Венко Биковски, капетан на боинг 737: Аеродромот е државна сопственост, треба војска и полиција да го обезбедува, а не приватно обезбедување!

Претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди вели дека за вчерашниот инцидент со упад во М-НАВ и напад на вработени е закажан Комитет за безбедност во компанијата и оти во интерес на истрагата нема да коментира дополнително.
Нема да даде оставка затоа што како што рече зад него стојат многу позитивни резултати и оти Владата веќе најавила разрешување на раководството, а случувањата ги оквалификува како „немил настан“ и „конфликт помеѓу двајца колеги“.
-Ние сме луѓе, менаџери, раководиме согласно сертифицирани процедури и во делот на обезбедување согласно меѓународни карактери и препораки има две рампи за влегување, има трета, четврта, во тој дел не можам да навлегувам понатака. Се случил еден немил настан и тоа не смеело да се случи, но се работи за конфликт помеѓу двајца колеги кои се знаат 20 години и заедно биле на школување, рече Хамиди, прашан како е дозволен упад во институцијата.
Упадот во кулата на Контролата на летање е преседан за кој светот нема слушнато. Ова е до сега единствен случај во светот кога некој упаѓа на аеродром во собата во која работат контролорите на летање, вели за „Слободен печат“ Венко Биковски, капетан на боинг 737, инструктор-испитувач.
>Наместо од точка А до точка Б, патникот стигнува на точка Ц, бидејќи банда хулигани упаѓаат и некој не може да си ја работи работата. Аеродромот е државна сопственост, треба војска и полиција да го обезбедува, а не приватно обезбедување. По кој критериум се прима обезбедување кое е приватно? Тешка злоупотреба на надлежностите е направена, вели Биковски за „Слободен печат“
Тој смета дека ќе има реакција и од Еуроконтрол
>Веројатно Еуроконтрол ако не направиме сами нешто може да не исклучи од целиот систем и да останеме една дупка во Европа. Ќе дигне раце од нас. Во најблага варијанта ќе донесе свои луѓе кои ќе го работат тоа ако сме им битни во воздушниот простор, вели пилотот.




