ВЛАДАТА СЕ ПРЕМИСЛИ – Овие производи не поскапуваат!

Минималната синдикална кошница за едно четиричлено семејство за септември изнесува 48.379 денари, покажуваат податоците на Синдикатот.
Во однос на претходниот месец, потрошувачката кошничка е намалена за 966 денари, што според ССМ е резултат на загарантираните цени на прехранбените производи. Но, синдикалците имаат многу критики за властите.

Според нив, потребни се брзи и сериозни мерки во областа на економијата преку инвестиции, развој на нови производствени капацитети, зголемена поддршка и субвенционирање на одредени економски зони, што ќе доведе до зголемување на платите и намалување на сиромаштијата.
„Со зголемувањето на ДДВ за голем број производи од 5% на 10% ќе има зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка, така што претходната мерка за гарантирани цени на основните прехранбени производи нема да има ефект.

120.000 граѓани не заработуваат ниту половина од она што е потребно за основни трошоци. Тие се на минимална плата и се очекува понатамошно зголемување на сиромаштијата на населението до 25%“, велат од ССМ.
Но, од власта тврдат дека замрзнувањето на цените и нивното намалување за 10% ја намалило и инфлацијата, која во моментов изнесува 6,6%. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека за последните одлуки нема толеранција кон трговците.

Во меѓувреме, се подготвува закон за спречување на нефер трговски практики. Со него добивката ќе се ограничи на 10%, а не како досега да изнесува дури меѓу 30-40%, потоа траење на мерката најмалку 6 месеци, како и казни во износ од 20 илјади евра за нефер практики во синџирот на производство, снабдување, трговија и финална продажба на земјоделски и прехранбени производи.
Но, овој закон се очекува да биде готов за половина година. Властите ветуваат дека со него ќе има ново намалување на цените на прехранбените производи за најмалку 20% од сегашните.

По бурните реакции во јавноста, се враќаат старите цени во аптеките. Витамините, суплементите, додатоците за исхрана за раст и развој на децата, мултивитаминските препарати кои содржат витамини Б, Д и Е, магнезиум, пробиотиците, кои требаше да се даночат со 10, се враќаат на 5%, велат од фармацевтската комора за Сител.
Од комората велат дека согласно одлуката, 10% ДДВ ќе има само кај два вида таблети за џвакање со вкус на јагода и портокал.
Додаваат дека чаевите со 18% ДДВ остануваат на 18.
Со 5% повторно се продаваат урдата, замрзнатото тесто, црниот бибер, црвениот пипер, бебешките каши, адаптираното млеко за доенчиња, хербалните чаеви, наполитанките, вафлите, растителниот кашкавал, останати одредени видови кашкавали, лутеница, конзервираното цвекло и феферони.

Овие продукти се најдоа на листата со илјадници други чие ДДВ скокна од 5 на 10% со образложение дека се луксузни или пак, дека не се здрави.
„Лускузни“ остануваат: чипсот, мајонезот, сите видови апетисани, компоти, тропското овошје, сончогледот, мастиките, најголем дел од зачините и уште стотици други производи.
Цигарите, за кои имаше информација дека треба да поскапат од вчера, ќе имаат нови цени од јануари, кога една кутија ќе се продава пет денари поскапо.

Во вторник, пак, на владина седница ќе се разгледува предлог-одлуката за зголемени давачки при увоз на возила. Според планот, повисока даночна стапка ќе имаат луксузните и возилата кои повеќе загадуваат.




