Откако во еден од најголемите православни манастири во Источна Европа, манастирот во украинскиот град Почаево се појави епидемија на коронавирус полицијата почна со засилени контроли да проверува кој влегува и кој излегува од градот.
Во манастирот стар 500 години кој е еден од најпопуларните дестинации за православните аџии во регионот, заразени се десетици луѓе, а меѓу нив и свештеници, а има и смртни случаи.
Украинските власти веќе го затворија познатото светилиште, Киевско-печерската лавра, откако се заразиле околу 150 лица.
Поради ширењето на заразата полицијата во вторникот ги блокираше патиштата кои водат во Почаево и манастирот кој внатре во градот е опкружен со древен ѕид.
Манастирот Почаевска лавра припаѓа на украинскиот огранок на Руската православна црква. Стотици илјади аџии од Полска, Молдавија, Русија, Белорусија и Бугарија оваа дестинација ја посетуваат секоја година. Властите од манастирот негираат дека избила епидемија, но претседателот на Молдавија Игор Додон уште на крајот на март рече дека верниците кои го посетиле, се заразени од Ковид-19.
Во Почаево живеат околу 8.000 луѓе и се смета дека свештениците имале контакт со многу од нив. Украинската влада немала пристап на просториите за тестирање од коронавирусот, но со тек на време почнаа гласини дека се повеќе монаси се заразени.
Манастирот демантираше, но ситуацијата се промени минатата недела кога четворица свештеници кои живеат во Почаево се тестирани позитивно.
Пред православниот Велигденски викенд регионалните власти побараа од манастирот да се затвори во текот на празниците, јасно укажувајќи дека манастирот бил извор на зараза за луѓето кои живеат во градот, меѓутоа стотици верници дојдоа и покрај полициската забрана. Уште 13 новозаболени – вклучувајќи и свештеник кој го посетил манастирот – регистрирани се на 20. април, додека жена на возраст од 43 години ѝ подлегна на болеста.
– Регионалните власти одлучија целосно да го затворат градот од 22 април-изјави за Би Би Си Володимир Стефански, шеф на советот.
Официјални лица од манастирот негираа дека избила епидемија, но во вторникот им рекоа на верниците да ја напуштат Лавра и да ги однесат децата дома.
– Никоја да не ппоминува оттука. Ако не послушате, ќе имате големи проблеми – им рекоа на луѓето.
Во овој манастир се вработени многу жители на Почаево, па се смета дека властите се двоумеле да ја притиснат неговата управа. Во Украина инаку над 80 проценти од населението е православно.