За мајчинството вели дека е една од најубавите работи во животот. Пејачката Елена Петреска Толески е сопруга и мајка на ќерката Софиа и синот Михаел, за кои вели дека можеби ќе тргнат по стапките на мама бидејќи и двајцата се талентирани за музика. За професијата, музиката но и за тоа како ја промени мајчинството следува во подолжение…
Вашата професија е јавна, па имате ли доволно време да се посветите на мајчинството?
Секако дека имам. Без разлика на се децата ми се на прво место. А бидејќи мојата работа не е класична со времетраење од 8 часа во денот и е доста флексибилна, така имам многу слободно време кое го поминувам со Михаел и Софиа. Кога настапувам тие веќе спијат, па не верувам да осетиле дека им фалам.
Колку ве промени мајчинството?
Мајчинството е една од поголемите лекции во животот, и не верувам дека има мајка која не се променила. Благодарна сум и среќна што покрај децата растам и јас, целата одговорност, фокус, трудењето, да не се испушти ниту еден момент со нив ме направи да живеам во сегашноста, да го ценам секој ден и да сум благодарна за се што имам.
Може ли дечињата да тргнат по стапките на мама, па и тие да бидат пејачи?
Можно е. Двајцата се талентирани, Софиа покажува повеќе афинитети кон уметност, пеење, играње. Меѓутоа нема да ги форсирам, со што и да одлучат да се занимаваат во животот јас само ќе бидам нивна подршка.
Што ве прави горда мајка?
Ахх мајка за сопствените деца е горда и радосна за секоја фаза во животот на детето. Бев горда кога го кажаа првиот збор, кога ми кажаа мама, кога ми кажуваат колку ме сакаат и за еден куп секојдневни ситници. Горда сум секој ден за се што е поврзано со нив. А секако има и ситуации кога викам и се лутам заради нивните постапки.
Тешко ли беше да си ја вратите одличната физичка линија после породувањето?
Не беше тешко, дури многу брзо се вратив во форма, но после втората бременост хормоните си го направија своето, па морав да се потрудам повеќе. Сега сум задоволна со себе, но се уште се трудам, ми фалат уште 2-3 килограми минус да ја достигнам посакуваната линија.
Како го негувате вашето лице? Дали можеби имате бјути рутина што ја повторувате секое утро?
Лицето го негувам со тоа што правам класичен третман од време на време. Секое утро и секоја вечер лицето го мијам со “Vichy normaderm“, па потоа наутро и навечер ги ставам одличните серуми со Витамин Ц и со Витамин Б5 на “Ла Рош“. Користам хидратантна крема за лице и околу очи Vichy Lift activ. Се трудам да посветам внимание на својата кожа и тоа ми е секојдневна рутина.
Кои се вашите омилени козметички производи?
Омилени ми се “La Roche“ и “Vichy“ за лице и тело и “Sephora“ спреј за самопотемнување кој го користам многу често.
Кое е вашето мислење за пластичните операции?
Се што е умерено и со вкус прифаќам.
Што има секогаш во вашиот несесер?
“ArtDeco“ камуфлатор и четка за руж.
Што ве прави среќна?
Секој ден има толку многу ситници што ме прават среќна, секој момент поминат со моите деца, со моето семејство, излегување со пријателите, читањето убави книги, музиката, пеењето посебно.
Како се релаксира Елена после напорен ден?
Слушам музика и со чаша вино во рака гледам во зајдисонцето, нема нешто поубаво.
Сте размислувале ли за некоја друга професија во животот?
Иако откако знам за себе пеам, кога зашршив средно училиште размислував да се запишам на психологија, но сепак продолжив на Музичка Академија. А графички дизајн студирав напоредно, па тоа ми е на некој начин втора професија односно хоби во кое уживам.
Тешко ли е во Македонија да се опстои со пеење?
Па не е лесно, се е на некој начин периодично кога се работи за настапи, ништо не е константно за да ти даде сигурност дека припаѓаш некаде. Но среќна сум и благодарна што работам во Македонска опера и балет па така настапите ми се уживање.