото: Приватна архива

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button