„Ние сме од Македонија, земјата домаќин на најстариот фестивал за кинематографија “Браќа Манаки”.
Вака гласаше дел од изјавата на Самир Љума снимател на филмот номиниран за Оскар ,,Медена земја‘‘, кој заедно со Фејми Даут ja добија престижната награда за најдобра кинематографија за документарен филм која ја доделува Асоцијацијата на кинематографери на Америка.
При подигнувањето на наградата Љума изјави: “Да се биде овде со најдобрите од најдобрите, каква чест! Ви благодариме! Ние сме од Македонија, земјата домаќин на најстариот фестивал за кинематографија “Браќа Манаки”. Оваа година ќе се одржи 42-то издание на фестивалот”.
Покрај Љума, Влатко Лозано при примањето на наградата за најдобра поп фолк нумера на манифестацијата „Music Awards Ceremony 2020“ која се одржа во понеделникот ги воодушеви Македонците. Имено, откако водителката на шоуто го претстави како пејач од Северна Македонија, тој во своето обраќање и објасни дека е само „од Македонија, а не со тој додаток што го кажа пред малку“.
Македонскиот документарец „Медена земја“ е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. По победата во Тел Авив, „Медена земја“ изминатиот период освои награди на фестивали во Полска, Шпанија, Грузија и во Њујорк. Филмот освои четири награди на фестивалот Документарци против гравитација во Полска. Меѓу другото, документарецот доби Гран при и парична награда на фестивалот. Минатиот викенд тимот на „Медена земја“ ја прими главната награда на фестивалот за документарни филмови „Докс Барселона“ во Шпанија. Македонскиот филм „Медена земја“ успеа да добие две номинации за претстојните Оскари – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм.
„Медена земја“ е филм за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на природните ресурси. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев. Музиката во филмот е на „Фолтин“.