Институтот Пастер од Лил идентификуваше молекула за која се истакнува дека е многу ефикасна врз инфицираните клетки од коронавирус ин витро, односно во лабораториски услови. Сега почнува клиничко испитување за да може третманот, како што во Франција се надеваат, наскоро да се појави на пазарот.
Овој институт за разлика од останатите, употреби поинаква метода кој им овозможи да ја скратат процедурата и да не чекаат со години да добијат дозвола за употреба на лекот.
Истражувачите од Институтот Пастер во најсеверниот француски град се досетија, едноставно, да ги испитаат состојките на постоечките лекови на светскиот пазар за кои се претпоставува дека би можеле да бидат од корист. Намерата им била на тој начин да ја избегнат долготрајната процедура за регистрација на потполно нов лек.
Истражувајќи, дошле до спасоносна молекула, меѓу 2.000 кои ги тестирале.
Молекулата е испитана врз клетки од човечки бели дробови и дала многу ветувачки резултати, истакна научниот директор од институтот Беноа Депре. Го убива вирусот и тоа, како што вели Депре, во доза триесет пати помала од онаа која во основа е предложена.
Делува антивирално, а не антиинфламаторно. Земен на време, со првите симптоми, спречува ширење на вирусот, а во подоцнежните фази овозможува избегнување на тешки случаи, што однесуваше човечки животи.
Вакцина сепак е непходна
Научниците истакнуваат дека вакцината против ковид-19, во ситуација кога општиот имунитет на популацијата е исклучително мал, во секој случај е неопходна, без оглед на ветувачкиот третман на лекот од Лил. Зошто, лекот го смалува или уништува веќе добиениот вирус, додека вакцината спречува да дојде воопшто до инфицирање.
Имајќи во предвид дека потекнува од веќе постоечки лек, споменатата активна состојка има малку несакани ефекти, порача научниот директор Депре.
Овој медикамент, кој стои на полиците од аптеките ширум светот, се користи повеќе од 10 години за други болести.
Во Институтот не сакаат да соопштат за кој лек станува збор, од оправдани причини, пред се поради претпазливост додека истражувањата не завршат, но и затоа дека Французите, како и луѓето од целиот свет би потрчале во аптеките во потрага по „магичното“ апче. Името на лекот ќе биде откриено дури тогаш кога сите тестирања ќе бидат готови.
За оваа, клиничка фаза, ќе бидат потребни околу 5 милиони евра. Во Лил планираат да го испитаат лекот врз испитаници веднаш после тестирање, ако се утврди дека се позитивни на коронавирус. Истовремено, ќе постојат и друг вид учесници во проектот кои ќе добијат плацебо, односно лажна таблета, без знаење на лекарите и пациентите, за точно да се утврди дејството.
Ова клиничко истражување би требало да трае само два до три месеци, а лекот, според најавите од Лил, би можел да се појави во продажба на самиот почеток од 2021 година.