CelebrityИнтервју

Јас се трудам да бидам најдобар сопруг и татко што можам да бидам – искрено со Благоја Грујовски за Гламур

Гламур интервју со еден од нашите најпознати пејачи

Реклама
Реклама

Фолк-пејачот Благоја Грујовски 30 години е на музичката сцена. Тој е еден од најхаризматичните пеачи кај нас, кој иако неодамна наполни 62 години за него како времето да застанало . Првиот забележителен настап му беше со групата „Мераклии“ на фестивалот „Цветници“ кога настапија со песната „Туѓино јабано“ и оттогаш Баже стана миленик на публиката. Знаев дека кога ќе ја снимам „Tуѓино јабано“ ќе треба да излезам и да пеам а јас не сакав, но некако успеаја да ме убедат и дали за жал или за среќа, а верувам дека е за среќа бидејќи песната стана многу слушана и голем хит и од таму почна моето патешествие како пеач-вели во интервју за Гламур пеачот Благоја Грујовски.

Оваа година Благоја Грујовски го освои срцето на публиката на „Охрид Фест – Охридски трубадури 2024“, со песната на маестро Григор Копров „Ноќва Охрид не спие“ и публиката те награди со прва награда, што зачи за тебе оваа награда и дали наградите од публиката се подраги?

 

Би било нескромно да кажам дека  не ми значи, секако дека ми значи и многу ми е драго, дотолку повеќе што не беше дефинитивно дали ќе учествувам или не, требаше таа песна да биде дует, но испадна ете сам да ја снимам од технички причини и навистина се изненадив но песната е навистина убава. Но ние пеачите не можеме секогаш да препознаеме дали секогаш нешто ќе упали или не. Тука сме слаби во тој поглед. Инаку сум пресреќен  и му благодарам на маестро Копров, имам многу песни од него и сега подготвувам албум од тие песни, тоа се убави романтични љубовни песни, еден урбан фолк различно од она што секој ден го работам, една убава промена. И да секако дека се подраги наградите од публиката.

Маркетинг

Нешто повеќе од 30 години сте на музичката сцена. Првиот забележителен настап Ви беше со групата „Мераклии“  на фестивалот „Цветници“ кога настапивте  со песната „Туѓино јабано“ и оттогаш Баже стана миленик на публиката. Се секавате ли на почетоците?

Да, секако дека се сеќавам и секако дека нема да заборавам, тоа беа многу турбулентни моменти, јас бев музичар во групата Мераклии заедно со Јове Кекеновски кој подоцна ми стана и кум, и по некоја игра на случајноста кога требаше да се снима „Туѓино јабано“ мораше јас да ја снимам затоа што другите во моментот не можеа и не ми беше баш пријатно затоа што никогаш не го правев тоа.

Маркетинг

Башка бев новинар во македонско радио и ми беше едноставно срам да го правам тоа, знаев дека кога ќе ја снимам ќе треба да излезам и да пеам, а јас не сакав. Но некако успеаја да ме убедат и дали за жал или за среќа, а верувам дека е за среќа, бидејќи песната стана многу слушана и голем хит во тоа време дури и евергрин и од таму почна моето патешествие како пеач.

После 15 години во новинарството поточно во информативната програма како  новинар во Македонското радио, сепак одлучивте да се посветите само на музиката, Ви недостига ли новинарството и како одлучи да студираш и работиш како новинар?

Одлуката не беше лесна јас долго време се кршев меѓу тие две професии кои бараат  многу од тој што се занимава со тоа. Ако си новинар треба да бидеш само тоа. Ако си пеач треба да си само пеач. Нема компромиси. И после 15 години јас решив да се посветам само на музика, а на новинарството му кажав збогум. Сите тие години како новинар ги поминав во информативната програма на македонското радио. Знам што значи тоа, колку е тешко и напорно и неблагодарно.

Но не ми е жал што ги поминав таму тие пет шеснаесет години, затоа што доста научив, научив што значи да се биде професионалец, одговорен кога треба кога е најгусто. Кога е трка со времето, трка со минути, со секунди. Радиото е стресна работа, посебно информативното новинарство.

Потекнувате  од реномирано музичко семејство, Вашиот татко Мате Грујовски кој на сите нам ни е познат а и Вашиот брат Ташко, неминовно ли беше да се занимавате со музика, свирите саксофон, кавал и пеете. Кој ве учеше да свирите?

Мојот живот со музиката почна уште од најмалите години. Почнав да учам музичко и таму ми одредија да свирам виолина  и завршив нижо музичко и тогаш ми се изгуби желбата бидејќи имав многу желби во различни насоки. Повеќе ме интересираше спорт сакав многу фудбал но изгледа не бев предодреден за тоа, отидов во бокс во средно гимназија таму бев поуспешен и потоа дојде хепатит жолтица инфективна и морав да се откажам, и од тогаш почнав да свирам саксофон.

Најпрвин како хоби но подоцна се вљубив во инструментот и така почнав да свирам саксофон. Инструментот го најдов дома, татко ми го имаше донесено за некој негов ангажман, инаку татко ми беше кларинетист не саксофонист. Татко ми ми ги покажа основните први чекори, а потоа сам учев.

Многу награди на фестивали, многу песни испеани, која песна ја одбележа Вашата кариера и која песна Вам Ви е најдрага и која награда?

Не можам да издвојам една песна, секоја песна ми е драга. Имало многу награди но не сум се ориентирал спрема наградите. Има песни кои не биле на фестивал и наградени но допреле до публиката. Имам доста такви песни, не знам зошто би издвојувал некоја песна освен тоа дека „Туѓино јабано“ беше како пресвртница во мојот живот. Таа беше прва песна која ја испеав не под свое име туку како член на групата и таа ми е некако како лична карта иако има и други многу убави песни.

За Вас како времето да запрело. Нема разлика во Вашиот изглед од почетокот на Вашата кариера, па се досега, на што се должи тоа, имате некој посебен животен стил или?

Не можам да кажам точно на што се должи, многу луѓе ми го кажуваат тоа дека не се менувам, но јас знам дека се менувам гледајќи слики од пред 20 години гледам дека се менувам, но можеби кај мене тој процес оди бавно. Немам некој посебен рецепт, живеам умерено не се лишувам од ништо, сакам да се напијам понекогаш една, две, три чашки, сакам и да запалам и некоја цигара но не сум, ни пушач ни пијач. Можам да не пијам и можам да не пушам не сум зависен од ништо.

Јадам умерено, утрото го почнувам со овошје, со зрнести плодови  ореви, семки, суво грозје и такви работи. Немам некој специјален рецепт. Јадам еднаш во денот еден главен оброк и тоа. Начинот на кој го перцепирам животот и ударите на животот, треба човек да знае да ги прими сите непогоди, сите удари што ги задава животот, дали од луѓе, дали од околности и да не придава значење на некои нешта затоа што се е минливо. Ако така се сфати животот дека се е минливо човек не треба да си остава траги на срцето и душата.

Бевте во брак со Тања со која го имате синот Матеј, а сега сте во брак со Ирена и го имате синот Марко.  Каков сопруг и татко е Баже?

Јас се трудам да бидам најдобар сопруг и татко што можам да бидам, сега дали успевам во тоа колку што сакам и колку треба не знам, но генерално мислам дека ги исполнувам тие критериуми. Сега барем во овие години сум прибран и одговорен и се грижам за фамилијата, за домот за децата. Едниот син е веќе возрасен, сам се грижи за себе, сам живее и работи, дипломиран е и има 26 години, а малиов треба да се работи на него доста, да се разговара бидејќи е во специфични деликатни тинејџерски години.

Бидејќи постојано се опкружени со убави жени дали е Ирена љубоморна или сепак има разбирање за Вашата професија, бидејќи своевремено важевте а и сеуште важите за е еден од нашите најхаризматични македонски пејачи?

Па не,  јас сум опкружен со жени постојано и тие се од мојот многу близок, близок круг, тоа се жени мои колешки  од естрадата, со нив егзистирам, со нив работам со нив живееме, тоа се мои сестри, и Ирена повеќето ги познава.

Имаш ли некое друго хоби или нешто со што Баже се релаксира од настапите и ги полни батериите?

Порано имав хоби фотографија а сега немам никакво хоби, хоби ми е музиката и тоа што го работам ми е хоби и уживам во тоа, комуницирам со мои колеги пеачи со автори, со луѓе од браншата, еве и сега на промоцијата се дојдени  мои драги луѓе, тоа е мојот круг на животот.

Специфично за тебе е тоа што негуваш исклучиво еден стил на музика, дали и понатаму остануваш доследен на тоа или може да очекуваме и некоја промена?

Ново е албумот од Копров што го подготвувам, нешто понакво од она што јас го негувам, јас соработувам со Копров. Првите песни, првиот албум ми го правеше татко ми, соработувам и со Јане Рафајловски на кого сум му кум и сме многу блиски и со кого имаме екипа, бенд со кој ќе работиме. Имам соработувано и со многу други автори со истакнати афирмирани имиња на македонската фолк сцена  како Николче Мицевски, Миле Барбаровски, Петар Лукич и мниогу други.

Кое е твоето животно мото?

Моето животно мото е – живеј и пушти ги другите да живеат.

Бидејќи музиката е твоја определба а новинарството е само убав дел од Вашиот живот би сакала еден совет од Вас до сите оние кои што се занимаваат со новинарство, која е тајната да се биде добар новинар?

Да се биде добар новинар  е многу тешка задача,  и бара целосно посветување, истражување, читање, информирање, и еден објективен пристап. Значи бара многу и храброст,  бидејќи знаеме на какви се притисоци се изложени и во какви околности работат новинарите.

Значи  новинарството е еден ринг,  новинарот треба да биде како боксер и да внимава на секоја страна од каде доаѓаат ударите и да знае да се одбрани.

 

Сите најнови вести поврзани со ѕвездите можете да ги следите на Гламур, убедливо најчитаниот портал за познатите во Македонија (види тука), како и на нашите страници на социјалните мрежи со вупно преку 1.000.000 фанови. Сите актуелни теми и случувања, најновите трачеви и најинтересните вести на едно место. Придружете се и на нашата официјална Фејсбук заедница ТУКА и бидете во тек со настаните, додека најинтересните текстови и интервјуа со познатите можете да ги следите и на Инстаграм ТУКА .
Back to top button