Силно невреме ќе го зафати Балканот – Многу дожд доаѓа кон Македонија!

Славчо Поповски во својата метео анализа што ја објавува на неговата интернет страница и на Инстаграм најавува дека целиот Балкански полуостров, вклучувајќи ја и Македонија во следниот период ќе биде под влијание на моќен Џеновски циклон и на влажни воздушни бранови, но и под силно јужно и југозападно воздушно струење кое и понатаму ќе ни носи натпросечно високи температури на воздухот.

Во голем дел од регионот се очекува олуен јужен ветер кој би можел да направи и штети, а поради очекуваните обилни дождови се можни и локални поројни поплави.
Попоски вели дека голем влажен воздушен бран кај нас се очекува во петок навечер и во текот на ноќта кон сабота, како и во сабота кога насекаде ќе има врнежи од дожд.

Овој влажен бран, Попоски го најавува и на денот на големиот верски празник митровденската Задушница.
На Задушница освен што се оди во црква каде што се служи литургија и парастос се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите, па на тој ден сите што изразуваме почест и почит кон починатите посакуваме и времето да ни се погоди. Но, еве што вели метоалармот за сабота:

„На повеќе места интензивни и локално проследени со појава на грмежи и со силен јужен ветер, а не се исклучува можноста овие процеси да бидат застапени во форма на невреме, кога е можна и појава дури и на град.
Во петок на повеќе места ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (локално над 80 км/час). Ветерот ќе продолжи и во деновите потоа и повремено ќе биде засилен на интензитет и од југозападен правец“, прогнозира Поповски според кого до недела локално кај нас ќе наврне позначително количество на воден талог (над 50 л/м2).

Температурите иако за некој степен пониски, сепак и понатаму ќе бидат над просекот за овој период од годината и максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 17 до 24 степени.
Барем според моменталните анализи, појава на мраз и на поголемо заладување кај нас не се очекува во првата половина од месец ноември, што значи и покрај врнежите продолжуваат пролетните температури, иако навлегуваме се подлабоко во есента.




