Адвокатката која е позната по своите либерални сфаќања Зузана Капуто (45) победи на претседателските избори во Словачка, со што стана првата жена на претседателската функција во историјата на Словачка.
Спротивно на трендот на зајакнување на анти-европските популисти и политичари низ целиот континент, 45-годишната Капуто победи најмногу благодарение на бранот на незадоволството на јавноста заради корупцијата. Победи во вториот круг, освојувајќи 58,3 отсто од гласовите, по обработени повеќе од 98 отсто од избирачките места.
Независниот кандидат Марош Шефчович, 52-годишниот заменик-претседател на Европската комисија, која ја поддржува владејачката партија СМЕР-СД (лево популисти), доби 41,7 отсто од гласовите.
Промените во владата на оваа европска земја започнаа во февруари минатата година, по масовните протести во врска со убиството на новинарот Јан Куциак.
Критика на црквата и конзервативците
Капуто учествуваше во протестите, по убиството на новинарот, што тогашната влада ја донесе во непријатна позиција и предизвика сериозна политичка криза во земјата со 5,4 милиони жители, која е членка на Европската унија и НАТО. Таа е член на Прогресивната Словачка која вети дека ќе ја напушти, ако биде избрана за претседателка, а беше поддржана од страна на опозицијата, помалата партија во владејачката коалиција што го претставува унгарското малцинство и досегашниот претседател Андреј Киска.
Нејзиниот говор го почна заблагодарувајќи им се на своите гласачи на словачки и на малцинските јазици – унгарски, чешки, ромски и русински.
Црквата и други конзервативни групи ја критикуваат поради позицијата на абортусот и хомосексуалноста.