Реклама
CelebrityДом и семејствоИнтервју

Евгениј Поп Ацев: „Секој од нас има удел во оваа битка и мора да се сфати сериозно“

Реклама

Во 2015 година беше прогласен за спортист на годината. Тој е најдобриот маратонски пливач во нашата земја, а малкумина знаат дека по професија е дипломиран стоматолог. Евгениј Поп Ацев веќе неколку години со сопругата и ќерката Емилиа живее во Велс. Како Велика Британија се справува со Корона вирусот, какви мерки се превземаат таму, но и како еден пливач ги извршува своите тренинзи кога сите јавни базени се затворени прочитајте во продолжение…

Маркетинг

Со оглед на тоа што веќе подолг период со семејството сте во Велс, како ви поминува секојдневието во овој период на изолација?

Благодарејќи на ќерка ни Емилиа денот ни започнува рано- околу 6 часот што до некаде е и убаво зашто имаме повеќе време да искористиме и имаме рутина. Цело време го поминуваме заедно тројцата , заедно јадеме , си играме, шетаме во парк или на кеј. Порано немавме можност да бидеме толку време заедно па овој период уживаме во тоа. Јас ги извршувам сувите тренинзи наутро после појадок и приквечер од кога ќе си легне Емилиа. Сопругата Алана работи дома на својот проект од факултет 2 до 3 часа дневно обично пред ручек. Попладне шетаме околу 1 час во парк или по крајбрежјето на морето, имаме среќа што е блиску до нашиот дом и што е дозволено. Со оглед на целата ситуација и рестрикциите имаме некој вид на рутина и секојдневието ни е исполнето со некои обврски и рекреација.

Какви мерки се превземаат во Велика Британија во борба со Корона вирусот, каква е ситуацијата таму во моментов?

Фокусот е во задржување на ширењето на Ковид-19 вирусот, пружање максимална помош на заболените и целосна заштита на медицинскиот персонал кој работи со нив. Има строги мерки за држење растојание меѓу луѓето надвор од дома-2 метри, ризичните и осетливите групи мора да се самоизолираат, исто така и луѓето кои имаат симптоми слични на Ковид-19. Постојано се дезинфицираат јавните површини, хигиената е подигната на повисоко ниво. Се отвораат нови одделенија дури и нови болници , се купува заштитна опрема и респиратори колку што е можно повеќе, доктори и медицински сестри се враќаат од пензија, се со цел да се помогне и да биде здравствениот систем што поподготвен да се справи со оваа криза. Како што велат експертите тука моментално е врвот на кризата и се очекува да почне да се подобрува, но тоа ќе трае долго време така да се уште не се мисли на олабавување на мерките во следните две до три недели. Народот ја прифати реалноста и ги почитува мерките иако на почетокот сите се надеваа дека некако Велика Британија ќе ја избегне ситуацијата како што беше во Италија , Шпанија и другите европски земји.

Маркетинг

Моментално сите очи се свртени кон медицинските лица и експерти кои се борат против оваа пандемија. Цела нација им се восхитува и ги подржува, бидејќи тие се во првите борбени редови , работат макотрпно и ги ставаат своите животи во опасност.

Какви забрани и ограничувања има во Велика Британија во споредба со Македонија?

Сите продавници се затворени освен за прехранбени и есенцијални продукти , исто така сите ресторани, барови , места за социјализација, спортски објекти, повеќето фабрики и бизниси. Забрането е групирање , одење на гости, не есенцијални патувања, или каков било тип на социјализација. Сепак дозволено е еднаш дневно рекреација и да се спортува на отворено, секако според правилата за држење растојание и групирање. Слични се ограничувањата како и во Македонија со тоа нема класичен полициски час кога никој не смее да го напушти својот дом во одредено време од денот или за време на цел викенд.

Колку на еден пливач во вакви моменти му недостасува пливањето?

Па многу бидејќи пред да настане кризата јас тренирав два пати на ден по 2 часа и половина во базен и сега некако ми е празен денот без тренинзи и обврски. Се чувствувам непродуктивен и со вишок енергија бидејќи не сум навикнат на таков ден. Што е уште потешко е тоа што не знам кога се ќе се врати во нормала и кога би бил следниот натпревар , на што да се фокусирами за што би се подготвувал.

Какви се твоите тренинзи во моментов со оглед на ситуацијата и забраните каде што не смее да користат јавни базени?

Од клубот имаме програма за суви тренинзи за секој ден која мора да ја одработиме. Преку интернет апликации и програми задолжително го вметнуваме сработеното за да тренерите имаат предвид колку и како сме извежбале што им помага во натамошното планирање. Исто така постојано сме во контакт индивидуално со тренерите по телефон но и групно со целиот тим преку конференциска врска за да го задржиме тимскиот дух и да останеме што е можно помотивирани. Наутро трчам по околу еден час а приквечер возам велосипед околу час – час и половина или вежбам дома вежби за сила- специфични за пливање. Бидејќи јас се натпреварувам во подолги дисциплини за разлика од другите мојот фокус е повеќе на кондициски тренинзи како трчање и возење велосипед. Со два тренинга дневно се трудам што е можно повеќе да ја задржам рутината на работа што ја имав пред тоа и да останам во подобра кондиција за да можам побрзо да се вратам во форма кога ќе се врати се во нормала.

Што најмногу ти недостaсува во овие моменти?

Социјализацијата со светот, остатокот од мојата фамилија и другарите и слободата во движење и правење едноставни мали секојдневни работи за кои тек сега гледам колку ми причинувале задоволство во минатото.

Што ќе направиш прво кога ќе заврши целата ситуација со пандемијата на Светско ниво?

Мислам дека полека чекор по чекор ќе се дигаат рестрикциите така да ќе правам што ќе ми биде прво дозволено. Но кога се ќе се врати во нормала и ќе се отворат границите и ќе може да се патува нормално , планирам да дојдеме во Македонија, секако ако сме во можност.

Колку ти фали тоа што не можеш да си дојдеш во Македонија, и не можеш да бидеш со фамилијата токму за празничните денови?

Многу ми фали , за време на празници е и уште потешко но оваа година е буквално невозможно, не може да ја контролираме оваа ситуација. По традиција скоро секогаш славиме Велигден фамилијарно и тоа е еден од најубавите периоди во годината и секогаш се радувам и сум во исчекување. Се надевам здравјето да не служи и се да е во ред дека следниот Велигден ќе бидеме во можност сите заедно да го прославиме

Колку време се подготвува еден професионален пливач за маратон?

За да бидеш спремен да се натпреваруваш професионално на маратони мора да имаш години и години, повеќе од десет години редовно тренирање- 6 дена неделно 10 до 11 пати неделно. Покрај тоа ако сакаш да се фокусираш на еден маратон треба повеќе од 6 месеци подготовки само за таа трка.

Колку значајни маратони и натпреварувања ти се откажаа во овој период?

Сите значајни натпревари за оваа сезона се откажани или одложени. Олимписките Игри, Квалификациите за нив исто така, Европското Првенство, повеќето трки од Светската и Ултрамаратон Серија и летните и пролетните државни натпревари. Сеуште можеби има шанси за натпреварите предвидени после Септември, но за тоа ќе видиме понатака.

После една ваква тешка ситуација со која сите се соочуваме, како ќе се справат спортистите односно пливачите, се губи ли кондицијата ?

Оваа пандемија како и за сите така и за спортистите е доста тешка ситуација. Специфично и уште поотежнувачки за спортистите е тоа што покрај изгубените денови за време на пандемијата и рестрикциите се изгубени и деновите и месеците пред и после, бидејќи кога ќе се вратат на тренинг придобивките и кондицијата добиени од работата за цела мината година ќе бидат изгубени и ќе треба доста време да се вратат. Затоа и покрај тоа што нема предвидено натпревари во скоро време спортистите тренираат и импровизираат за да останат во што е можно подобра кондиција за да можат што е можно полесно и побрзо да се вратат во нивната најдобра форма кога ќе се отворат спортските објекти и ќе почнат да тренираат нормално и да се подготвуваат за натпревари.

Што ќе им препорачаш на колегите пливачи во овие тешки моменти?

Оваа пандемија го зафаќа целиот свет и сите се некако погодени и моментално најважно е да се пребродат овие тешки моменти. Се работи за нашите животи и здравје и за на нашите блиски и на сите други. Така да треба сега на тоа да се фокусираат бидејќи секој од нас има удел во оваа битка и мора да се сфати сериозно. Да се следат препораките на експертите и властите и да бидат трпеливи, бидејќи што побрзо и побезболно ја надминат оваа ситуација толку побрзо ќе се вратат на нивниот стар начин на живот , тренинзи, натпревари и др. А сето слободно време може да се искористи за работи, вештини и хобија по дома за кои се немало доволно време поради обврските и секако многу квалитетно и убаво време поминато дома со најблиските што за мене е бесценето.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button