Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…
На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.
Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име.
Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример.
Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град, во 329 година, од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија.
Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сè уште го споменува.
На 14 јануари најпрвин се одело во црквата, а потоа низ селото. Тогаш се оди во сите домови во кои има Васил и се честита именденот. Попладне сите се собираат на средселото каде што се игра Василичарското оро. Секоја група имала свое оро, а потоа сите се обединувале во едно заедничко оро.