За градот на конзулите има многу што да се каже. Како е да си роден битолчанец, што има Битола, што му фали на овој град, но и затоа како живеат битолчани одблиску разговараме со пејачот Виктор Апостоловски, кој е по потекло од Битола.
Подобро пееш или свириш гитара?
Па со оглед на тоа дека гитара почнав официјално да свирам пред 2-3 години, а пеам цел живот, би рекол дека воопшто не е натпревар ?
По што го паметите детството?
Охохоооо по многу работи! Многу убави и неубави моменти, впрочем како и кај секој еден од нас. Но без разлика што било, секогаш сме биле заедно како фамилија, така што тоа би го издвоил како омилено сеќавање!
Што има Битола и ниту еден друг град на Светот?
Кабадаи! Пелистер! Широк Сокак! Тумбекафе! Драгоро! Паљото! Битолчанки! Бељот!…. Да продолжам?
По што се разликува Битола од тоа кога беше дете и сега?
Па пред се, буквално е двојно помала! Порано градот броеше 120 000 жители! Сега ако сме 60 000 преку сила, да сме среќни! Широк сокак беше претесен во лето, сега некако му одговара името. На пелистер ништо не функционира! Довлеџик е затворен! Пола кафичи и клубови ги нема… ама затоа па имаме еден тон кружни текови! Многу е променето во градот на конзулите… ама надежта останува дека некогаш ќе живне пак!
Како живеат битолчани?
Кабадајски! Зема 12 000 плата, троши 15 000! Останатите 3 да го отепаш не знај од кај му се! Реално Битола отсекогаш била лезет град! Никој нигде не брза! Ни со зборањето, ни со работата, ни со возењето … со ништо! Не дај боже да брзаш негде! Ќе побудалиш!
Ама па мене баш тоа ми се допаѓа! Пошто и јас не сакам да брзам! Полека, лагано! Се ќе биде!
Иначе за стандардот на живот не би да разговарам, пошто ова шо се случува на ниво на држава воопшто не е стандард! Имаме капацитет да живееме многу поубаво, ама алчноста нема граници па така додека некои си менуваат фотељи и уживаат, другите страдаат. Ама тоа не е ништо ново за нас.
Омилено место во Битола?
Дома! Нема место ко дома! Иначе дефинитивно Пелистер! Има иљадници планини, ама како што кажав, дома си е дома!
Што според тебе му фали на твојот град?
Шо не?! Аеродром! Затворен базен шо всушност ќе е достапен за граѓаните! ( Според “стандардот” нели!)… Улици! Културни настани! Факултети и т.н.
Како се снаоѓате во кујна?
Дај ми месо и скара и топ сум! Исто така сум експерт за тостови! Повеќе или помалце, се што се пржи и пече можам! Манџи не сум пробал, ама за другиве работи до сега сум слушал само пофалби па претпоставувам имам осет. Како и да е, кога би бирал, би одбрал да си седнам на маса и да бидам послужен
За која песна би кажале дека ви е лична карта?
Сите песни ми се лични! За разлика од поголемиот дел од моите колеги јас не правам музика за пари! Нити па за слава! Туку ја правам за моја душа! Така како што сакам во моментот! Слободата во креативниот процес е чувството што најмногу ме исполнува! Затоа и сите песни се различни стилски.
На што е насочена моменталната енергија на Виктор?
Моменталната енергија, како и обично ми е насочена кон мојата прва љубов – музиката. Нон стоп сум во студио! Нон стоп се твори нешто ново! Се планираат патувања, настапи, спотови, соработки, така што мислам дека ова ќе биде една интересна година