Реклама
CelebrityИнтервју

„За да имаме македонска сцена, треба да го цениме тоа што е наше“

Реклама

Го создаде легендарнот хит во македонската музика, песната „На Велигден“, која доби и неколку свои преработки од други изведувачи. Малкумина го знаат како Ѓорѓе Васиќ, во јавноста веќе неколку децении познат како Џина Папас Џокси, музичар и автор на детски емисии. Што прави Џокси во моментов, какво беше неговото детство, но и што следно може да очекуваме од него прочитајте од интервјуто во продолжение…

Повеќе од 40 години сте присутен на македонската музичка сцена, како е да се опстои толку долго?

Навистина, прво треба да имаш љубов и верба во она што работиш, да си подготвен на многу откажувања од секојдневниот убав живот, да си опкружен со музичари кои ја имаат истата или слична визија како твојата, и се разбира, на крај доаѓа изборот на песните … Кога сето ова добро ќе се осмисли се доаѓа до производ кој од година во година го обновуваш и модернизираш, и кој те држи во живот повеќе од 40 години. Јас имав среќа да работам со луѓе со кои и ден денес сум во контакт, луѓе кои нешто значат во македонската музика, пред се мислам на дечките од групата МАКАКУС со кои направивме невидени успеси и дури повлековме и една цела генерација млади во акустичарско движење, не само во Македонија, туку во Југославија. Тоа е оној период од ’77 до ’85 кој го сметам за творечки најплоден.

Што е различно од пред 40 години и сега на нашава музичка сцена?

Годините. Тогаш млади и полетни, се што замислуваш и остваруваш. Од гардероба и шминка, до концерти и фестивали. Музички не бев оптеретен кој стил ќе негувам, битно ми беше, а и на дечките од групата, да се разликуваме од други во што и успевавме. Со Музичка младина на Македонија имавме безброј настапи низ тогашната држава, како акустичарска група, лесни бевме за транспорт, така што можевте денеска да не видите во Сараево на концерт, другиот ден во Скопје на рецитал, а третиот во Суботица на фестивал. Како што гледаш, можеш да ја воочиш разликата, голема држава, големи можности, мала држава … Во Македонија не се сеќавам дека сум направил концерт. ’96 снимив албум кој дебело го платив, но не успеав ниту 10% од вложеното да вратам, така што тоа беше пресуден момент да забавам во инвестициите. Колку тоа звучело грубо, кај нас нема музичка сцена, а има музичари, но тие се снаоѓаат како што знаат и умеат. Тешко, да не кажам никако, се живее од музика. Зборам, и за пред короната.

Маркетинг

Имате ли одреден настап кој што ви има посебно значење?

Секој настап е посебен сам за себе, од подготовка до реализација, така што тешко би можел да издвојам некој. Но секој од нив е различен по наградите и патувањата. Од наградените би ги спомнал фестивалите ФАМУС 81 и ОМЛАДИНА 82 каде што ги “собравме“ првите места и наградите од публиката. Тука, еве сега додека пишувам, ми текна на настапот на Слободни форми во суботичкиот театар, каде во дваесетина минути се преставивме на музичката јавност и буквално ја кренавме публиката на нозе. Тогаш за МАКАКУС свиреа Јане Пенов гитара, Ацо Конга Богдановски конги, Будимка Мирковска сега Имери флејта и јас на гитара. Она по што се разликувавме од другите е тоа што сите свиревме и пеевме, но не како другите акустичари песни лигушки, туку бевме агресивни со ангажирани текстови.

На ФАМУС победивме со “Големиот шеф“.

Маркетинг

 

“Сладолед за чавки“ е победничката песна на ОМЛАДИНА 82, текстот е на Љубомир Грбевски Џери.

Ајде да се навратиме децении наназад, какво беше вашето детство?

Ма одлично! Имав прекрасни родители, тие па од волшебни фамилии. Бабите и дедовците се основополжници на образованието и културата на секо дете денес, но ништо поразлично не било ниту тогаш. Секогаш сум сакал да одам кај баба ми Уранија на гости, се знае зошто. Таа ја правеше најубава раванија, а јас се давев во неа. Кај другата баба Јелисавета одев во село. Тоа е најубавото место за деца. Село. Бесконечна шир за игри и зезанции, па уште ако има и река за фаќање риби, рај. Крави, овци, кози, млеко, сирење, кајмак – мммм …

Не се случило да кренат рака на мене, иако бев доста палаво, немирно дете, со лузни на колената и главата. Се сеќавам, игравме „Викторија“ кога ја скршив ногата, игравме челик и оние вообичаени игри од тоа време брканица пипни-стој, миженка, камај, но од дигање конзерви со карбит џамовите највеќе страдаа. Тоа е она време кога вујко ми Никола за роденден ми подари гитара и ме научи на основни акорди, Г дур, Д дур, А дур …

Живеевме во куќа, на тогашна последна 7, влезот на ЈНА, сегашната оградата од ОУ Блаже Конески. Немаше асвалтирани улици, само посипан чакал, затоа не е ни чудно што имавме толку повреди, од гајби правевме бина на која секој од нас пееше по некој песна, јас Ринге ринге раја, но кога се ќе зберам, период од детството за паметење. Кога тргнав на училиште, не можеа да ме препознаат. Мирен, бубачка, ми било срам да кренам рака за мала нужда. Во четврто одделение се запишав во мандолински оркестар, а во петто се запознав со гимнастиката и се покажа како пресвртница во мојот тинејџерски живот. Во осмо станав Пионерски првак на Македонија и севкупен победник на Малите олимписки игри, па Младински првак. Морам да ги спомнам Миле Чатал, мојот прв тренер и наставник по физичко образование под чие менторство произлегоа еден грст спортисти од О.У. „Цветан Димов“ во Чаир, Минче од Партизан Чаир, човекот кој ја постави целата гимнастичарска структура во мене и со кој собравме еден грст медали во тогашната држава, и Раичковиќ Јован-Раичко кој ја оформи мојата гимнастичарска личност, а Партизан 3 тогаш важеше за гимнастичарски храм, со оглед на тоа дека Раичко беше селектор на женската гимнастирска репрезентација на Југославија.

Имав пех во втора година средно. Се подготвуваме за Европско клупско првенство во Виена, машката и женската екипа. Вау! Секој би посакал една таква гарнитура спортисти. Но, од исцрпеност изгубив рамнотежа, ја повредив главата и тоа беше крај на мојата спортска кариера. Не успеав да дојдам до собирот на врвните гимнастичари од светот за кој и ден денеска жалам.

Утеха наоѓав во гитарата и тоа е период кога неисцрпно творев со денови. Едноставно песните извираа од мене. Така еден од часовите по германски јазик професорката Убавка (од ГУЦ) ни даде за задача да навежбаме песна, но ние не таа туку јас на еден текст од учебникот напишав музика и, се разбира, земавме прво место. Тоа се случи во Дом на млади денешен МКЦ, ‘74.

Но не мирував. Станав дел од Акдемската сцена Мирче Ацев, каде што покрај одредени улоги, пишував музика за рецитали и бевме единствени од вид на творештво, кој во тоа време беа задолжителен состав од една културна манифестација.

Веќе ‘77 ја оформив групата МАКАКУС (МАКедонски АКУСтичари) во СОНИК, клуб во гаражите на стамбениот блок карши Собрание. По две години и првиот концерт, пак во тогашниот МКЦ, пред преполна кино сала, сега Фросина, и со еден грст гости од Југославија и домашни групи, кантавтори и поети. За овој концерт треба да ти раскажат оние кои биле во Домот таа вечер, затоа што ќе испадне дека се фалам, а немаме ниту аудио, ниту видео запис. Тогаш како членови на групата се Александар Стефановски Јаблан (група Триангл), Викторија Анѓушева (актерка во Драмски), Силвана Божиновска (порф. по англиски) и Оце Чунихин Орша (група Морал).

Што најмногу ви недостасува од тоа време?

Безгрижното детство.

Што правите во моментов?

Еве ова е осма година откако си најдов нов предизвик, а тоа е стопанисувањето со порталот kukuriku.

Може ли публиката наскоро повторно да ве види со авторски телевизиски проект?

Тешко. Ниту една национална телевизија не е заинтересирана за детски емисии, како нивен, јас или, ние ќе ја дадеме идејата, а тие па само што непобарале Политичка емисија за деца! Но, ваквите потези им се јасни на македонските граѓани.

Која е тајната да се создаде хит како легендарниот „На Велигден“?

Не е тоа некоја тајна, не само за таа песна, туку и за била која друга во светот. Треба да се има приказна, вистинска приказна, зато што таа приказна публиката ја препознава и се соживува со неа, не дека и другите имагинарни немаат успех, но овие искрениве се вечни.

Што според вас недостасува на македонската сцена?

Пред малку спомнав дека немаме сцена, а за да ја имаме, она што е наше треба да го цениме. А за да го цениме треба институционално да го поддржиме. Ние сме мала земја со огромен капацитет во музиката, но еконмски слаба и без јак пазар. Во таква една поставеност се случува геноцид на музиката. Еве како ова го разбираат политичарите оние кои се задолжени за куклтурата по наредба на нивните идеолошки водачи. На секој две или секои четири години им овозможуваат на групите и солистите да пеат на избори. Не мора да ги платат, ќе компезираат. Кој од нив има јака врска ќе пее на евровизија, кој не, ќе му наместат награда на фестивал да фати некоја паричка. Ова не е грижа, ова не е никаква сцена, ова е пореметено сфаќање на поединци кои се уфилмани дека ја водат културата. Да се разбереме, и поп и рок, и техно, и народна и фестивалската музика се дел од таа култура.

Ако е така, тоагаш дајте да ги распуштиме театрите, филхармонијата, балетот. Да одиме по западен терк, сите нека се јавуваат на аудиции, па најдобрите да се одберат, ама само за тој проект, а не јали играл, јали не, на државна цицка. И после ќе дојде некој од “тие што се разбираат“ и ќе почне да дели совети како треба да се згрижат за оние кои одработиле, затоа што гревчињата мора од нешто да живеат. А што со овие другиве, да испоцркаат?

Со вака поставените работи, и она малку музичари што ги имаме, ги оддалечија од Македонија, од македонскиот јазик и културата. Полека изумираме, со мала веројатност да се појави уште некој Тоше кој ќе пее на сосем друг јазик. Моја препорака која веќе децении наназад ја давам на младите музичари е, само надвор му е мајката. Тука ама баш нема ни К од култура, ниту С од сцена. Да има за “оние“ нивните.

Кое е вашето животно мото?

„Децата се нашето огледало, а ние никогаш не сме погледнале во него.“

Што може да очекува публиката наскоро од вас?

Оваа година е јубилејна за Макфест, па по тој повод во Штип на отворена сцена ќе се одбележи. Поради настанатава пандемија, публиката ќе биде скратена со учество на странските пејачи, но затоа сме ние тука па ќе се обидеме да ги отпееме нивните песни. За понатаму со Господ напред!

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button