Интервју со Богомил Марков
Богомил Марков познат на Инстаграм и како Боки Марков дефинитивно ќе ве воодушеви со неговите фотографии кога ќе го посетите неговиот Инстаграм профил. На почетокот фотографирањето му претсавувало хоби, за денеска да стане и негова професија.
Како се роди љубовта кон фотографијата?
Според фајлови во компјутер, првите денови кога сум започнал со фотографија биле околу 2011. Љубовта не ја спомнувам со почетоците бидејќи тоа на почеток биле само желби. Доколку зборуваме за љубовта кон фотографијата, за мене таа е сето насобрано од сите активности поврзани со неа па дури и ова интервју.
Како се инспирираш?
Инспирацијата ја наоѓам насекаде во зависност од желбите. Доколку е моја желба за фотографија доста често инспирација наоѓам во книгите, во луѓето, во природата. Можам да потврдам дека голем дел од инспирацијата доаѓала во моментите пред спиење. Тие моменти за мене се период од денот во кои многу лесно ми се подредуваат сите случувања и во зависност од тежината на проблемите изнаоѓам патишта за решавање. Кога доаѓа ред на фотографијата, размислувам која е таа идеја што треба да ја реализирам но воедно да ме исполни. Кога доаѓам до некоја првични идеи доста долго време размислувам како да ги доведам до нејзина совршеност. Повеќе време трошам на мислење и доведување на идејата во конечна совршеност гледјаќи со мои очи, отколку самата реализација. Спомнав моја желба. Кога станува збор желба на клиент, ја сослушувам неговата првична идеја па потоа врз основа на таа идеја ја обликувам на некој начин со мојата имагинација како тоа да изгледа, што би рекол јас убаво за очи.
Што е потребно за добра фотографија?
За добра фотографија е потебно само добро око. Доста често ќе слушнете коментари во врска со опремата. Точно е дека подобра опрема ќе насочи кон подобар квалитет на фотографија но овде ставаме точка. Квалитет на фотографија. Квалитет не е исто со пренесување на приказна. После многу време вежбање и играње со фотографијата сфатив дека многу е битно како ќе се пренесе самата приказна. Фотографот според мене е човек чии дела се гледаат после моментот, што на некој начин и тоа е логично. Меѓуврме сум фотограф на ноќен живот и после некое размислување сфатив дека ако сум DJ од мене зависи како ќе им ја пренесам енергијата на гостите во текот на вечерта. Во улога на фотограф, од мене зависи како ќе ја прикажам енергијата што ја пренел DJ- от на публиката. Од мене зависи како ќе ја пресликам цела вечер во една фотогафија или кратко видео. Сите снимаат, сите фотографираат но ретко кој го изнаоѓа најдобриот агол. Не сум најдобриот но се трудам да го изнајдам патот како да гледам подобро. Погледот преку окото е најбитен, фотоапаратот за мене е само алатка како да го пренесам на луѓето она што јас го гледам за време на моментот.
Фотографијата ја започнав со мобилен телефон и дури не ги изнаучив близу сите функции како функционира камерата јас не изразив желба да имам фотоапаратот. Сето она што го имаме во фотоапаратот веќе и го имаме во паметнинте телефони кои и дозволуваат регулирање на камерата според потребите. Моментот кога сфатив дека ми е потребен апарат беше кога ме побараа да фотографирам отварање на еден ресторан. Тоа беше клучниот момент кога сфатив дека е вистинскиот момент да се втурнам во барање на дополнителна опрема
На кои места и дестинации се прават одлични фотографии?
Сите дестинации си имаат свои убавини. Без разлика дали зборуваме за фотограф, секоја дестинација не е гледана исто од сите луѓе. За некои љуѓе браната Паљурци во Богданци е место за уживање. Исто и за мене, но јас уживам со фотографирање на браната Паљурци. Секогаш кога ќе отидам таму со фотоапаратот се обидувам да најдам интересен агол да им го пренесам на луѓето што го обожаваат она што јас го правам. Исто е и со другите дестинации. На прв поглед некоја локација не е интересна за гледање но исклучувајќи го реалниот свет и вклучувајќи ја имагинацијата – инспирацијата за креирање на ново дело доаѓа сама.
Какви фотографии те исполнуваат и прават среќен?
Ме исполнуваат фотографии кои поседуваат во себе приказна. Кога ги разгледувам фотографиите на другите фотографи не гледам дали ја запазиле одредена техника бидејќи е многу интересно да се бега од правилата водејќи се според себе. Според тоа, освен поседување на приказна би бил среќен доколку истата таа приказна е пренесена на мој начин на едитирање или приближен. Во Македонија ги има неколку фотографи што го имаат приближно мојот стил на едитирање на фотографиите но токму тоа ми се допаѓа дека си имаат нешто уникатно и води кон тоа да се свои на свој начин. Гледано за фотографија креирана од мене, ме исполнува фотографија креирана од идеја што сум ја толкувал многу долго време и финално кога ќе биде примена приказната во истиот облик од мојата замисла.