„Со здрав начин на исхрана, без гладување и со правилно распоредени оброци може да се подобри здравствената состојба, но и да се намалат килограмите“
Колку често знаеме да кажеме дека немаме доволно време да направиме здрав оброк, па посегнуваме по брзата храна ( или она што е тотално нездраво за нашиот организам). За тоа што треба да конзумираме во овој период од годината, која храна е богата со витамини и минерали, но и како да ги намалиме килограмите разговараме со советник за здрава храна и магистар по нутриционизам Емилија Спасовска Мојсовска.
Ова е период кога владеат вируси и настинки, Светот се соочува со пандемијата предизикана од Корона вирусот, како на природен начин да се заштитиме?
Исхраната е многу важна алка во синџирот за заштита од бактерии вируси и настинки. За добар имунитет и подготвеност на организмот да се бори со сите непријатели вклучувајќи го и корона вирусот потребно е постојано работиме на јакнење на имунитетот преку здрав начин на исхрана и здрави навики.
Здравата исхрана и навиките околу неа потребно е да се присутни секојдневно. Со секој оброк да се воспостави баланс во организмот, да се внесува разновидна храна која ги содржи најважните витамини, минерали и антиоксиданци кои учевствуваат во борба со вирусите, настинските и бактериите а тоа се:
Витамин Д – важен во исхраната бидејќи спречува појава на депресија и го зајакнува имунолошкиот систем и коските, неговиот дефицит се поврзува и со појавата на деменција и рахитис. Храна во која е присутен Витаминот Д се риба, печурки, кисело млеко, јогурт.
Витамин Ц е еден од најважните витамини за човековиот организам и може многу да помогне во борбата со вирусите, бактериите и настинките. Исто така, тој е силен антиоксидант и учествува во многу биолошки процеси во организмот. Извори на витамин Ц се цитрусни плодови, коријандер, мајчина душица, магдонос, босилек црвената зелка, бабурите, шумските плодови и др.
Витамин Б најмногу е застапен во зрнестата храна како пченица, ориз, овес, ’рж, се среќаваат и во зеленчуците со зелени лисја, месото од домашни птици, рибата, јајцата, јаткасти плодови и гравот.
Селен е минерал кој е од големо значење, во организмот се внесува исклучиво преку храна, присутен е скоро во сите намирници, макар и во траги, а најприсутен е во морските плодови, рибите, особено во сардината, ракчињата и лигњите. Застапен е и во жолчката на јајцата каде што е присутен и витаминот Е, во бразилското оревче и во јаткастите плодови.
Продукти од растително потекло кои се богати со селен се триците, `ркулци од пченица, пченка, домати, квасец, печурки, лук, црн леб, и пецива направени од интегрално брашно. Пченката претставува едно од најбогатите, а истовремено и најдостапни извори на селен. Истото се однесува и на лукот.
Освен пченката, богат со селен е и квасецот, особено пивскиот во кој не само што го има во голема количина, туку и се наоѓа во таква биолошки активна форма што лесно се усвојува од страна на организмот. Цинк е вториот најзастапен минерал веднаш по железо, потребен е за здрав имун систем, за правилна функцијата на тироидната жлезда, половите хормони и за одржување на нормално ниво на глукоза во крвта. Застапен е во мешунки, јаткасти плодови, полнозрнаста храна, житарки итн. Секојдневното присуство на здрава, избалансирана и разновидна исхрана богата со овие витамини и минерали. Доволното хидрирање, минимална физичката активност и квалитетен сон можат знчително да помогнатат во борбата со вирусите.
Што треба да се конзумира во овој период од годината?
Зимата за многумина е омилен период од годината поради семејните прослави, празници и заедничките богати трпези, но од друга страна ова е период во кој најприсутни се настинките и вирусите. Поради овие факти, но и намалената физичка активност потребно е да бидеме внимателни и умерени околу изборот на храна.
Моја препорака е присуство на сезонските овошја и зеленчуци особено храната богата со витамини и минерали кои ги спомнав погоре да биде секојдневно присутна во оброците, но и да не се изоставаат протеините и јаглехидратите и здравите масти. Хидрирањето е многу важно и во зимскиот период и препорачувам да не заборава и да не се изоставаат течностите и задолжително да се внесуваат во текот на денот, со исклучок на газираните и обоени пијалоци и алкохолот и да се одбегнува храна богата со шеќери, адитиви и вештачки бои.
Луѓето апсурдно веруваат на маркетиншки трикови за тоа што е здраво, која е најголемата заблуда што ја имате забележано кај луѓето?
Генерално голема е свесноста и луѓето одлично знаат да направат разлика во тоа што е навистина здраво, квалитетно и потребно па затоа мислам дека потешко е да се доведат во заблуда. Единствено што можам да препорачам е секогаш да бидат внимателни околу изборот на намирниците, да ги читаат декларациите, составот и потеклото на продуктот.
Живееме во едно брзо време, каде често луѓето од недостиг на време посегнуваат по брза храна, како да направиме навика здраво да се храниме?
Со однапред испланирани и соодветно подготвени оброците, план на исхрана и умереност во јадењето може да постигнеме одличен баланс со кои секојдневно ќе внесуваме здрава храна.
Какви се нутриционистички програми имате за помош на луѓето кои се соочуваат со вишок килограми?
Програмите на исхрана кои ги правам јас се индивидуални, секој клиент има различни потреби и здравствена состојба, па според тоа се разликуваат и програмите на исхрана. Пристапот е индивидуален и слободата е голема во изборот на намирниците и оброците.
Целата во создавањето на програмот на исхрана е пред се да се создадат здрави навики, да се подобри целокупното здравје и да се постигне посакуваната цел на клиентите. Покрај програмите за слабеење правам и програми на исхрана за многу здравствени состојби, а во последно време се поактуелно е барањето за програм на исхрана по прележување на Ковид и по примање на антибиотска терапија.
Колку вода треба да пиеме во текот на денот и како треба да биде распоредена?
Водата игра значајна улога во сите биохемиски процеси во нашиот организам. Незиниот внес во текот на денот потребно е да биде правилно распределен пред и по оброците за да не го успори метаболизмот.
Најдобро е дозирањето да биде според подвижноста и активностите во текот на денот, според здравствента состојба, килограмите и возраста но тоа да не биде помалку од 1,5 литар дневно.
Каква треба да биде исхраната на децата?
Во време на интензивен раст и развој важно во исхраната кај децата е да ги обезбедува нутритивните потреби кои придонесуваат за правилно да се одвива овој процес.
Во планирањето на оброците кај децата потребно е да се земат многу фактори предвид но пред се исхраната треба да биде рационална, избалансирана да ги обезбедува сите хранливи состојки во одредени количини, да е разновидна, сезонска и урамнотежена.
Каква е вашата исхрана? Што сочинува?
Со оглед на брзиот начин на живот кој го живеам секога се трудам мојата исхрана да биде редовна, избалансирана, здрава и да ми обезбеди доволно витамини и доволно енергија за целиот ден.
Утрото секогаш ми е дел од денот во кој ги подготвувам оброците за целиот ден. Однапред испланираните и подготвени оброци допринесуваат секогаш во соодветно време да биде секој оброк. Денот го започнувам со напиток најчесто со свежо цеден сок или чај.
Доручекот најчесто се состои од житарици со овошје/ Ручекот секогаш е време за вкусен оброк кој често е протеински или скробен, во комбинација со свежа сезонска салата, и вечерата е простор за топла супа од кои омилена во овие зимски денови е супата од тиква :)
Колку често си дозволувате да јадете некоја намирница која важи за храна која и не е толку здрава?
Во принцип ги одбегнувам намирниците кои влегуваат во категорија на храна која не е многу здрава, особено одбегнувам намирници од кои нема бенифит од конзумирањето но и храна која негативно влијае на здравјето.
Како да се мотивираат луѓето кои имаат премногу килограми да почнат да се хранат здраво?
Вишокот на килограми не e само естетски проблем, многу често со оваа состојба зголемен е ризикот од појава на сериозни здравствени проблеми
Здравствената состојба најчесто е најголем мотив за размислување да се започне со процес на намалување на килограмите, но при изборот на начинот на намалувањето на килограмите потребно е да се избере вистинскиот, за да не дојде до разочарување или појава на т.н. Јојо ефект и враќање на килограмите.. Со персонализиран програм на исхрана направен од стручно лице според здравствената состојба на клиентот резултатите се видливи и се чувствуваат за многу кратко време, па како постепено се намалуваат килограмите така мотивот и желбата се зголемуваат. Уште поголем мотив имаме по направената прва контрола на крвта, кога резултатите од крвната слика се значително подобрени.
Ова е доволна причина за лугето да почнат да размислуваат преку здрав начин на исхрана без гладување, со правилно распределени оброци, да стигнат до посакуваната цел и да ги намалат килограмите притоа да немаат последици по здравјето, напротив да ја подобрат својата здравствена состојба.
Фото:https://www.instagram.com/sayeswedding_photography/