Кога се работи за здрава и вкусна храна сигурно веќе сте запознаени со профилот на Ана Марија Кузмановска на социјалната мрежа Инстаграм. На нејзиниот профил ќе најдете многу инспиративни рецепти кои ќе ви заштедат време. Ана Марија е студентка по Диетика која максимално е насочена кон изучување на храната и што таа содржи. Вели дека денот и започнува многу рано со нејзинито омилен пијалок, а потоа следува и утринскиот тренинг. Ужива во структурирана утринска рутина и вели дека тоа и помага да заврши повеќе работи остатокот од денот.
Како почна Ана Марија да готви и како настана твојата страница со рецепти?
Oтсекогаш сум сакала да бидам во кујна, да експериментирам со нови рецепти и вкусови и во тинејџерските години почнав повеќе да читам и да се едуцирам за тоа што е здрава исхрана. Дел од ова експериментирање со храната го поминав и како веган и самото тоа ме натера да поминувам повеќе време во кујна и да смислувам вегански верзии за нашите традиционални јадења. Потоа се соочив и со тоа што значи телото да не функционира оптимално и бев дијагностицирана со синдром на иритабилно црево. Оваа дијагноза ме насочи кон науката, тоа денес што го учам – диетотерапија, а желбата да им помогнам на другите да стигнат до своето оптимално здравје и да практикуваат здраво готвење и навики прерасна во тоа што е денес мојата страна.
Која е вашата утринска рутина?
Мојата утринска рутина знае да се промени во зависност од периодот од годината, но моментално таа изгледа вака:
Станување во 6.00, спремање на мојот омилен пијалок ( во моментот тоа е мока лате со додаден желатин/колаген), потоа читање од 6.30-7.00, мало раскревање околу домот и тргнување во теретана околу 7.30. Уживам во структурирана утринска рутина и тоа ми помага да завршам повеќе работи остатокот од денот.
Кои се триковите за вкусни јадења?
Зачини и многу љубов. Се што е направено со љубов, ќе си го изедеме со сласт, а зачините се тука да помогнат и да направат уште повеќе да уживаме во јадењето.
Што може да се подготви на брзина за околу 10тина минути?
Многу од моите оброци не одземаат повеќе од 10 минути, па еве една мала листа – било какво смути, палачинки од блендер, а опциите за вкусови се милион, пилешко со кускус и зеленчук, пудинг од мелен ориз со додаден протеин, омлет.
Како се станува добар готвач?
Practise, practise, practise. Позади еден успешен рецепт, многу често стојат многу неуспешни обиди. Колку повеќе време се поминува во кујна и се запознаваат состојките и нивните улоги во рецептите, толку правењето на еден рецепт станува поедноставно. Секоја состојка во рецептите си има посебна улога и добриот готвач знае да препознае што му недостига или што е вишок во еден рецепт.
Што сакаш најмногу да готвиш? Сподели го со нас твојот омилен рецепт?
Палачиките ми се прва љубов кога се работи за здрави рецепти и се уште не се откажувам од нив. Имам смислено мноу рецепти за палачинки и често знам да додавам нови и сезонски вкусови, но базата на моите палачинки секогаш се состои од 2 јајца, 50г овес, 50г урда и мед. Понатаму има милион комбинации на вкусови.
Кој подобро готви жените или мажите?
Тој што е повеќе посветен и има љубов за готвењето, а дали е маж или жена е скроз неважно.
Како е најдобро да се приготват јајца?
Имам два омилени начини на приготвување јајца – едниот е кајгана со сирење на малку маслиново масло, а другиот се средно варени јајца коишто се ставаат во врела вода и се вријат 7-8 минути.
Сакаат ли младите да готват, или повеќе се за готова храна?
Младите ги практикуваат своите навики. Неколку недели конзумирање на готова храна може да прерасне во навика на конзумирање на готова храна за цел живот. Исто така неколку недели готвење може да прерасне во вкусна и здрава навика. За среќа, трендот на здраво готвење и здрав начин на живот, постојано се шири.
Покрај твојот профил на социјалните мрежи размислуваш ли да направиш телевизиско кулинарско шоу?
Телевизиско кулинарско шоу никогаш не било моја желба и не е нешто во што се пронаоѓам. Науката за исхраната е тоа што го сакам и ме исполнува и се надевам дека ќе можам на многу луѓе да им помогнам да го достигнат своето оптимално здравје.
Кое е твоето омилено јадење?
Уфф, тешко прашање. Дефинитино се менуваат и често имам различни јадења за коишто сум возбудена да ги јадам секој ден. Моментално можеби тоа е пудинг од мелен ориз или смутито со јаболка коешто го имам постирано на мојот профил.
Која е најчестата грешка што ја правиме при готвењето?
Премногу масло. Без разлика дали е храна зготвена дома или надвор, ова според мене е најчестата грешка. Од здравствен и нутритивен аспект, додава многу непотребни калории на оброкот, а често се користи во вишок само поради тоа што на готвачот можеби му е за нијанса полесно да го зготви јадењео доколку користи повеќе масло.