Граѓаните се молат за девојчето што исчезна – најнови информации од МВР, но и од мајката на Вања
Доколку имате било каква информација за лицето што исчезна доставете ја до најблиската полициска станица или јавете се во Министерството за внатрешни работи на дежурниот телефон 192
Се уште трае потрагата по 14 годишното девојче од Скопје, кое последен пат беше видено во Дебар Маало, на патот кон училиштето.
Малата Вања Ѓорчевска е исчезната повеќе од 24 часа, поточно од 7.20 часот вчера кога тргнала на училиште, а мајката Зорица Ѓорчевска за Фокус изјави дека во потрагата ќе се вклучат и кучиња.
На социјалните мрежи се шират фотографии од Вања што ги објави нејзината мајка во нејзиниот апел во кој таа опиша и како била облечена нејзината ќерка тоа утро кога тргнала кон училиштето во Пестолоци. Како што вели таа, Вања била облечена во црни панталони со странични џебови, светло плав џемпер, црна кратка зимска јакна, бели најк патики со кафеави линии и имала школски ранец.
Фото: Принтскрин
Последен пат е видена во Дебар Маало на пат кон Песталоци, откако во 7.20 часот тргнала кон училиштето по што и се губи секаква трага. Нејзиниот телефон бил исклучен во 7.34 часот, а како што пренесуваат од МВР, случајот од страна на мајката бил пријавен во 08.35 часот кога таа се посомневале дека нејзината ќерка е исчезната.
Фото: Принтскрин
За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, а биле извршени и разговори со лица блиски до малолетното девојче, како и прегледани приватни камери што ги има во тој регион.
Мајката во својата објава додаде и дека МВР несебично е на терен и до доцните вечерни часови го барале нејзиното малолетно дете, но и дека потрагата продолжила и денес, но за сега безуспешно.
Фото: Принтскрин
Од МВР апелираат до граѓаните да не се шират дезинформации во врска со случајот и дека постојано преку медиумите ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на малолетничката.
На нивната страница за исчезнати лица објавена е и фотографија со податоци за девојчето во кој се вели дека во моментот на исчезнувањето носела голем школски ранец и мобилен телефон Ајфон.
Фото: Принтскрин
Веста за исчезнатото девојче многумина ја споделија на социјалните мрежи, а колку граѓаните се загрижени зборува и коментарот на нашата позната инфлуенсерка која преку своите Инстаграм сториња истакна дека во следниот период нема да објавува ништо друго, освен информации поврзани со случајот со цел исчезнатото малолетно девојче што побрзо да биде пронајдено.
Фото: Принтскрин
„Не се сеќавам кога сум била повознемирена. Објавив на Инстаграм дека во следните 24 часа мојот профил за било какво ширење на вест или било каква организација ви стои на располагање. Секако без шпекулации и непроверени информации“.
Фото: Принтскрин
„Се молам за Вања секоја минута“, напиша Миа и ја сподели и објавата од МВР со сликата од Вања и со нејзиниот опис, како и местото на кое што последен пат била видена, пред да исчезне.