Водителот ВАНЕ Маркоски јаде сè, само ова не …
Ретко кој знае, но на почетокот тој проект не го сакав воопшто и целата прва сезона ја истерав со „туркање“, вели водителот за емисјата со готвење што ја водеше пред неколку години
Јавноста го запозна во периодот кога водеше емисија поврзана со кујната. Тој одеше во домовите на домаќинките и готвеа заедно. Прекрасниот Ване Маркоски тогаш ги собра симпатиите кај сите жени во државава, тетките посебно го обожаваа и со душа чекаа да им дојде на гости, па во негово друштво да зготват некој вкусен рецепт.
Но што Ване научи од тоа време? Дали применува некој рецепт пренесен од некоја од ученичките во емисијата? Колку водителот е спретен и ја сака кујната?
Го поканивме да биде дел од нашата рубрика ПОЗНАТИТЕ ВО КУЈНАТА.
Дали емисијата со готвење каде што бевте домаќин ви помогна денес околу снаоѓање во кујната?
Да, тоа е еден убав спомен, но и проект кој додека сум жив и работам ќе знам дека истиот ми го одреди правецот што ќе работам понатака. Се почна случајно, по идеја на тогашната програмска директорка во Канал 5, Марија Саздева.
Ретко кој знае, но на почетокот тој проект не го сакав воопшто и целата прва сезона ја истерав со „туркање„.
Но, како што поминуваше времето, работите се променија. Многу луѓе запознав, многу рецепти. Сакам да готвам и за себе и за пријателите, но и сакам да декорирам. Правам доста интересни комбинации на наша традиционална кујна и некои модерни јадења.
Кое е најубавото јадење што сте го пробале во животот и каде се случило тоа? Има ли нешто што не јадете?
Сум пробал доста интересни специјалитети кога сум патувал. Не би можел искрено да издвојам некое посебно, бидејќи во секоја земја сум пробал нешто локално кое ме воодушевило. Јадам скоро се, но не ми давај само пача.
Имате ли храна, специјалитет , некој десерт можеби по кој мечтаете да го вкусите, а не е достапен кај нас?
Искрено не сум размислувал за ова. Сум гледал доста видеа по социјални медиуми и сигурно некогаш сум погледнал некој супер специјалитет кој го нема тука, но штом не можам да се сетам, супер ми е се од кујната што ја имаме на овие простори.
РЕЦЕПТ ОД ВАНЕ
Паста со грашок, босилек и пармезан
150-200g паста, може и интегрална
1 лажица масло од сусам
¾ шолји свеж зелен грашок
1 лажица соја сос
Свеж босилек
½ шолја ситно рендан пармезан
Црвен пипер
Сок од лимонПодготовка:
Сварете ги тестенините, но водата сочувајте ја. Тестенините пропрскајте ги со масло од сусам. Грашокот варете го 1 минута во водата од тестенините, а потоа исцедете го и ставете го во сад со мраз. Кога грашокот ќе се олади, добро исушете го и ставете го заедно со тестенините. Додајте го соја сосот, босилекот, црвениот пипер, сокот од лимон, посолете, а на крај додајте го изренданиот пармезан.