Доколку мака мачите да го нахраните вашето дете, сигурно веќе сте се запознале со блогот на Весна Ѓурковска Кајевска насловен „Вкусни Приказни“. Весна е мајка на две деца: Максим И Ника. На нејзиниот блог можете да најдете голем број на идеи како креативно да ја послужите храната за вашите најмили. „Вкусни приказни“ е блог кој преточува приказни од секојдневието во чинија.
Како дојдовте до идејата да го формирате блогот „ Вкусни Приказни“?
Идејата си дојде сама по себе откако после долгогодишното активно споделување на оброци со малку покреативна презентација, наменети за дечињата, малку охрабрена од сопругот и другарката, решив дека треба да водам блог за храна, каде што освен што ќе има храна, ќе има и приказни, љубов и уметност.
Тешко ли е да се најде начин како да се вметне во менито некоја намирница децата што не сакаат да ја јадат?
Ако прашате три различни мајки, секоја од нив ќе Ви даде различен, поинаков одговор од сопственото искуство. Најчесто децата имаат особено истенчен вкус за храна, но и за естетика. Тие не ја одбиваат храната заради намирниците,туку честопати заради нашите реакции додека се хранат, пристапот на целото семејство, па дури и начинот на послужувањето. Иако сакаат рутина, не сакаат едноличност. Па, би кажала дека не е во ред ако ги лишуваме од одредени вкусови и мириси, односно ако таа намирница која е неомилена, тотално да се исклучи од менито на детето, туку да се проба да се послужи во поинаков вид, форма. Или едноставно да се стави на исто ниво со останатиот дел со семејството. Кога јадат останатите, јаде и бебето/детето, зашто децата сакаат кога „ чепкаат ‘’ од храната на возрасните.
Што ќе ми советувате на мајките кои мака мачат да ги нахранат своите деца?
Прво да се опуштат. Второ, да ја прифатат ситуацијата дека нивните деца се потешки на прифаќање нови вкусови. И трето и најважно е да се консултираат со луѓе кои се занимаваат со ваква проблематика, за да објективно пристапат кон проблемот ако воопшто постои. Некогаш, ние родителите , гледаме проблеми и ситуации каде што не постојат, од грижа и желба да го направиме најдоброто. И тоа е сосема очекувано, се’ додека не гледаме дека се вртиме во круг. Тогаш е време да го оставиме она дека „ мајката знае што е најдобро за своето дете ‘’ и да пробаме некој поинаков пристап. Ова, најчесто го давам како совет кога добивам прашања од типот како јадат моите деца се’ што им е дадено. Не јадат се’ секогаш. Имаат денови, како што имаме сите ние. Но, основниот инстинкт за јадење или преживување на организмот е посилен од сите табели, шеми и правила. детето, бебето ќе бара начин да дојде до храна или вода кога му треба. Ние треба само да го препознаеме начинот и да не ги менуваме здравите навики за краткотрајните задоволства на детето додека јаде или грицка помеѓу оброци.
И последно, но не помалку важно, треба да си поставиме цел да развиеме правилен однос кон храната. Ако целото семејство се однесува дека храната е нешто што се конзумира на нога, на поминување и сл. без заедничко поминување време на маса, ретко може да очекуваме детето да не го ископира тој начин. Децата ги копираат навиките.
Како го поминувате времето во изолација со две мали дечиња?
Секој ден нешто поинакво. Од досадување , до готвење. Тато е задолжен за анимација, а последната недела особено многу слушаме музика на стари плочи и тоа е хит.
Што најмногу ви фали во овој период?
Првите денови се чувствував чудно и ми фалеше да ги носиме децата на прошетки и на места од каде што ќе можам да се вратам во било кое време. Затоа и ја прифатив ситуацијата како таква, без да се фрустрирам дека не можам да сменам. Ќе помине. Откако излезот е дозволен надвор, одиме надвор во природа за да можеме да седиме на трева и гледаме во сонцето. Ми фали градинката на Максим и нивните припреми за завршната година, но што е тука е. И да се наспијам, ама тоа кога ќе пораснат децата :)))
Како им објаснивте на децата дека има „полициски час“ и забрана за одење надвор?
Максим е голем. Слуша,гледа, разбира, комуникацијата со него е некогаш, чиниш со возрасен. Знае многу работи за вирусот, заштитата и сл. Дури и премногу, за жал. Ника е мала и неа воопшто не и е важно дали има забрани и рестрикции, мерки и вонредни услови. Таа само сака да се случува нешто забавно и секако да има нешто за “ њам , њам ‘’. Таа е вистински забавувач по природа.
Како вашите деца го прифатија „полицискиот час“, со оглед на тоа што овој период е најпогоден за шетање и играње во природа?
Се трудиме да бидат надвор во дозволените часови. Секој ден, речиси без исклучок и подолго. Освен за дремката на Ника попладне, речиси цело време се надвор. Децата и треба да се поблиску до природата. Секако, со избегнување на собири со многу луѓе.
Што најмногу сакаат вашите деца да им приготвувате?
Ника обожава брокула, аронија, леќа, грашок, тестенини, јајца. Максим сака грав, шопска, спанаќ, боранија и супи. И двајцата сакаат салати, јагоди, банани и месо .И покрај тоа што мене месото никогаш не ми е прв избор, јас го почитувам нивниот. Готвам се’ , а од заложбите за понатаму, би си поставила за цел почесто конзумирање на риба.