Денеска честитајте именден на сите што го носат името: Благоја, Благојка, Блаже, Благица….
Празникот Свето Благовештение се вбројува во постојаните празници и секогаш е на 7 април според новиот, (или на 25 март според стариот) календар.
Меѓу народот повеќе е познат како Благовец, Благоец, Блошчојне и слично, и се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи.Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.
Значењето на името Благој се поврзува со Благовештение, што соодветствува на грчкото име Евангело, а значи пријатен и благословен. Затоа, луѓето кои се викаат: Благој, Благуна, Благица се сметаат за посебни.
Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов.Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца им ги дупат ушите за обетки.
Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег.Се верувало дека Благовештение жените не треба да се чешлаат.
Оние кои сакаат да имаат деца да појдат во црквите и манастирите, на иконите посветени на Благовештение и да се помолат.