Покрај Албанија и Косово, уште во три европски држави членки на ЕУ и на шенген може да се патува со стар пасош

На граничниот премин Блаце за влез во Косово, и македонските и косовските гранични служби пропуштаат македонски патници со лични документи без новото уставно име, бидејќи така им било кажано од косовските институции.
Со старите лични карти некои на граница си ја пробуваа среќата дали ќе ги пуштат, други пак веќе добиле информација и дека без Северна Македонија ќе може да влезат во Косово.
Дел од патниците ги обезбедиле новите документи за на пат, други пак пробуваа да излезат од Македонија со стари лични карти.
Имаше и Македонци кои доаѓаа од странство, што воопшто и не знаеле дека стапува на сила обврската од Преспанскиот договор.
Но и со стар пасош и лични карти, без никаков проблем влегоа во Македонија.
Без Северна Македонија во лична карта, покрај Косово, може да се влезе и во Албанија.
Повеќе европски држави, дел од нив членки на Шенген-зоната, дозволуваат влез и излез на нивните гранични премини со пасош со старото уставно име – Република Македонија, покажува праксата од изминатите неколку дена, вели доброупатен дипломатски извор за „360 степени“.
Од членките на ЕУ и на Шенген, станува збор за Германија, Швајцарија и Бугарија, а нивниот пример не е исклучено да го следат и други држави во Европа.
Во овие земји има бројна дијаспора од Македонија, која е со постојан работен ангажман, па државите не сакаат да ја стават во ризик домашната економија, со оглед на проблемите со замената на патните исправи на македонските државјани согласно роковите во Преспанскиот договор.

Од земјите во регионот, со стар пасош може да се патува и во Албанија и во Косово.
Официјално известување или потврда за ваквите одлуки не треба да се очекува од овие држави или барем од повеќето од нив зашто не би сакале да се доведат во непријатна позиција пред Грција, вели изворот на „360 степени“.




