Реклама
Интервју

Евгенија Зафировска: „Создади со љубов за себе и за другите“

Реклама

Млада, исклучително талентирана и успешна модна дизајнерка која веќе една деценија е на релација Љубљана-Скопје. Евгенија Зафировска е македонска дизајнерка која живее и работи во Словенија. Има учествувано на многубројни модни викенди и настани кај нас, но и во неколку Европски земји. За модата, за инспирацијата, но и за тоа како модните дизајнери се справуваат со новонастаната ситуација предизвикана од пандемијата во светски рамки прочитајте во продолжение….

Веќе неколку години како живеете во Словенија, како се пронајде Евгенија во словенечкиот начин на живот и култура?

Од почетокот на студиите ја почуствував позитивната вибрација на градот. 10 години живеам во Љубљана, мојот втор дом. Едноставно не е тешко да се пронајдете во таква убава и културна средина. Средината си го прави своето, а вредностите ги носиме во себе.

Ви недостасуваат ли модните случувања и ревии во овој период?

Овој период бев присутна на Fashion Weekend Skopje и како гостин на LJFW- Ljubljana Fashion Week. Крајот на месец октомври на мое големо задоволство бев избрана да претставувам ексклузивна капсула колекција на UF Sustainable Exhibition вo склоп на RFW- Riga Fashion Week. Модните случувања добија нова димензија, но сепак продолжија.

Маркетинг

Ве инспирираше ли нешто посебно во овој период, нов начин на живот за сите нас?

Ако се контролира инстинктот на прекумерно создавање, стануваме поостри и пофокусирани. Тоа е она што ми се допаѓа во врска со овие ограничувања, креативноста се развива во една фокусирана насока. Нашите индивидуални активности имаат општествени последици. Mногумина почнаа да размислуваат поинаку, локално и одржливо. Промена дефинитивно се случи.

Се промени ли нешто во вашата работа, во овие неколку месеци од кога владее пандемијата предизвикана од Корона вирусот?

Пандемијата го забрза ангажманот на модната индустрија со дигиталната технологија и пристапот кон одржливоста и градењето на одговорни бизниси.

Маркетинг

Ова е можност за сите нас да ги преиспитаме нашите вредности, да размислиме за отпадот, потрошувачката и вишокот што веќе го имаме и дополнително го создаваме. Пандемијата го наметна и прашањето за што навистина се залага оваа индустрија, бидејќи дизајнот на еден начин е креативно решение на проблемите во општеството.

Во мојата работа се случија промени како резултат на новонастанатата состојба, но сепак за мене одржливоста останува приоритет.

Со кого од светската естрада би сакале да имате соработка?

Соработката многу често доаѓа спонтано. Сметам дека можам да се поврзам со различни уметници, секој е посебен на свој начин.

Каква е моменталната ситуација во Словенија во поглед на мерките кои се превземени за пандемијата предизвикана од Корона вирусот?

Моите соработници и пријатели се добри, пробуваат да останат позитивни. Среќа што се креативци па времето им поминува во создавање. Верувам дека и ова време/невреме брзо ќе помине и сите ќе можеме пак да бидеме заедно и на раат да се гушнеме.

Каква е Словенија и каков народ се словенците?

Зелена, свежа, инспиративна… мирни, љубезни и дружељубиви. Важат за ладни луѓе, но јас немам таков впечаток.

Кои се твоите омилени места во Словенија?

Пиран и Порторош… едни од најубавите историски медитерански градови, поврзани со приказната за солта. Луксузноста на солта, што влијаела на развојот на градовите низ вековите. Шармантните градски улици, ридовите над Пиран и благородните богатства од морето.

Што има во Словенија, а нема во Македонија и обратно?

Свеж воздух, зеленило и работна атмосфера… а во Македонија се моите најмили.

Каде луѓето знаат да се носат повеќе со модата во Љубљана или Скопје?

Во Скопје многу полесно се прифаќаат трендовите, а во Љубљана предрасудите во модата се надминати. Различни се навиките и културата на живеење. Во Словенија има поголем интерес за дизајнерски парчиња. Тоа е така затоа што голем дел од дизајнерите создаваат носливи, но сепак уникатни парчиња.

Како се снаоѓа Евгенија во кујна, знае ли да приготви некој словенечки рецепт?

Искрено не сум љубител на кулинарството, но се снаоѓам. Многу повеќе љубов и внимание им посветувам на цвеќињата.

Кое е вашето животно мото?

Создади со љубов за себе и за другите.

 

Поврзано

Back to top button