Снег ќе натрупа низ градовите во Македонија – УХМР најавува минусни температури

УХМР објави метео предупредување за студен бран во кој се најавува драстична промена на временската прогноза.
Под влијание на влажен и студен бран во сабота ќе има значителна промена на времето со врнежи, кои на места ќе бидат пообилни (над 25 л/м2). На планините врнежите ќе бидат од снег, а во текот на денот врнежите од дожд ќе преминат во снег и на пониските места.

„Ни остануваат уште два дена да уживаме во релативно пријатното и релативно суво време“, прогнозира метеорологот Славчо Поповски.
Веќе за време на овој викенд спуштањето на поларниот воздух од Арктикот кон нашите краишта ќе придонесе за формирање на силен снежен циклон над Средоземјето, па така врнежите кои ќе ги имаме во сабота, попладнето и вечерта насекаде ќе преминуваат во врнежи од снег.
За време на викендот во најголем дел од Македонија ќе се формира снежна покривка (во градовите од 10 до 20 сантиметри, понекаде и до 30 сантиметри, а на планините и на Скијачките центри таа ќе биде околу, понекаде и над 50 сантиметри).

Снег и помала снежна покривка очекува и Скопската котлина, а на околните планини таа ќе биде поголема.
Сето ова ќе биде проследено со засилен ветер од северен правец, а температурите значително ќе опаднат и ќе бидат како среде зима, а не како за крај на месец ноември.
Особено студено утро ќе имаме во понеделник и тогаш температурата понекаде ќе се спушти дури и под -10 степени. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од -3 до 4 степени.

Прогноза за 25.11.2023
Минимална температура: 4°C до 9°C
Максимална температура: 6°C до 13°C
Облачно со пообилни врнежи, кои во текот на денот во поголем дел од земјата ќе преминуваат во снег и во пониските места. На планините ќе се формира поголема, а во некои пониски места помала снежна покривка. Ќе дува засилен северен ветер, а температурите значително ќе опаднат.
Прогноза за 26.11.2023
Минимална температура: -5°C до 3°C
Максимална температура: -1°C до 7°C
Претпладне наместа ќе провејува слаб снег, а во текот на денот сончево и студено со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.




