Реклама
Вирално

Загрижувачки податоци: Македонските тинејџери имаат ментални проблеми, нездрава исхрана и незаинтересираност за училиште

Реклама

Извештајот Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус, што го објавува денес Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, содржи исцрпни податоци за физичкото здравје, социјалните односи и менталната добросостојба на 227.441 деца на училишна возраст од 11, 13 и 15 години, од 45 земји.

depresijaИзвештајот открива дека децата на училишна возраст во Македонија, на примерок од 4.685 ученици од три возрасти и два наставни јазика, македонскиот и албанскиот, известуваат за многу значајни податоци поврзани со нивното здравје, навики и однесувања. Меѓу нив, прашањата за менталното и социјалното здравје, сексуалното здравје и грижата за себе (исхраната и физичката активност) имаат највисок приоритет, земајќи го предвид периодот од неколку истражувачки циклуси, низ кои се гледа стагнација, или пад по овие високо релевантни прашања за нашите млади.

Тука особено место заземаат менталното и социјалното здравје, со високи меѓуродови разлики и пораст на психосоматски проблеми, со возраста, особено меѓу девојчињата, како и несоодветната поддршка и слабите капацитети на младите во справување со предизвиците на нивниот развој. Истовремено, тука се и ризичните однесувања (пиењето, опивањето, пушењето и раните сексуални искуства), почесто изразени меѓу момчињата и без тенденција на намалување, со возраста, како ни меѓу последователните истражувачки циклуси.

Маркетинг

„Нема здравје без грижа за менталното здравје, нема стабилни, задоволни и одговорни возрасни, без безбедни, вклучени, информирани и респектирани млади, вели Лина Ќ. Унковска, национален координатор на студијата. Како што нема да биде неочекувано, како последица од кризата со Ковид -19, да видиме и колку се „кршливи“ оние што немале безбедно и грижливо детство“.

Состојби во Македонија

Споредено со резултатите од 2014, младите во нашата земја известуваат за големи меѓу-родови разлики по клучни прашања и теми од животот на младите, како што се навиките во исхраната, физичката активност, социјалното и емоционално здравје, ризичните однесувања, слободните активности, но и по прашањата на „табу“ темите, како што е семејното насилство, сексуалното однесување и злоставување.

Маркетинг

Критични точки на промени, или застој во здравствените навики, ставови и однесувања на децата од три возрасти, како и разликите во периодот од 2014 – 2018 година, се лоцирани на неколку теми, како:

  • Ментално здравје

Висока пропоција, и до 45%, од македонските адолесценти имаат здравствено ментални проблеми, почнувајќи од (не)задоволството од животот, преку психосоматските тегоби (главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето) до долготрајните периоди на нерасположение и дисфункционалност, кои покажуваат пораст со возраста, со сѐ поголеми меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата. Наодите покажуваат дека секое второ девојче (45%)  на 15 години чувствувало депресивни симптоми од најмалку две недели континуирано, како и неспособност (34%) во надминување на состојбата. Во споредба со резултатите од 2014 година нема отстапувања, со мало подобрување кај момчињата, но само на 11 и 13 години, додека никакви разлики не се забележани во преодот од 13 кон 15 години, што е најклучното поле на транзиција кон зрелото адолесцентно доба.

  • Навики поврзани со исхраната, прекумерната тежина и физичката активност

Висока е пропорцијата на ученици кои имаат најмалку еден заеднички оброк дневно со своите родители, во споредба со европските просеци. И покрај тоа, нашите деца се сѐ уште, како и во последните 10 години, меѓу првите во Европа кои секојдневно конзумираат слатки и газирани пијалаци, и што имаат прекумерна тежина (особено момчињата). Изборот на нездрава храна не се намалува со возраста, туку напротив се зголемува, и не се врзува со имотноста на семејство. За разлика од тоа, секојдневната исхрана со зеленчук и овошје, е многу почеста појава меѓу имотните, отколку кај сиромашните.

  • Социјално здравје и поддршка

Мнозинството млади во Македонија живеат со двајцата родители (83%). Довербата во семејството, и отвореноста да се разговара со мајката и таткото на теми што ги загрижуваат младите е висока. Со возраста се намалува отвореноста кон таткото, и тоа многу почесто се случува кај девојчињата.

Во поглед на приврзаноста кон училиштето, учениците од Северна Македонија, кои со години беа на врвот помеѓу 40-тина земји од Европа, Америка, Канада и Русија, во последните 12 години покажуваат континуиран пад во интересот за училиште. Падот се зголемува и со возраста, и кај двата рода, за да доведе до приврзаност од само 29% ученици што го сакаат училиштето. Во поглед на имотноста, најниско имотните девојчиња, најмногу го сакаат училиштето, додека најимотните ученички се најмногу оптоварени со училишни задачи. Поддршката меѓу соучениците е сѐ уште висока, но поддршката од наставниците опаѓа со возраста на децата, и е најниска на нивните 15 години, тогаш кога им е најпотребна. Поддршката многу  побргу опаѓа кон девојчињата, во споредба со момчињата.

  • Сексуално здравје и семејно насилство – „табу теми“ за кои со младите не се разговара. Запрашани, младите одговараат и на теми поврзани со нивните први интимни поврзувања, вљубувања и сексуални искуства. Наодите покажуваат големи меѓуродови разлики, што се пресликуваат во нивните одговори. Северна Македонија е меѓу петте земји со највисока родова диспропорција во сексуалните искуства меѓу момчињата (38%) и девојчињата (4 %) кои пријавиле сексуални односи до својата 15-та година. Овие разлики се должат на стриктните родови норми и улоги што им се припишуваат на момчето и девојчето во нашата заедница. Во поглед на заштитата 1/3 од сексуално активните млади во Македонија, не користеле никаква заштита /кондом или контрацептивни пилули/, при последниот сексуален однос. Семејното насилство, истражувано во 8 земји, членки на Студијата, открива висока пропорција до 35% од децата, од Северна Македонија, со искуства на какво било насилство во семејството (физичко, вербално, занемарување, сексуално вознемирување и злоставување) со зголемување на стапката, со возраста на децата. Притоа, момчињата пријавуваат почеста изложеност на семејно насилство од девојчињата.

Затворањето на училиштата поради пандемијата

Во времето кога се објавува најновата студија ХБСЦ, со наодите од 2017/2018г., светот се бори со пандемијата КОВИД-19. Следната студија, што ќе ги претстави наодите од 2021/2022г. ќе го прикаже влијанието на пандемијата и сите промени што таа ќe ги предизвика, во животите на младите.

„Широкиот опфат на прашања што ги покрива студијата ХБСЦ обезбедува увид во животот на адолесцентите денес и може да послужи како иницијална позиција за мерење на влијанието на КОВИД-19 врз животот на адолесцентите, што ќе се следи и анализира низ наодите од наредната студија во 2022г.“ рече Мартин Вебер, програмски менаџер за здравјето на децата и адолесцентите, при Регионалната канцеларија на СЗО за Европа. “Споредувањето на податоците ќе ни помогне да измериме како долгите периоди на затворени училишта и забраните за движење влијаеле врз социјалните интеракции на младите, како и на нивното физичко и ментално здравје.“

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button