Интервју

Животот нема реприза, затоа уживајте и негувајте ја љубовта, вели Билјана Дебарлиева за Гламур магзин

„Негувајте ја љубовта која што си ја имате со партнерот и уживајте во животот заеднички и радувајте се на сите работи, бидејќи животот нема повторна реприза“

Реклама
Реклама

Секогаш насмеана, смирена со перфектна дикција и препознатлив глас кој веќе 30 години е дел oд телевизискиот етер. Таа е една од најубавите и најпознатите водителки кај нас. За себе вели дека е едноставна и скромна и дека се радува на мали нешта, а поразговаравме и на тема љубов. Билјана во текот на разговорот испрати порака до сите дека љубовта е нешто што треба да се негува и дека со партнерот треба секој да се ужива во животот и заедно да им се радуваат на сите работи, бидејќи, како што вели таа, животот нема реприза. Со оваа извонредна дама поразговаравме на уште многу теми, од оние поврзани со нејзината професија како водителка и новинар, па се до тоа каква е Билјана кога ќе се изгасат камерите, во нејзиниот приватен живот, а што се ни откри таа, прочитајте во интервјуто што следува во продолжение…

Приватна архива

Се сеќавате ли на Вашите почетоци во телевизиските води? Како се случи тоа и кога беше?

Секако дека се сеќавам, иако поминале навистина многу години, оваа година речиси 31 од кога беа моите први почетоци во телевизија. Почетоците во македонската телевизија како да беше вчера, почнав со најава и одјава на програмата ама за брзо време почнаа да се нижат и други проекти пред се контактни емисии во кои што имав комуникација со многу луѓе, зборувавме на најразлични теми, и она што е многу важно, велиме дека секој почеток е тежок не е лесен не е едноставен, ама не ми беше срам да прашам да се консултирам  со некого да учам од повозрасните, да крадам од позитивните нивни примери што секако понатаму во животот и во кариерата ми даде една добра насока дека сум на вистинскиот пат. На мене  остануваше само да се надоградувам и надоградувам и да го постигнувам успехот во она што го работам. Веројатно и токму затоа и многу проекти, многу емисии, многу настани кои што сум ги водела, секогаш некој го препознавал талентот кај мене, па ја имал довербата дека веројатно тоа ќе го направам онака како што треба, како што тие го замислувале а и како јас сум знаела и мислела дека треба најдобро да се направи.

Маркетинг

По професија сте правник но правото го заменивте со телевизијата. Кога би требало да бирате повторно што би одбрале?

Да, нешто што веројатно секогаш отвора некоја дилема кај мене, дали едното или другото или дали веќе кога би размислувала во овој период би работела во телевизија или би одбрала некоја друга професија. Знаеме често пати да кажеме во овој период кој го живееме да ги имам годините од младоста ама да го имам умот, паметот како што е сега, бидејќи човек со годините со возраста станува поискусен, помудар, поинаку гледа на работите, поинаку размислува. Ама сепак кога би требала конкретно да одговорам веројатно повторно  би ја одбрала телевизијата. Некако сфатив дека тоа е една моја љубов, едно нешто кое што го работам со голема посветеност и на кое што многу секогаш му се радувам. Да, правото  можеби беше тогаш мој избор, меѓутоа не сум сигурна дали повторно би го одбрала или кога би имала можност нешто во моментот да речам сега сакам со ова да се занимавам, сигурно би било тоа телевизијата.

Маркетинг
Приватна архива

Бевте и спикер на вести а и водител. Што повеќе Ви беше Вам предизвик?

Сум  работела на повеќе ТВ проекти пред се најголемиот дел биле тоа контактни емисии меѓутоа од некаде  99-та година  почетоците тогашни со вестите  во МТВ, па потоа и во А1 ТВ и во Канал 5, продолжив да читам во исто време и вести и да водам емисија. И едното и другото некако ми беа убави и интересни, иако мислам дека во контактните емисии многу повеќе се пронајдов, многу повеќе се пронаоѓам , тука имаш комуникација со многу луѓе, вестите ги подготвува уредникот мое беше само да ги презентирам, да ги читам, меѓутоа информативната програма никогаш не поттикнала интерес  кај мене. Едноставно контактните емисии и темите од најразлични области, теми кои што обработуваат делови од секојдневието а во последниве три четиринаесет години веќе и теми од областа на здравството некако ми станаа многу поблиски, многу поинтересни , иако ќе речеме зборуваме за болести ама сепак на крајот главната нишка која што се провлекува низ сите емисии посветени на здравството е дека треба да работиме на превенцијата и треба од една поинаква страна  да гледаме на нашето здравје.

Приватна архива

Промените се неминовни и Вам Ви се случи трансфер по долги години работа во Канал 5 сега сте водител на ТВ 24 на емисијата за здравство „Фактор здравје“, колку Ви годеше оваа промена ?

Промени секогаш се потребни, промени во професијата, на професионален план, човек некогаш се навикнува и вели да, добро ми е тука и ќе продолжам така, меѓутоа кога ќе се укаже некоја прилика секогаш треба да се прифати истата, бидејќи ако не ја направите промената никогаш нема да знаете дали сте направиле нешто добро или пак сте згрешиле во изборот.

Така беше случајот и со мојот последен трансфер, да само го сменив медиумот меѓутоа останав да водам емисија од областа на здравството она во  што сум како што споменав и на почетокот во последниве три четиринаесет години. Можеби сега сум малку порелаксирана, посмирена, обврската ми е само околу емисијата, меѓутоа промените сепак на крајот се добредојдени  доколку одат на подобро.

Дали можеби сте размислувале за некој друг тип на емисија или сте имале понуда?

Во сите овие години 31 година сум водела најразлични емисии, во МТВ некако можеби најголем беше изборот, во А1 потоа водев и Бебе магазин, водев и Утринска програма и во исто време читав и вести, во Канал 5 бев ангажирана со Визита и ги читав вестите, а сега во ТВ 24  сум само со емисијата Фактор здравје, некако се се врти околу тоа. Понуда во моментов за нешто друго сум немала, меѓутоа ако јас самата размислувам во денешно време многу се актуелни Подкастите, па ако треба нешто друго да правам би направиле еден Подкаст  ама посветен ми се чини само на децата. Или пак опфаќајќи го оној период уште од бременоста, раѓањето на бебето и некаде за деца до претшколска возраст, бидејќи има многу за што да се зборува и има многу совети кои можат да се упатат до родителите, бидејќи тие секогаш се соочуваат со некакво дилеми, можеби некогаш и стравови а кога ќе ги слушнете од стручни лица тогаш си давате потврда самите на себе  дека го правите вистинското или пак она што треба да го смените можете да го направите најбрзо што може. Да, многупати сум кажувала дека темите за деца ми се најомиленото нешто за кое што би зборувала или пак веќе зборувам или сум зборувала во емисиите за здравство кои што ги водам.

Приватна архива

Што треба да поседува според Вас еден водител и колку денес се внимава на тоа кој се се пушта на ТВ во етер?

За да биде човек успешен во која било професија треба да работи со многу љубов и со многу посветеност, таа не треба да му претставува терет туку едноставно треба секогаш да го мотивира да направи повеќе да биде  уште подобар. Јас мислам дека ги  нема оние филтри низ кои се поминуваше порано за да станеш и новинар и водител и да работиш во медиум. Едноставно во денешно време како  да е, кој ќе посака може да се појави на телевизија, да затоа велиме има публика за секого и за секој лик меѓутоа, според мене треба да поседува харизма, да има талент за тоа што го работи , да се изразува културно, да се изразува литературно, ова последново посебно ќе го потенцирам бидејќи се помалку посветуваме внимание на литературниот македонски јазик а тоа е нешто што преку ликовите од телевизија и и од медиумите  учи и обичниот човек како треба добро да се изговара, како треба да се слушне вистински кажаниот збор. Можеби треба малку повеќе да се поработи  младите малку повеќе да ги примаат сугестиите од повозрасните,  кои што  во секој случај се многу поискусни од нив.

Колку Билјана е вешта во кујната и кој е Вашиот омилен специјалитет кој радо го готвите?

Морам да бидам искрена и да признаам дека готвам кога морам затоа што мора да се направи јадење, ама гледам кога тоа го правам да биде направено со многу љубов  и да биде вкусно и да им се допадне на оние за кои што сум го направила. Пред години, години селско месо ми беше омилениот рецепт а последниве години пак се преориентирав на канелони кои  што нема некој што не ми ги бендисал кога ги правам канелоните. Последниве два три пати направив и пита со овесни снегулки здрава пита по рецептот на мојата внука Сара,  бев изненадена и јас а и беа изненадени сите кои што  ја пробаа питата колку лесно се подготвува а колку може да биде  вкусна, а пред се главното и основното да биде здрава. Мојот сопруг честопати знае да  готви. Тој  става многу зачини, многу интересни работи и го прави јадењето да биде повкусно од она што му се главните и основните состојки, еве ќе го пофалам  и мислам дека повешто се снаоѓа во  кујната од мене  и многу повкусни јадење прави од мене.

Приватна архива

Читате ли книги и имате ли омилена книга и автор?

Кога бев млада се изначитав толку многу книги што мислам дека тие ми се доволни како за цел живот, се шегувам, сакам да читам книги постојано. Купувам книги,  бибилиотеката дома ми е пренатрупана со книги, дел од нив имам прочитано, дел од нив чекаат да бидат прочитани меѓутоа книги кои што можеби вака  секогаш ми остануваат во сеќавање би ја издвоила Белата Масаи од Корин Хофман, книга која што навистина мора да ја прочита некој и да ја доживее на вистинскиот начин, колку и да зборувам колку и да кажувам која е и содржината која е и пораката какво е чувството на крајот нема да успеам да го доловам истото. Затоа човек е најдобро да ја прочита па во текот на самото читање да ја почувствува таа вистинска приказна која што се раскажува. А еве летен период е можеби еден  предлог од моја страна за сите оние кои што се љубители и сакаат да читаат книги  на плажа Песто паста од Ентони Капела или Храна на љубовта како што пишува и на самата книга. Џејми Оливер за оваа книга ќе рече фантастична  приказна речиси можете да ја вкусите прекрасната италијанска храна кога ќе ја читате книгата. И за оваа книга оставам оној кој што ќе сака да ја прочита да почувствува и да доживее едно вистинско уживање со секое зборче и со секој ред прочитан  во книгата.

Несомнено е  дека имате прекрасен брак со сопругот, што е тоа што најмногу ја одржа вашата љубов до ден денес?

Оваа година со сопругот Јован, здравје боже во октомври ќе одбележиме 30 години од нашата брачна заедница а претходно 4 години бевме заедно пред да стапиме во брак. И честопати кога ќе ме прашаат која е тајната за успехот и кој е начинот на кој што сте го одржале бракот сиве овие изминати  години  а не се навистина малку, не знам, иако индивидуално е кај секого, јас велам комуникацијата, народски кажано муабетот да си го имате секогаш, довербата, отсуството на љубомора, да си верувате еден на друг, да се поддржувате еден со друг, да се поддржувате и во добро и во лошо бидејќи  животот носи и убави и неубави работи. Да бидете заеднички и во воспитувањето на децата да се надополнувате еден со друг. Многу работи веројатно, многу ситници, не дека бракот е идеален кај секого, дека нема проблеми, да секогаш има ситни работи меѓутоа мора да изброите некогаш до 3 да преминете преку нештото секако доколку не е навистина сериозно бидејќи за кавга е потребно многу малку, за разделба  уште помалку. Затоа би била мојата препорака, негувајте ја љубовта која што си ја имате со партнерот и уживајте во животот заеднички и радувајте се на сите работи, бидејќи животот нема повторна реприза.

Приватна архива

Што обично правите во слободно време, имате ли некое хоби кое ве смирува опушта после работата?

Слободното време секогаш треба да се на најубав можен начин, велиме за да се опуштиме, да одмориме, да се релаксираме. Кога бев во тинејџерските години научив да плетам и си плетев џемпери. Иако само знаев да го направам само предниот и задниот дел, да ги сплетам ракавите па мајка ми потоа ми ги спојуваше, и после толку многу години  повторно ми се пројави желбата да научам да плетам. Велат кога еднаш нешто ќе научиш никогаш не го  забораваш па макар и да направиш долгогодишна пауза. Не сум се обидела уште, меѓутоа тоа ми е во план бидејќи плетењето е добро како релаксација за мозокот како велиме една мозочна гимнастика, тоа сакам да го правам. Знам да уживам пиејќи кафе со мои блиски и драги луѓе тоа не го пропуштам затоа што ми овозможува да си направам еден убав релаксиран муабет за потоа кога ќе си дојдам дома да си се посветам на домашните обврски. Да и сакам да гледам филмови, сакам да гледам серии и понекогаш да прочитам и по некоја книга. Слободното време може човек ако само сака и ако знае да си го организира онака  што да му преставува задоволство и да се одмори и да се опушти а во исто време и да ужива во она што го прави. Ете  хоби конкретно немам  меѓутоа се надевам дека во брзо време плетењето ќе ми биде хоби.

Приватна архива

Мајка сте на две прекрасни деца, што е успешен родител за Вас?

Да, Ана И Мики, Ана има 29 години а Мики 19 години. Успешен и среќен родител е оној родител кој што успеал или двајцата родители се разбира да ги изведат децата на правиот и вистинскиот пат, иако и некогаш не било лесно, некогаш не било едноставно меѓутоа успешен и среќен родител е кога децата се уште поуспешни од него. Кога тие се среќни и задоволни уште посреќен и родителот. Тука сме за нив да ги поддржуваме во се што замислиле и имаат како идеја , сакаат да ја реализираат и родителите им се секогаш безрезервна поддршка на своите деца.

Што ве иритира во секојдневието и воопшто во животот?

Ако почнам да зборувам веројатно многу ќе треба да зборувам што е она што ме иритира во секојдневието и во животот воопшто и некако како да се сменија многу работите од пандемијата со Ковид па наваму.

Принтскрин/ ТВ 24

Ме иритира и ме нервира самоволието, себичноста, користољубието на луѓето, неблагодарноста, непочитувањето, едноставно воспитувани сме и растени во едно време во кое што имало некакви правила на живеење, тоа во денешно време воопшто не се почитува и ми е многу жал што се повеќе млади луѓе некако одат во поинаква и друга насока. Велиме домашно воспитување , воспитување во училиште , воспитувањето од улицата, но има работи коишто не треба да се учат туку едноставно да ти произлезат од самиот себе да знаеш како треба да се однесуваш. Да ме иритираат тие работи ама некогаш мораш да преминеш и преку нив и токму затоа последниве години веќе си ги одбирам пријателите, си ги одбирам другарките, се дружам со оние со кои што ми оди муабетот, со кои што имам релаксиран разговор, со кои не сум од користољубие ниту од едната ниту од другата страна туку едноставно затоа што ми е пријатно седењето и пиењето кафе муабетот, поминатиот викенд или само еден ден.

Приватна архива

Што Ве прави среќна?

Ме прават среќна многу нешта, пред се оние малите ситните нешта, како велат во малите нешта е среќата. Јас и по природа и по карактер сум многу едноставна ,многу скромна и знам да се израдувам и на најбанална работа. Ме прави среќна среќата на оние кои ми се од блиското опкружување, моето семејство, кога луѓето се среќни и задоволни тогаш истото ќе го чувствувам и јас.

Здравјето пред се е најважно и прво и секогаш треба да ни биде основно бидејќи ако немате здравје џабе ви е се околу вас. Не ме привлекуваат големи мегаломански работи како што споменав сакам и знам да им се израдувам и на многу едноставни нешта и денот да ми помине убаво и да речам да ова беше тоа кое што веројатно сум го посакувала, сум мечтаела, знам честопати и да сонувам и да си замислувам и да си размислувам за некои работи што ги посакувам и за чудо после извесен период истите тие може и да се изреализираат, како велат кога позитивно размислуваш, кога позитивна ти е мислата тогаш ти се случуваат позитивни работи. Затоа и моја препорака  би била до сите останати мислете само на убави нешта посакувајте ги и да знаете дека еден ден тоа ќе дојде и еден ден убавото ќе се случи.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button