Реклама
Вирално

Александар Русјаков: „Зошто не смеам да се наречам Македонец? Зошто моите браќа и сестри не смеат да бидат Македонци?“

Реклама

Александар Русјаков на социјалните мрежи напиша пост инспириран од денешниот протест на граѓаните на Република Македонија против промена на уставното име на државата. Русјаков беше дел и од граѓанското движење Македонскиот Манифест, а преку последниот статус на социјалните мрежи го изрази својот став за преговорите за промена на името со Грција.

Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:

Маркетинг

 

ЗНАМ ДЕКА ТЕКСТОТ Е ГОЛЕМ, НО ГОЛЕМО Е И ПОНИЖУВАЊЕТО

Маркетинг

Чувствувам силна потреба да ги оставам овие зборови низ времето и просторот на нашето битисување како сведоштво за едно постоење. Оти има сила човечка која сака да ми сотре, уништи, ликвидира еден дел од тоа мое постоење. А мене целоста од делови ми е исткаена, па ако убиете еден дел и целоста умира.

О да, имам четириесет години и се чувствувам понижен како човечко битие. А мудрите рекле дека не е срамно да си понижен, туку нечовечно е да понижуваш. Јас ете четириесет години го дишам ова постоење, љубам и тагувам, работам и грешам, барам прошка или уживам, се молам и се радувам и никако, ама никако не ја разбирам потребата на силните да ме понижат, убивајќи ми дел од душата. А мојата душа се идентификува како Александар Русјаков, човек, маж, Македонец, христијанин, грешник, син, брат, пријател, љубовник, поет, писател, кираџија, сиромашен и сите тие се живи парчиња исткаени во мене и никако не ми е јасно зошто се збрала сета планетарна моќ за да ме убие токму како Македонец. Зарем не ви е јасно дека убивајќи ме како Македонец ме убивате мене? Ете, затоа, среде овој век преполн фрази за правда, рамноправност, право на избор, демократија, човекови права, еднаквост, јас се чувствувам понижен како човечко сушетество. Затоа протестирам.

Зошто ви пречам како Македонец?
Зошто не смеам да се наречам Македонец?
Зошто моите браќа и сестри не смеат да бидат Македонци?
Зошто мојата татковина не смее да се нарекува Република Македонија?
Зошто може Гркот да се нарекува Македонец, а јас не?
Зошто мора да си го променам името македонско за да станам дел од унија на држави?
Зошто морам да се откажам да бидам Македонец за да влезам во воен сојуз?
Има ли крај на агонијата на апсурдот?
Во име на која подобра цел се сите овие понижувања?
Ми велите НАТО е воен сојуз на модерни демократи и тој ќе ме заштити од опасности, но зошто морам да се понижам и откажам од себе како Македонец за да бидам заштитуван од оние што запнале да ме ликвидираатт како постоење?
Ми велите Европската Унија е заедница на врвни цивилизациски вредности каде ќе доживеам благосостојба, но зошто тогаш бараат да се убијам себе како Македонец за да ја вкусам таа нивна благосостојба?
Важи ли тоа и за другите?

Ми велите дека сум антизападен елемент затоа што сакам да останам како Македонец меѓу западните, па има ли крај на безумноста, апсурдот и понижувањата? Ете затоа протестирам.

Драги мои неистомисленици и непријатели на мојот македонски идентитет, вашата моќ од која произлегува потребата да ме ликвидирате како Македонец е геноцидна и тоа ве прави нацисти. Фактот дека учествувате со збор и дело во новиот планетарен холокауст врз цел еден народ, пред Бога, пред светот и пред историјата ве прави да бедете новите фашисти. Сите вие лидери на држави, политички бирократи на ЕУ, генерали од НАТО, амбасадори на туѓи држави во мојата татковина, македонски и албански политичари, новинари, интелектуалци, уметници, активисти и граѓани кои учествувате во овој нов софистициран холокауст, убивајќи го Македонецот во мене, правите злосторство против човештвото, затоа што ми го ставате идентитетот во гасна комора и згора на сè, ликувате и јас воопшто не сум виновен дека со своите дела и искази, сами себе се запишувате како новите нацифашисти. Ете затоа протестирам.

Ми велите дека не е во прашање мојот македонски идентитет, туку името на државата, зар не се срамите што го изговарате ова? Зар не забележувате дека нешто не ви е в ред со исказот? Зар не сфаќате дека зборовите ви се граничат со безумност? Па еве и да не е идентитетот, туку само името, а не е така, зар и едното без другото не е уцена, понижување и насилие? Вие, кои постојано се колнете во правда, демократија, мир и човекови права, дали се слушате и читате самите себе кога ме присилувате да си го сменам името за да влезам некаде? Има ли крај на ова насилие и понижување?

Ете затоа јас, како Александар Русјаков, човек, маж, Македонец, христијанин, грешник, син, брат, пријател, љубовник, поет, писател, кираџија, сиромашен, како индивидуа со чест и достоинство, ќе бидам дел од протестот денес, на 27 фебруари, за да протестирам мирно, со тело, ум и душа, против оние кои во име на моќта, а со геноцидна намера, сакаат да го убијат Македонецот во мене.

И не ме обвинувајте дека сум националист, срамота е! Не само што јас не сум националист, иако тоа не е ни забрането, туку обратно, нацисти обвинуваат дека други се националисти. Ми ги згазивте честа, достоинството, радоста, сега сакате да ликвидирате дел од мене и повторно јас сум виновен што сакам да останам Македонец. Има ли крај на понижувањата?

Ќе ме оставите ли да го живеам овој живот како секој друг на планетава Земја, да сонувам, мечтаам, да ги пишувам своите приказни, да љубам и тагувам, да бидам патетичен ако ми се присака, да врзувам крај со крај, да се борам за себе и своите блиски, а притоа да не бидам омаловажуван и понижуван како човечко суштество коe сака да има име и идентитет како другите?

Ќе ме оставите ли да бидам Македонец од Република Македонја?

И за крај уште нешто.

Ми велат блиските, ќе има малку народ, луѓето се исплашени, им е гајле за идентитетот зашто ги убедија дека во ЕУ ќе им рипне стандардот, надвор студи, ќе има провокатори, намерно ќе направат зло за да нè прикажат како насилници, ќе апсат поединци како што направија со „Заедничка Македонија“. Имам одговор за сите овие стравувања.

Ќе има малку народ… Сеедно! И сам да сум, сеедно. Ќе знам дека барем јас стојам исправен пред обидот за геноцид врз мене.

Луѓето се исплашени… Стравот е чувство што парализира, тоа го знам. Евреите мирно влегувале во гасните комори. Ама за среќа ги има и тие што преживеале за да посведочат за својата трагедија и ѕверствата на безумните.

Им е гајле за идентитетот зашто ги убедија дека во ЕУ ќе им рипне стандардот… Не!!! Еден ден ќе се свестат дека ЕУ ниту крева стандард, ниту зголемува плати, туку во неа државите влегуваат со својот багаж, квалитет и неквалитет.
Надвор студи… На осакатената душа со убиен идентитет повеќе ќе и студи.
Ќе има провокатори… Нека има! Тоа се луѓе кои живеат за да уништуваат, нели треба да се молиме за нив?

Намерно ќе направат зло за да нè прикажат како насилници… Не, насилници се оние што сакаат да нè ликвидираат како народ и држава, а злото… злото го има насекаде, зар некој од нас може да го победи сето зло? Злото треба да се победи во себе, но оние кои ќе излеземе за Македонија, ќе излеземе со љубов, а оние што ќе се обидат да подметнат злосторство… нив времето, историјата и Бог ќе ги судат.

Ќе апсат поединци како што направија со „Заедничка Македонија“… Нека апсат! Јас знам дека ќе излеам со чиста совест, мирно и достоинствено, со љубов за Македонија, дека нема да сторам ништо со кое ќе му предизвикам на другиот зло и неправда, но ако треба да апсат за тоа, нека апсат, јас и онака се чувствувам како во зандана, како во гасна комора, заради оние што сакаат со сила да ме преименуваат.

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!!!

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .

Поврзано

Back to top button