Реклама
Хороскоп

Македонски народни верувања како да ги избркаме мрачните сили

Реклама

Еве што НИКАКО не смееме да правиме во Ристосовите денови и како Македонците уште од антички времиња ги бркале демоните

Некрстените денови траат од 10 јануари, до Богојавление, 19 јануари. Еве што според народното верување не смееме да го правиме во овој период кој во народот е познат и како Ристосови или Погани денови.

Маркетинг

Во прашање е верување кое од многу стари времиња и длабоко се навлезени во свеста на нашиот народ. Па така доколку ги прашате постарите тие ќе ви кажат дека во овој период од годината кога Исус Христос се уште не бил крстен и затоа во овој период земјата е отворена и мртвите можат излегуваат, а заедно со нив и ѓаволите и разните демони. Овие нечисти сили владеат од моментот кога ќе се стемни па се додека не запеат првите петли. Заради тоа, според старото народно верување, преку ноќ никако не треба да излегувате од дома.

Според старите верувања, оној што ќе патува откако сонцето ќе зајде, нема да си помине убаво, а доколку некој морал да излегува, најдобро било во појасот да стави парче леб или сол, чешне лук, крст или некој остар метален предмет како заштита од секоја нечиста сила.

Маркетинг

Поради овој обичај, во некои краеви од Балканот и денес жените внимаваат во некрстените денови да не предат, ткаат и не перат. Надвор не треба да се остави ништо бело, а особено не смее да се остави детска облека бидејќи злите сили на бајачките и уроците можат да наштетат преку облека.

Во некои краеви, посебно каде што живеат Власи, се крие дури и светлоста во куќата така што на прозорите се ставаат пердиња или спуштени ролетни. Преку ноќ не треба да се пие вода бидејќи според преданието, демоните влегуваат во домовите, се кријат во домашните садови, учествуваат во гозбите, ги демнеат невнимателните и на разни начини се обидуваат да му напакостат на човекот. Според едно старо верување од Гевгелиско се вели дека овие денови се викаат Пугани Дни, Некрстени Дни или Ристосуви Дни зашто тие денови Ристос не бил крстен, па ѓаволите и демоните се мачеле да го излажат да не се крсти и така да не се исполни волјата божја.

Според народните верувања, некрстените денови не се добро време и за раѓање. Се верува дека детето што ќе дојде на свето помеѓу Божиќ и Богојавление ќе биде слабо со здравјето и несреќно. За да се одбранат малите од уроци, старите го смислиле ова – децата родени во некрстени денови мораат секоја година во тој период да носат посебна кошула, ткаена на камин. Поради тоа како мерки на заштита во овој период не се работат некои потешки работи, не се крштеваат деца, не се оди на печалба и сл. Марко Цепенков забележал дека  во овој период „навечер не бидувало да шијат терзиите, ниту жените бидувало да предат и друга работа да работат од Божик до Водици, чунки не била крстена водата и леунка била Богородица.” Но по Водици откако ќе се крстела водата можело да се оди на туѓина и секакви други работи да се работат…

Фото: Фејсбук, Ратевски карневал – Бамбурци

Но ако ова ве растажува, не треба да бидете загрижени. Народот за да се справи со оваа беда и да ги намали своите маки, смислил и „противлек“ за ваквите некрстени денови. Некогаш низ селата и градовите како во Македонија, така и во останатите балкански земји (посебно во Србија и Бугарија), оделе маскирани поворки кои ги протерувале нечистите сили, духовите, чудовиштата, караконџулите и вештерките кои сакале да му напакосат на човекот. Ваквите коледари се движеле од куќа до куќа и барале прилози – сланина, јајца, месо, брашно, млеко, ракија и вино.

Слично на западниот празник Ноќ на вештерките, кај нас постојат василичаркси обичаи, познати и како бабарски, џамаларски и сл, но и русалиски обичаи и ора. Василичарите познати уште и под името бабари, џамалари, ешкари и сл. со маскирање но и со правење врева со ѕвонци, клопотарци, со свирки на гајди, со тапани, со песни и ора, со тропање на тенеќиња и сл. ги бркале лошите духови, но и болестите, за кои всушност се верува дека се демони во телото на болниот. На сличен начин и русалиите најпрвин со строго придржување кон одредени правила, а потоа и со свирки и најповеќе со замавнување со сабјите ги бркаат негативните демони и болестите (денес се користат стапови направени од дабови гранки!). Затоа русалиите играјќи ги русалиските ора замавнуваат со сабјите низ воздухот, се затрчуват кон некој болен и замавнуваат со сабјите кон него, затоа болно дете држат во рацете додека играат и сл.

Припадниците на овие русалиски дружини со задоволство биле примани во секој дом и биле дарувани со разни подароци: грав, месо, вино, волна и др. А подароците никогаш не ги земале за себе туку со јавно наддавање ги претворале во пари и ги дарувале за изградба на црква, училиште, пат и сл. Затоа кога по дванаесетте дена изморени се враќале дома биле среќни што учествувале во хумана мисија.

Фото: Фејсбук, Ратевски карневал – Бамбурци

За нив останувале само личната среќа и задоволство и добриот глас кај пошироката околина.

Бркање на злото од Пијанец и Малеш

Кај нас познати вакви маскирани поворки во овој период од годината се Ратевските бамбурци и ѕвегорскиот обичај Сурова. Бамбурците ги симнуваат своите маски по танцот кој традиционално се одржува на денот посветен на Свети Јован Крстител, и со цел да го избркаат злото од Малешевијата, но и да ја испочитуваат традицијата чии корени можеме да најдеме и тоа на овие простори дури и во предисторијата. Покрај Ратевските бамбурци во делчевското село Ѕвегор имаме обичај „Сурова“, со традиционални маски на невеста, младоженец и белаците, стара баба, данокчија, мечкар и мечка и со многу елементи на еpотика која асоцира на плодноста. Додека во беровско Ратево, тоа се бамбурците-мажи облечени во кожи од овци, кози, зајаци и други животни, украсени со ѕвонци со исцрнети раце и треба да бидат многу страшни и да ги црнат по лицата девојките и гостите кои доаѓаат во селото за да ги заштита од болести.

Како што пишуваат истражувачите на овие обичаи русалиската дружина најпрвин одела во црквата каде што земала причесна и благослов од свештеникот, а потоа тој ги прскал со светена вода, и дури потоа излегувале пред црквата каде што заигрувале три ора, пред да тргнат на дванаесетдневно патување и изведување на овие обичаи.

Овие маскенбали се прославуваат од 7 до 19 јануари, односно во деновите од Божиќ до Богојавление кои во македонската народна традиција се познати како период на Некрстени, Погани или Ристосови денови. Некрстените денови секогаш се мрсни, а не се пости ни среда ни петок. Само Крстовден е ден за пост, а тој се паѓа непосредно воочи Богојавление. Се верува дека бучавата, музиката и смеата ќе ги избрка нечесните сили. А со храна и по некоја „чашка муабет“ и секој страв и мака полесно се поднесуваат и побрзо проаѓаат,

Фото: Фејсбук, Ратевски карневал – Бамбурци

Во тетовскиот крај пак тие се познати и како Некрстениноќој, Караконџулос или, пак, едноставно наречени „Дванаесет дена“. Симболиката е една и иста за сите, a тоа е симболичко означување на крајот на лошите и неплодни денови, повторно раѓање на новото Сонце и протерување на лошите сили и дијанија, со што започнуваат добрите и плодни денови во претстојниот годишен календарски циклус.

Заедничка карактеристика на овие маскирани дружини се стаповите кои ги носат со себе направени од дабова гранка, а во некои случаи од леска или дрен, каде преку симболичко удирање на домаќините при посетата на нивните домови во овој период, учесниците им посакуваат да бидат здрави и цврсти во претстојната година. Оттаму и македонската народна поговорка: „Здрав како дрен“, вели проф.д-р Лидија Ковачева, стручен консултант за нематеријално културно наследство во ХАЕМУС, а пренесе Каменица.мк.

– Во суштината на луѓето и нивните обичаи, традициите и ритуалите лежи паганското, независно од денешниот религиски фејслифтинг. На многу европски обичаи можат да им се повлечат историски паралели до протоисторијата, а на нив до праисторијата, но бидејќи таму нема историски записи, остануваат само археолошките наоди и, евентуално, етнобелешките да припомогнат во нивната интерпретација и реконструкција. Најчесто обичаите на носење маски на Балканот, етнолозите го поврзуваат со култот на предците, на умрените, на инкарнацијата на нивните души кои според народното верување, еднаш годишно ги посетуваат живите потомци. Слична на оваа теорија е и онаа за аграрното магиско потекло и нивната поврзаност со божествата од старобалканските култови. Многумина проучувачи во обичајот на носење на маски и организирање на карневали гледаат континуитет во некои практики од антиката иако тие своето потекло го имаат многу порано во разни култури во светот, истакнува м-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата, а за што пишуваше пред неколку години Каменица.мк.

Народните обичаи и етничкиот идентитет

Жителите на беровско Ратево и на делчевски Ѕвегор обичаите под маски ги поврзуваат со нивниот идентитет и како оставина од дамнина, која задолжително мора да се почитува и одржува, за да не се навлечи гневот на лошите сили.

Изненадува фактот што многу млади кои останале да живеат во овие села ја прифаќаат оваа традиција, па така последните години кај делчевските суроваскари и ратвеските бамбурци најбројни се младите момчиња кои се кријат зад традиционалните маски.

„Постои верување дека ако не се одржи некој обичај, со тоа се бришат трагите на идентитетот, без да сме свесни дека и во самите тие традиции има инкорпорирано многустрани елементи. Кај луѓето е многу помоќно мислењето дека со неодржувањето на еден обичај може да дојде до пропаѓање и уништување на заедницата, која во овие современи услови на живеење, е единствено нешто што ги поврзува и ги држи како компактна група“, заклучува М-р Димитровска, директорката на ХАЕМУС, пишува Каменица.мк.

И како што можеме да видиме, во овие НАШИ празници може да се најде се што го има и во Ноќта на вештерките – маскирање, тикви, дарување на слатки, палење огнови… Но и покрај тоа, младите во Македонија попрво би заминале на журка на 31 октомври, а учителите и учителките би направиле маски со децата одбележувајќи го стариот Келтски празник кој Запад го злоупотребил за да направи само уште еден потрошувачки рај за трговците.

Шутерсток

Затоа како што истакнува и Димитровска, треба да веруваме во религијата, но да ја чуваме традицијата – таа е клучот, кодот на она старинското што го носиме во себе и за тоа кои сме и од каде сме. Некогаш сме го славеле раѓањето на сонцето (ИСТОК), односно денес на божјото чедо (РИСТО), затоа што од секогаш сме поврзани со него и не доаѓаме од мочуришта, како што  некои милуваат да ни ја спакуваат фалсификуваната историја, туку од предисторијата сме населени на овие простори. Бидејќи како што вели една стара поговорка од овие краишта „Подобро е земјата да ја продадеш, отколку обичаите да ги изгубиш“. Бидејќи без нив ќе бидеш роб и на своја земја, што впрочем и ни се случува откако го изгубивме допирот со традицијата и културата на нашите претци.

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button