За ова двегодишно девојче цела Хрватска се обедини и собра речиси 300 милиони денари за нејзино лечење
Мила Рончевиќ се лечеше од акутна мегакариоцитна леукемија и како што пренесува хрватскиот 24сата.хр, таа сега е добро. И овие вести стигнаа токму пред католичкиот Божиќ, а нејзиниот татко е убеден дека во прашање е Божјо чудо.
Таткото на Мила за хрватските медиуми изјави дека на Мила и е направена трансплантација на коскена срж на 1.11 2019 и за сега е се’ во ред. Тој појасни дека трансплантација на коскената срж не е операција, туку комплексен процес кој вклучува подготовка, односно постигнување услови за примање на матичната станица на донатор и потоа постапка за закрепнување и почнување на создавање на нови сопствени одбранбени ќелии.
За тоа време пациентот мора да престојува во потполна изолација бидејќи не постои никаков имунитет.
Како што вели таткото, постоеле само 1 % шанси за оздравување. Но трансплантацијата била изведена во рекорден рок и неговата ќерка за три недели била пуштена од болницата. Таа сега трча, јаде и пие сама што е за неверување дури и за самите доктори бидејќи Мила го прави сето она што се смета дека е невозможно во раниот пострансплантациски период.
Прогнозите беа многу лоши
На Мила во 2018 година и беше дијагностициран тежок облик на леукемија, а прогнозите беа многу лоши.
По десет циклуси хемотерапија во Клиниката за педијатрија во Риека дојде до ремисија на болеста, но болеста се врати во март оваа година. Сепак благодарение на неверојатна хуманитарна акција во краток рок не само што беа собрани средствата, туку сумата и двапати беше надмината, а преостанатите пари беа употребени за лечење на други деца.
Фото: Марин Рончевиќ
Мила се бореше како мала лавица
И покрај проблемите со кои се соочуваа, Мила цело време се бореше како неверојатен борец. Исто како и нејзиното семејство кое направи се’ за да и овозможи на својата двегодишна ќерка максимални услови во борбата за живот. И животот победи. Со љубов и со верба.
„Ние сме сигурни дека ова, како и неколку ситуации што се случија пред и по операцијата, беа вистинско Божјо чудо“, раскажува таткото на Мила за 24сата.хр.