Пензиите европски, животот македонски
Не е мал процентот на Македонците што се живеат во странство и планираат да се вратат, но дури откако ќе заминат во пензија.
Во неформален разговор со еден пензионер кој сакаше да остане анонимен, а кој случајно го сретнавме на едно наше патување низ Македонија, го прашавме зошто решил да се врати во својата татковина.
Тој целиот свој работен век го поминал во Германија, но откако се пензионирале заедно со сопругата решиле да се вратат во неговото родно село.
„Цел живот зборував дека кога ќе остарам сакам да бидам со мојот народ. Јас тоа и го направив. Со сопругата се вративме пред пет години, од Германија, каде живеевме речиси половина век“, ни одговори симпатичниот старец.
Тој додаде дека и покрај тоа што најубавите години од животот ги поминал во Германија, никогаш не ги запознал вистински своите комшии, додека во селото во кое што е роден, во Македонија, ги познава сите.
„Ние сме многу поразлични од Германците. Имав се што ми беше потребно, но за мене таму немаше луѓе. Немав пријатели како што ги имам тука“, ни вели тој.
Инаку тој не е единствениот што решил да се врати во Македонија. Многумина како него заминуваат барајќи подобар живот во странство, а потоа, кога ќе заминат во пензија, од туѓина се враќаат во својот роден крај.
Но сепак таквите како него се малцинство од оние нашинци во странство. Повеќето од оние што ќе си заминат, тоа го прават засекогаш и не планираат да се вратат.Според субјективната проценка на квалитетот на животот, повеќето од оние што заминале живеат многу подобро отколку во Македонија, и покрај тоа што многумина велат дека во државите во кои се отселиле се живее многу поразлично отколку кај нас. Сепак, кога станува збор за стандардот бројките се поразителни, и тоа воедно е и најголемата причина поради која нашите луѓе заминуваат и никогаш повеќе не сакаат да се вратат во Македонија.
Просечната плата во Германија е 2600, додека во Македонија е околу 400 евра. Истото се однесува и за просечната пензија, односно ако пензионерите во Германија имаат околу 1200 евра, кај нас просечната пензија изнесува одвај нешто повеќе од 200 евра. Но затоа пак, оние што имаат странска пензија можат да живеат многу поубаво во Македонија.
„За мене нема поубаво место на светот. Во Македонија со мојата германска пензија се чувствувам како во рајот. Таму додека работите ситуацијата е и некако поднослива. Но кога ќе се пензионирате, само седите дома. Нема со кого да разговарате. Плус тука е многу поевтино. Имаме и земјичка, па тоа со бабичката не држи во кондиција. Нашите деца се веќе возрасни, и редовно не посетуваат со внуците. Кога ќе сакаме да ги видиме, патуваме и ние. Сега барем брзо се стига, има евтини авионски билети. Но кога сме си дома, во моето родно село, се чувствуваме најубаво“, ни вели старецот.
Кога го прашавме што би им препорачал на оние што сакаат да заминат во странство, за подобар живот, тој ни кажа.
„Кога би имал добра работа тука, никогаш не би ја напуштил Македонија. Ние Балканците сме посебен народ, и за мене нема поубаво место на светот од целиот Балкан. Затоа сега, со овој памет, сигурно би се обидел да започнам нешто свое, некој бизнис, и би останал тука. Сепак, ниту едно место на светот не е како она на кое што сте родени. Од ова парче земја сте направени и тоа останува со вас засекогаш.
Го носите како проклетство. Каде и да одите, вие сте истиот оној – туѓинец, во потрага по корка леб. По подобар живот. Затоа обидете се да ги искористите сите можности тука, каде што сте на свое, па дури потоа барајте ја среќата на друго место. Само прашање е дали ќе ја најдете, бидејќи среќата не се крие во парите. Но ако веќе сте решени, и сте донеле одлука, тогаш направете го тоа најдобро што можете. Дајте го најдоброто од себе. Сепак, најважно е да се биде човек, каде и да сте…